Туристички агенции продаваат и аранжмани што не постојат

Туристички агенции продаваат и аранжмани што не постојат

Подготвил: Д.Ф.

Лектор: Ивана Кузманоска

Граѓаните што сметаат дека се оштетени или измамени од туристичка агенција треба да поднесат приговор до агенцијата, а ако тоа не вроди со плод, треба да пријават во Државниот пазарен инспекторат и да бараат да им се вратат парите.



На само еден ден пред поаѓањето за Грција, на летување кое го уплатил преку туристичка агенција уште во февруари, скопјанецот М.Ф. добил повик од вработен во агенцијата кој го информирал никако да не тргнува на одмор бидејќи хотелот во кој има уплатено е пребукиран и за него и за неговото семејство нема место.

- Останав вчудовиден. Како е можно да нема место кога уште во февруари агенцијата ме извести дека мојата резервација е потврдена, а јас уредно го уплатив целиот одмор. Побарав објаснување од вработениот во агенцијата, но само добив „утеха“ дека ќе направат сè што можат за да ја средат ситуацијата, а јас да бидам спакуван и да ги чекам да се јават во следните неколку дена за да ми дадат „зелено светло“ да тргнам на одмор со семејството - раскажува М.Ф.

Следните неколку дена ги поминал во константна бркотница со вработените во агенцијата, во безброј телефонски разговори и испратени е-пораки до хотелот во Грција каде што требало да престојува. Оттаму добил информација дека агенцијата во февруари побарала да резервира соба за М.Ф., но од хотелот стигнало известување дека за посакуваниот период во лето нема место.

- И покрај таквиот одговор, луѓето од агенцијата ме излажаа дека сè е во ред, дека резервацијата е потврдена и ме оставија да ги уплатам парите. Кога од хотелот ми ги препратија е-пораките што ги размениле со агенцијата, сфатив дека сум измамен. По огромен притисок, пријава во надлежните институции и нивна интервенција, агенцијата ми ги врати парите. Иако останавме без патување на море летово, јас барем имав среќа да си ги вратам парите. Познавам многу луѓе што поради вакво однесување на туристичките агенции останаа и без пари и без одмор - револтирано вели М.Ф.

Неговиот случај не е единствен. Надлежните институции во земјава во лето се преплавени со поплаки од незадоволни или измамени граѓани од туристичките агенции. Најголем дел се жалат на несоодветно сместување, лош превоз, откажување на патувањето од страна на агенцијата во последен момент, но има и такви кои дури по пристигнувањето во странство сфатиле дека агенцијата за нив воопшто не резервирала сместување. Некои дури кога ќе стасаат на местото предвидено за одмор сфаќаат дека агенцијата им продала непостоен аранжман.

Во вакви ситуации, кога граѓаните сметаат дека се измамени од туристичката агенција или, пак, се незадоволни од услугата, прво треба да поднесат приговор до агенцијата најдоцна 8 дена по завршувањето на уплатениот аранжман и да бараат враќање на дел или на целиот уплатен износ. Доколку агенцијата им го одбие приговорот и не прифаќа да им ги врати парите, граѓаните може да пријават во Државниот пазарен инспекторат, кој е должен да излезе на терен. При пријавувањето во Пазарна инспекција, оштетените граѓани мора да приложат фискални сметки, копија од потпишаниот договор со агенцијата, фотографии и сл. Ако инспекторите утврдат дека туристичката агенција навистина ги прекршила потрошувачките права на клиентот, пазарните инспектори даваат рок од пет дена да постапи според договореното со потрошувачот. Доколку агенцијата не го стори тоа, ќе добие забрана за вршење дејност, а против неа ќе се поведе и прекршочна постапка.

Туристичките работници препорачуваат пред да се склучи договор со која било агенција, да се провери дали таа има валидна лиценца за работа и задолжително да се потпише договор пред граѓаните да ги уплатат парите за одмор. Сепак, туристичките работници нагласуваат дека поседувањето лиценца за работа не секогаш е гаранција за квалитетна услуга, па поради тоа, граѓаните треба добро да се информираат пред да одлучат да ги користат услугите на некоја агенција.

Во рамките на Стопанската комора за туризам (СКТ) функционира Совет на честа, тело кое посредува при евентуални спорови меѓу членките на Комората и трети засегнати страни, најчесто оштетени граѓани. Ова тело нема надлежност во споровите во кои се вклучени туристички агенции што не се членки на СКТ.