За земјотресите во Охридско

За земјотресите во Охридско

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Лектор: Ивана Кузманоска

Изминатите 15-ина дена охридското подрачје е зафатено од серија слаби до умерени земјотреси, чиј вкупен број достигна над 1000. Причината за нивната појава е акумулираната сеизмичка енергија вдолж раседите покрај северната страна на планината Галичица, особено на нивниот пресек. Всушност, споменатите раседи го одвојуваат тектонскиот блок на планината Галичица, од блоковите на охридскиот и преспанскиот гребен (котлина, депресија). Поради регионалните притисоци и поместувања (треба да се знае дека подрачјето на Македонија е во близина на зоната на главниот судир – субдукција на африканската и европската континентална плоча), овие блокови со текот на времето собираат голема енергија на напрегање. По надминување на критичната точка, се јавува поместување и ослободување на насобраната енергија – нешто што го регистрираме како земјотрес (за повеќе информации види овде). Тоа значи дека овие 15-ина дена, со секој нов земјотрес, доаѓа до мало поместување од неколку милиметри на блоковите на Галичица, охридска и преспанска депресија – природен процес кој трае со милиони години, а ќе продолжи и во иднина.


Раседни структури (црвени линии) и сеизмичкиот јазол (кругот) североисточно од Охрид, каде се јавија најголем број земјотреси во последните 15 дена. 

Со денешната состојба на науката и технологијата никој не може со 100% точност да предвиди кога, каде точно и со колкава јачина ќе се случи некој земјотрес, а истото важи и за охридското подрачје. Сепак, од историски извори и сеизмички следења, познато е дека областа помеѓу Охридско и северна Преспа е сеизмички активна. Статистички, според историски податоци и реконструкции, во охридското епицентрално подрачје силните земјотреси над 4,5М се многу ретки (на 50-100 години), со и над 5М се уште поретки (на 150-500 години), а со и над 6М на околу 2000 години еднаш. Според геолошко-седиментолошки записи, најсилен земјотрес во охридско-коселската област во холоценот достигнал 6,1-6,5М (малку појак од скопскиот во 1963 година), а нешто послаб земјотрес се случил во VI век, со околу 5,8-6М. Во областа, посилни и почести земјотреси се забележани на јужниот брег на Охридското Езеро кон Поградец и Корча, со магнитуди до околу 7М. Значи во однос на некои останати сеизмички активни подрачја во Македонија (Валандовско, Скопско, Дебарско и др.), Охридско е со значително помала зачестеност на силни и катастрофални земјотреси (над 6М).


Максимална појавена и очекувана магнитуда и интензитет на земјотреси во ЈЗ дел на Македонија (според Јанчевски, 1987; Арсовски, 1997 и др.). 

Последната серија земјотреси, од крајот на јуни и почетокот на јули 2017 година, имаше длабочина на жариштето од 2 до 10 km. Длабочината на досега најсилниот земјотрес од 5М од 10 km е одговорна за големата регионална распространетост до радиус од околу 150 km (колку жариштето е поплитко, толку генерално распространувањето е поограничено). Иако тешко може да се предвиди, шансата за посилен земјотрес од веќе случениот од 5М (во однос на максималните забележани, типот на раседите и локалните блокови) е мала и во овој период не би требало да се очекува. Според магнитудата, тоа е умерен земјотрес и обично не предизвикува поголеми штети. Во случајот со Охрид, проблем е големиот број постари објекти што претрпеа штета поради слабата градба, доградбите, надградбите, разни градежни додатоци и сл. Она што треба да се очекува се поголем број последователни земјотреси (т.н. афтершокови) кои постепено ќе слабеат и ќе се проретчуваат во следните денови и недели. Всушност, една од спецификите на „охридските земјотреси“ беше малата разлика помеѓу главниот удар, претшоковите и постшоковите (5М, 4.2М, 4.1М…), поради што тешко можеше со сигурност да се потврди главниот земјотрес.

Треба да се напомене дека земјотресите во Охридско немаат и не може да имаат никакво влијание за појава на последователен земјотрес во други делови на Македонија, освен во самата охридска депресија на македонска и на албанска страна, потоа во северниот дел на Преспа и соседните депресии на југозапад во Албанија. Делумно може да предизвикаат зголемено напрегање на илинско-плакенскиот блок, со сосема мала веројатност за „пренос“ на напрегањата во Дебарско. Причината е локалното потекло на земјотресите во овој охридско-коселски сеизмички јазол. Доколку во наредниот период се појави земјотрес во другите региони на нашата држава (освен наведените), тој нема да „произлезе“ од охридските земјотреси, туку од локалните геотектонски и сеизмички состојби.


Солфатарата „Дувало“ кај с.Косел – типична појава на исфрлање на сулфурни гасови во некогашни вулкански области. 

Во однос на последиците на земјотресите во Охридско, треба да напоменеме дека нема никаква опасност од „ерупција на Косел“ (освен минимално зголемено исфрлање на гасови). Всушност, сосема погрешна е шпекулацијата во медиумите за некаков коселски вулкан и сл. Нема вулкан во Косел, ниту некогаш ќе има, туку станува збор за солфатара (со делумен карактер и на мофета) од која избива сулфур водород и во помала количина јаглероден диоксид. Се смета дека солфатарата е остаток од некогашната вулканска активност на овие простори, која завршила пред околу 15 милиони години (последниот вулкан на подрачјето на Македонија престанал да функционира пред околу 2 милиони години). Поврзаноста на пукнатините на Косел со гасните комори на длабочина од неколку стотици метри овозможува перманентно исфрлање на гас со послаб или посилен интензитет. Денес, длабочината до магма-зоната под Косел и Охридско (а и територијата на Македонија) е над 60 km, нема плиток магматски-лавичен резервоар, ниту ултра длабока дислокација, а со тоа нема ни теоретски шанси за појава на каков било вулкан во областа. Во таа смисла, Косел ќе продолжи да функционира онака како што исфрла гасови со векови, а земјотресите во областа може само незначително да влијаат на концентрацијата на исфрлените гасови. Уште помала е шансата за појава на мини-езерско цунами (тоа би можело да се појави само доколку настане огромен одрон или свлечиште кон езерото, меѓутоа, засега нема услови за такво нешто).



Значи, според очекуваната дури и максимална магнитуда, типот на подлогата под Охрид, еластичноста на карпите и др., нема потреба од страв за некаков разорен земјотрес или големи штети и жртви. Единствено треба повеќе да се внимава ако се живее или се поминува покрај стари објекти без бетон и арматура и со издадени балкони, натстрешници, лимени и други додатоци, високи оџаци и др. и тоа особено во следните неколку денови додека трае земјотресната серија и особено во селските населби кон епицентралниот дел. А „вулканот Косел“ е само медиумска измислица („атракција“), која може да биде полезна единствено за туристички цели – нема никаква реална основа.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo