Во Турција нема да се учи Дарвиновата теорија
(
Фото: Pixsell)
Во вторникот Турција најави нов наставен план без Теоријата за еволуцијата на Чарлс Дарвин, со што се појавија стравувања дека претседателот Ердоган ги поткопува секуларните темели на државата.
Водачот на синдикатот на учителите ги опишал промените како голем чекор во погрешна насока за турските школи и обид да се избегне одгледување „генерации што ќе поставуваат прашања“.
Министерот за образование Исмет Јилмаз рекол дека главните елементи на еволуцијата веќе се во научните планови, но дека Дарвиновата теорија нема да се споменува до факултетот.
„Затоа што е над нивото на учениците и не е непосредно поврзана, не е дел од школските планови“, рекол Јилмаз на конференција за медиумите.
Застапникот на Републиканската народна партија, Мустафа Балбај, рекол дека во најмала рака е навредливо за учениците да се каже дека теоријата на Дарвин е над нивното ниво на разбирање.
„На 18-годишниот ученик му давате право да избира и да биде избран, но не му давате право на училиште да учи за Теоријата на еволуцијата... Тоа значи да се биде ограничен и неук.“
Теоријата за еволуцијата ја отфрлаат и христијанските и муслиманските креационисти кои веруваат дека Бог го создал светот како што е напишано во Библијата и во Куранот, односно во текот на шест дена.
Во минатото, Ердоган зборуваше за одгледување „побожни генерации“.
Наставниот план, кој ќе се применува од почетокот на учебната 2017/2018 година, исто така ги обврзува сѐ помногубројните верски училишта да поучуваат дека концептот џихад во својот дух е патриотски.
„Вистинското значење на џихадот е љубов кон својата нација“, рекол Јилмаз.
Иако џихадот често се преведува како „света војна“, муслиманските теолози истакнуваат дека се однесува и на посебна духовна борба против гревовите.
Мехмет Балик, претседател на Синдикатот на работниците во образованието и науката, го осудил новиот наставен план.
„Новите политики што забрануваат учење на Теоријата за еволуцијата и од училиштата бараат да имаат простории за молитва, ги уништуваат начелото за секуларност и научните начела на образованието“, изјавил тој.