Што најмногу ги импресионира туристите да го посетат островот Голем Град?
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска
Ако некој странец дојде да ја види Преспа, најчесто доаѓа за да го посети островот Голем Град, кој спаѓа во Националниот парк Галичица. Најблиската точка од македонска страна, односно за да стигнете до островот, е малото селце Коњско, питомо место во кое кој еднаш дошол, посакал пак да се врати. Може да стигнете и преку Стење, кое е на 7 км пред Коњско, но само доколку патувате со чамец, а така сигурно ќе ви требаат два часа до островот. Треба упорност и желба за да се дојде во Коњско зашто патот помеѓу двете села е со макадам и во прилично лоша состојба. Викендашите и камперите велат дека не ни мора да се направи подобар пат за да не исчезне магијата и да навалат повеќе посетители. Со тоа се согласуваат и дел од туристите, кои велат дека патот го доживуваат како дел од авантурата, а за повозрасните знае да биде мачен.
Поставено на надморска височина од околу 860 метри, имате чувство дека се наоѓате на планина, а езерото е на 20 чекори пред вас. Небото над Коњско се смета за едно од најѕвездените во земјава. Затоа често е локација за астрономски друштва, кои оттука го набљудуваат небото.
Во последните неколку години сѐ повеќе туристи од неколку европски земји доаѓаат да го посетат островот, кој некогаш важел за остров на змиите, а крие и големо културно богатство. Со оглед на тоа дека змиите се сè поредок вид на островот, а пеликаните како ретки птици домуваат околу островот, тоа е провокација плус што туристите ја добиваат од туристичките агенции. Ако некогаш бил познат како Островот на змиите, денес сè повеќе се промовира како остров на пеликаните зашто намаленото ниво на водата направило и змиите да станат сѐ помалку на број.
Туристи од Холандија, Белгија, Полска најчесто доаѓаат да го посетат, а меѓу нив има и биолози и фотографи заинтересирани да ја овековечат убавината на Преспа. Во текот на јули и август речиси секој втор ден по најмалку 30-ина посетители со организиран превоз го посетуваат островот. Во некои периоди од август се намали посетеноста поради траењето на забраната за посета, поради страв од пожари. Мештаните им помагаат во превозот до островот. Со децении македонски археолошки тимови ги истражуваа старите артефакти и градби што датираат и од 4 век пр. н.е. За жал, во последните две-три години истражувањата паузираат. Црквата „Св. Петар“, која е од 14 век, со својот фрескопис е една од причините за позитивните импресии на туристите по завршувањето на патувањето.
-Патувањето беше супер. Видовме многу пеликани, желки и други животни. Водни змии, гуштери... Островот е многу убав. Каде и да погледнете, има што да видите. Не ми пречеше ни лошиот пат, за мене тоа е авантура. Ја посетивме и црквата, не сум видел такво нешто досега. Охридското Езеро е прекрасно. Ги видовме Охрид, Струга, стари цркви. Вашата храна е извонредна – вели Јеси од Холандија.
Неговата девојка Сураја ни призна дека кога би живеела во Македонија, сигурно би имала проблеми со килограмите.
На прашањето дали би им ја препорачале Македонија на своите пријатели, сите до еден ни одговорија потврдно.
Неколку туристички агенции од Охрид ги нудат убавините на Охрид, Струга, Битола...
-За сезонава имаме најава дека од мај до октомври би дошле повеќе од 20.000 туристи за Охрид и Струга. Повеќето се од Холандија. Најпосетувани се Битола, Скопје, прошетка до Св. Наум со брод, а островот им е интересен и со пеликаните. Лошите седум километри од Стење до Коњско на дел од гостите им задаваат проблеми, па прашуваат дали би се вратиле по истиот пат – велат водичите од туристичката агенција „Фибула“, која е една од агенциите што организира тури до островот.
За жал, не видовме многу пеликани, на островот немаше, имаше змии, пештери, но ме импресионираа црквите. Импресивно е да знае колку е стара црквата – вели турист од Холандија.
За Лукас од Ротердам, црквите беа најимпресивни.
- Ми се допаднаа црквите, и беше интересно да се види и мал остаток од старите цркви, како и од фреските на св. Петар. И многу природа, беше преубаво. Повозбудливо е вака отколку со чамец, оти ќе требаше да патуваме два часа – ни рече Лукас.
Туристи од Полска беа одушевени од островот и од престојот во Македонија.
-Првпат доаѓаме, одлучивме да бидеме овде една недела. Вашиот народ е многу пријателски настроен, приемчив и тоа многу ми се допаѓа. Јас сум вегетаријанка, маж ми сака риба и овде ги пробав највкусните домати. Мислам дека станувате сè попопуларни низ Европа и тоа е добро. Дефинитивно ќе им ја препорачам Македонија на моите пријатели, а вгодина ќе дојдеме подолго време – ни рече Јулија од Варшава.