Алејна, Јета и Емине се најдобри на матурата на албански наставен јазик

Алејна, Јета и Емине се најдобри на матурата на албански наставен јазик

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Лектор: Ивана Кузманоска

Алејна Беќири од средното училиште „Гостивар“ од Гостивар, Јета Хаџихамза од средното медицинско „Д-р Панче Караѓозов“ од Скопје и Емине Рушити од средното училиште „Дрита“ од Кичево се најдобрите матуранти по албански наставен јазик.


Алејна, Јета и Емине


Девојчињата очигледно повеќе учеле од момчињата за државната матура бидејќи исто како и резултатите по македонски, и на албански наставен јазик три девојчиња освоија најмногу поени. Алејна Беќири од средното училиште „Гостивар“ од Гостивар, Јета Хаџихамза од средното медицинско „Д-р Панче Караѓозов“ од Скопје и Емине Рушити од средното училиште „Дрита“ од Кичево се најдобрите матуранти по албански наставен јазик.

Емине ќе студира медицина

Кичевката Емине Рушити знаела дека резултатите од тестовите ѝ се навистина високи, но веста дека е најдобра и на државно ниво дојде неочекувано.



- Искрено, првпат можеби почувствував дека иако многу нешта не се во ред во нашето општество, ако работиш доволно, некој, некогаш ако ништо повеќе, барем ќе го цени твојот труд. Моето семејство, кое секогаш ме поддржува, е пресреќно. И за мене, и за моето семејство се надевам дека ова ќе биде еден мал, но многу важен чекор кон поубави и поголеми нешта – вели Емине.

Таа исто така редовно учела во средното училиште, па потребно било само повторување на материјалот за тестовите. Емине ќе студира на Медицинскиот факултет во Скопје.

- Ќе студирам општа медицина. Искрено сметам дека во рамките на нашата држава УКИМ е најсериозниот универзитет, па затоа и избрав да се запишам таму. Зошто медицина? За мене, никогаш немало друга, подобра опција. Медицина е насока која навистина ја сакам и се наоѓам себеси и професионално и како личност во неа – вели таа.

Средното образование за неа било период кога се барала себеси.

- Која сум јас? Кој и што сакам да бидам? Каде сакам да стигнам? Многу прашања се расчистуваа. Ова беше почетокот на моето градење и градење на моите лични ставови во животот. Што би мислела јас ако не би знаела што другите мислат? Но, најважно од сѐ, тоа беа времиња на незаборавни спомени со незаборавни луѓе. Во образовниот систем во Македонија, Емине би променила многу. Таа вели дека е тешко да се зборува за подобрување на образовниот систем ако прво не овозможиме соодветни услови за настава во сите училишта.

- Оставајќи ги условите настрана, принципот „квалитет пред квантитет“ треба да биде пред сѐ.

Училиштето треба да му овозможи на секој ученик соодветна наставна средина каде што нема да се чувствува инфериорен или демотивиран за понатамошно одобрување. Категоризацијата на учениците или употребување месечен систем на рангирање може да се употреби во овој случај. Се надевам дека тоа би можело да го подобри квалитетот на образовниот систем – вели таа.

Јета би го променила системот на оценување

Јета Хаџихамза, која матурира во скопското медицинско училиште, ќе продолжи со студии во областа на медицината.



- Се запишав на Медицински факултет бидејки ја сакам медицината, сакам да се борам против болестите, а за тоа најдобар пример ми е мојот татко, кој е доктор. Хаџихамза вели дека е многу убаво чувството да се биде еден од најдобрите на државната матура на ниво на цела држава.

