Одличен трик како да го победите одложувањето на обврските

Одличен трик како да го победите одложувањето на обврските

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

роман

Повеќето од нас не се добри во замислувањето како нашите активности ќе влијаат врз нас долгорочно. Сепак, истражувањата велат дека визуализацијата на себеси во иднина може да биде новиот начин со кој би можеле да го победите одложувањето на обврските.

Теоријата вели дека ако постојано се замислуваме себеси во блиска иднина, како и секојдневните одлуки што ќе влијаат врз нас во иднина, тогаш може да си помогнеме при донесувањето добри итни одлуки бидејќи лесно е да се замислат долгорочните последици.

Дел од идејата доаѓа од истражувањето спроведено од Хал Хершфилд, психолог и професор по маркетинг на Школата за менаџмент при Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес, кој проучува како нашата перцепција за времето може да го промени донесувањето одлуки.

Во серијата од четири експерименти од луѓето било побарано да комуницираат со „идните себеси“ - дигитално изменети портрети што ги покажувале на повозрасни години - преку програма за виртуелна реалност. Хершфилд утврдил дека оние што комуницирале со „идните себеси“ имале поголема веројатност да издвојат пари за нивната хипотетичка сметка за заштеда.

Хершфилд вели дека често пати се однесуваме на начин кој би можел да биде штетен на долг рок: „Слично е кога денес јадеме нездрава храна и се соочуваме со последиците во наредниот период“, вели тој.

„Но кога им помагаме на луѓето да визуализираат и длабоко да ја разгледаат својата иднина, тогаш се зголемува тенденцијата да дејствуваат на начин што е повеќе ориентиран кон иднината“, додава тој.

Оваа идеја може да се примени во менаџирањето со времето. На пример, можеби за вас не е консеквентно ако го одложите проектот за уште еден ден и го поминете попладнето на „Фејсбук“. Но ако се замислите себеси со дополнителниот стрес предизвикан од оваа мала одлука, откако рокот ќе дојде, тоа може да ви помогне да почнете да работите.

Секако, оваа идеја не секогаш е клучна за завршување на одложувањето или промена на однесувањето бидејќи не сите луѓе што ги одложуваат обврските го прават тоа поради истите причини. Наместо тоа, важно е да се разбере причината за одложувањето.

На пример, ако причината за одложувањето е поради тоа што едноставно не уживате во извршувањето на една задача или се плашите дека нема да успеете, замислувањето себеси во иднина може да предизвика уште поголема анксиозност. „Ако одложувате бидејќи сте анксиозни затоа што не ја извршувате задачата добро, тогаш визуализацијата во иднина само може да ја влоши анксиозноста“, вели Хершфилд.

Како да го направите тоа?

Шрини Пилај, асистент-професор по психијатрија на Медицинскиот факултет при „Харвард“, разви метода за поттикнување на ова однесување.

Тој препорачува да се визуализира комплетирањето на проектот со тоа што ќе обрнете внимание на секој чекор од задачата, а не само на крајниот резултат.