Луѓето масовно нудат бесплатно сместување на Јадранот за деца со инвалидитет

Луѓето масовно нудат бесплатно сместување на Јадранот за деца со инвалидитет

Подготвил: Тамара Гроздановски

Прекрасна епидемија на хуманост ги зафати луѓето од Балканот ова лето - стотици луѓе нудат бесплатно сместување за семејствата чии деца имаат проблеми во развојот.

јадран

Сè започнало со мотото „Не е сè во парите“, со цел да се обезбеди бесплатно сместување на море за семејствата од целиот регион кои имаат деца со потешкотии во развојот. За брзо време била основана и група на Фејсбук, а нејзиниот основач Вера Матулиќ вели дека не очекувала групата да се прошири над 5.000 луѓе.

„Видов оглас од една госпоѓа од Дубровник која нудеше бесплатно сместување и се воодушевив. Го направив истото и за неколку минути и двете веќе имавме гости. Тогаш одлучив да основам група за да можеме да сместиме барем уште неколку семејства. Воопшто не очекував ваква реакција, дека групата ќе се прошири со брзина на светлината. За три недели веќе имавме 5.000 членови“, вели Вера.

Членовите од групата воглавно се од Хрватска, но ги има и од Црна Гора и Босна. Се појавија и неколку луѓе од Македонија. Во групата нема поделба Срби, Хрвати, Босанци, Црногорци, Македонци. Организаторката Вера вели дека од време на време го добива прашањето: „Дали може ние од Србија да дојдеме?“

„А зошто не би можеле? Болеста, болката, децата не познаваат граници. Ајде ова лето сите да бидеме една планета“, вели Вера, објаснувајќи дека на акцијата се придружиле и угостителите кои нудат бесплатни излети и ручек.

Вратата од своите домови за децата со Даунов синдром и аутизам и нивните родители, веќе ја отвориле Инес и Жељко Главиниќ, и почесниот конзул на Босна и Херцеговинa Џемил Талиќ Габриел со сопругата Крис Габриел.

„Благодарение на мојата сосетка, Инес, дознав за акцијата и веднаш се приклучив на групата Изнајмувачи со срце и понудив бесплатно сместување за семејствата кои имаат деца со Даунов синдром и аутизам. Во рок од 10 минути од поставувањето на постот на групата ми стигнаа бројни пораки, па апартманот беше пополнет до крајот на октомври, а наскоро го очекуваме и првото семејство“, вели Талиќ Габриел.

„Среќна сум што јас и сопругот можеме барем на кратко да направиме среќни и да предизвикаме насмевка на лицата на децата и нивните родители кои се од нас различни само по тоа што се справуваат со болеста на извонреден начин. Ја користам оваа можност да им апелирам на другите да се приклучат во акцијата и да им овозможат на децата и нивните семејства да ја почувствуваат магијата на летото со мирисот на морето: Отворете ги вратите, донесете насмевка и среќа на лицата на децата, не чини многу!“, вели сопругата на Габриел.

Како до сместување?


Доколку имате дете со посебни потреби сè што треба да направите е да погледнете во понудите кои веќе се наоѓаат на групата и да им се јавите на хуманите луѓе кои нудат сместување. Со оној кој издава сместување директно договорете се со датумот и сите детали. Исто така, потребно е да докажете каков проблем има вашето дете. Ова се прави за да не дојде до измами.

Во целата приказна нема никаков посредник ниту агенции на кои им се даваат пари - оваа група едноставно служи за да ги спои родителите со хуманите сопственици на сместувањето.