- Искрено, воопшто не сум размислувала дали ќе бидам најдобра, битно ми беше да покажам солидно знаење што ќе ми овозможи без проблеми да се запишам на факултетот што го сакам, но кога ми јавија дека сум меѓу најдобрите, бевме пресреќни и јас и моите родители. Вообичаено сите матуранти второто полугодие го посветуваме на подготовките за државната матура бидејки материјата за учење е прилично обемна, бара доста време и труд, а поголемиот број ученици се гледаат себеси како идни студенти на некој факултет. Затоа е многу важно да се учи постојано. Јас морам да кажам дека неколку месеци пред испитите учев повеќе од вообичаено, но не ми беше толку тешко бидејќи се работеше за предмети што ги сакам и ги владеам добро. Сите идни матуранти би ги советувала истото што мене ми го зборуваше мојот татко цело време: ,,Треба да се учи секој школски ден по малку“ – вели таа.

Спомените од средното училиште се секојпат убави и не се забораваат без оглед што се проткаени со среќни и помалку среќни моменти, а многу нешта треба да се подобрат во образованието, децидна е Јета.

- Мислам дека нашиот систем на образование треба да се промени, особено во делот на оценувањето. Сегашниот систем на оценување на гарантира квалитет.

Алејна е ученичка на генерацијата и одлична математичарка

И Алејна Беќири од Гостивар била задоволна од резултатите од матурата, но не сонувала дека е меѓу првите три со најдобри постигнувања.



- Навистина не ни знаев дека има ваква селекција. Особено бев позитивно изненадена од високиот перцентил по сите предмети што ги полагав: албански јазик, математика и англиски. Резултатите ме израдуваа, а и моите најблиски бидејќи сите знаеја колку ми беше важно да постигнам добар резултат на државната матура, а кога си меѓу најдобрите, тоа е посебно чувство – вели таа.

Ваков успех се постигнува со многу залагањe и посветеност кон учењето.

- За матурата се подготвував перманентно сите четири години, но потоа знаењата ги повторував во последниот месец на учебната година. Мојата професорка по албански јазик, Нора Лимани Туша, со голема поддршка се посвети да ги надминеме сите тешкотии во текот на подготовките за испитот, а со претходно прочитани дела, за есејот не ми беа потребни дополнителни подготовки.

Беќири ќе студира на Машинскиот факултет во Скопје. Вели дека во текот на средното образование секогаш била заинтересирана за различни предмети, затоа што смета дека на секој човек му е потребно да има општи знаења.

- Сепак, мојот примарен ангажман и појака страна ми беа природните науки, односно математиката. Ми беше навистина многу тешко да изберам што ќе студирам иако секогаш сум знаела дека ќе биде некоја од техничките науки. Конечно одлучив дека ќе студирам мехатроника и се запишав на Машинскиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Мехатроника е спојување на машинство, електротехника и компјутерски науки. Насоката ја избрав врз база на долго проучување и пребарување, но и затоа што е доста перспективна. Сите очекуваме да ни се случат најубавите работи во животот и да ни се исполнат сите мечти и соништа. Па така и јас се надевам дека ќе имам успех во понатамошното образование и ќе се трудам да го постигнам тоа – вели таа.

Средното училиште ќе го памети најмногу по тоа што добила големо знаење од професорите, но секако и по дружењето со прекрасните соученици. Таа на крајот од школувањето била прогласена и за ученичка на генерацијата.

- Афинитетите кон математиката ги почувствував уште на почетокот на основното образование, од кога сум натпреварувачка и имам освоено награди на државно и на меѓународно ниво. Посебно место во мојата меморија има овогодишното патување во Несебар, Бугарија, од каде што се вратив со златен медал во индивидуалните натпревари и бронзен медал во екипниот турнир од Меѓународниот натпревар „Математика без граници“, каде што учествуваа над 1.200 математичари од различни земји. Јазиците исто така ми се големa страст и затоа ми се допаѓа да читам книги не само на албански јазик туку и на други јазици, како англиски и македонски. Најмногу обожавам да читам психолошки книги, од кои имам добиено навистина добри совети.

Во нашето образование, според неа, треба да има повеќе практична настава, да има подобри механизми на оценување на знаењето на учениците, а освен учениците, да се тестираат и професорите за знаењата околу предметот.

- Исто така, треба да им помогнеме на талентираните ученици да ги подобрат своите вештини – завршува Беќири.