Таки Бошкоски: Скопјанецот кој ги организира светските ракометни натпреварувања

Таки Бошкоски: Скопјанецот кој ги организира светските ракометни натпреварувања

Подготвил: Д.Ф:

Лектор: Ивана Кузманоска

Бошкоски работи како менаџер за настани (евент-менаџер) во централата на ИХФ во швајцарскиот град Базел, каде што е задолжен за организацискиот аспект на светските ракометни првенства, но истовремено раководи и со два големи проекти под капата на Светската ракометна федерација (ИХФ).



Љубовта кон ракометот, добрите организациски способности и желбата да се докаже во менаџерските ракометни кругови му овозможија на скопјанецот Таки Бошкоски да ја добие работата од соништата во Светската ракометна федерација (ИХФ). Тој работи како менаџер за настани (евент-менаџер) во централата на ИХФ во швајцарскиот град Базел, каде што е задолжен за организацискиот аспект на светските ракометни првенства, но истовремено раководи и со два големи проекти под капата на ИХФ.

Бошкоски средното образование го завршил во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, а дипломирал на Факултетот за политички науки на Правниот факултет во Скопје. Како се случи еден политиколог да се најде во сосема различна професија од примарната?

- Мојот прв контакт со ракометот беше во раните деведесетти години, а попрофесионално почнав да се занимавам со овој спорт во 2003 година кога Македонија првпат организира Светско јуниорско првенство. Иако според мојата едукација и биографија можеби е тешко да се помисли дека некој како мене еден ден ќе го има спортот како професија, сепак отсекогаш имав претчувство дека мојата професионална кариера ќе се движи во таа насока. Пред сѐ, поради фактот што спортот отсекогаш беше важен елемент во мојот живот и во моето воспитување – вели Бошкоски.

Предлог што не се одбива

Покрај СП за јуниори во 2003 година, Македонија беше организатор и на истите такви првенства во 2007 и во 2008 година. Во декември 2008 година нашата земја го организира и Европското сениорско првенство за жени. Токму на ова првенство Бошкоски бил назначен за негов координатор.

- Во превод, раководев со оперативниот дел во подготовката и реализацијата на првенството. Иако ЕП во принцип ги организира Европската ракометна федерација (ЕХФ), за време на овој настан како гости на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беа присутни и претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, и првиот потпретседател Мигел Рока Мас. Ним им се допадна начинот на кој работам, особено способноста да менаџирам проблеми од неочекувана природа, така што уште за време на првенството ми понудија работa во Базел – раскажува Бошкоски.

Предлогот го прифатил без двоумење бидејќи, како што вели, тоа е повик што не се одбива.

- Иако својата кариера во ракометот сосема пристојно ја развивав и во Македонија, сепак повикот од една институција како ИХФ претставува круна на ракометната кариера во сферата на евент-менаџментот – потенцира Бошкоски.

На животот во Базел се навикнал лесно поради тоа што швајцарскиот град е помал и помирен од Скопје, но многу покосмополитски од неговиот роден град. И покрај многубројните предности на животот во Швајцарија, на Бошкоски му недостига социјалниот елемент на Скопје. Како што вели, и носталгијата тука игра голема улога.

Во ИХФ, Бошкоски е задолжен за евент-менаџмент кога се организираат СП во ракомет. Кога не работи на терен, задолжен е за два проекта на ИХФ. Како дел од едниот проект Бошкоски е задолжен за целокупното натпреварување во светски рамки за ракомет на песок и го води проектот за негово вклучување како втора ракометна дисциплина на Олимписките игри. Вториот проект со кој раководи е Трофеј ИХФ (IHF Trophy), кој е наменет за земји каде што ракометот не е доволно развиен. Тоа е систем на натпреварување на секој континент во кое учествуваат околу 120 федерации и каде што сите трошоци за нивно учество на меѓународни турнири ги покрива ИХФ.



И покрај тоа што Бошкоски секојдневно работи со луѓе што доаѓаат од големи и моќни ракометни нации, смета дека тоа што доаѓа од Македонија го става на исто рамниште со нив.

- Погрешно е да се смета дека Македонија е мала нација кога станува збор за ракометот. Само неколку земји во светот можат да се пофалат дека ракометот е спорт број еден кај нив, а Македонија е дел од тоа друштво. Македонското ракометно лоби е прилично силно. На пример, СЕХА-лигата е во половична сопственост на РФМ (втората половина му припаѓа на Хрватскиот ракометен сојуз), имаме луѓе што се на високи позиции во ЕХФ, а работата и резултатите на нашата федерација се ценат во светот – вели тој.

Воодушевен од односот на браќата Карабатиќ

Во неговата работа постојано доаѓа во контакт со многу спортисти кои порано ги гледал само на телевизија. Освен со светските ракометари со кои се среќава речиси секојдневно поради работните обврски, запознал и многу други врвни имиња од спортот.

- Присуството на големи спортски настани, особено на Олимпијада, навистина отвора можности за многу такви средби. Ако ги изземеме ракометарите, најголем впечаток ми оставиле Владе Дивац, Лука Модриќ, Усеин Болт и Антоан Гризман. Сепак, најинтересна средба беше со легендата на камерунската фудбалска репрезентација, Роже Мила, со кого поразговаравме за Светскиот куп во Италија во 1990 година, кој впрочем е и првиот голем спортски настан на кој се сеќавам дека го следев. Од ракометарите, најмногу ме воодушевуваат браќата Карабатиќ, кои иако се ѕвезди во светски размери, по природа се навистина комуникативни и приземни – вели Бошкоски.

Професионалниот однос кон сите учесници на настаните во чија организација е вклучен Бошкоски е примарен. Но, тој признава дека не е лесно да се остават емоциите настрана кога треба да ги гледа македонските спортисти од професионален агол.

- Навистина не е лесно. За да се задржи професионализмот и, пред сѐ, за да ме заштитат мене, на светските првенства одработувам град-домаќин каде што не игра македонската репрезентација. Мал исклучок беше СП во Франција каде што однапред го добив Албервил, а Македонија падна да игра таму по игра на случајноста и навистина е тешко да се биде објективен и неутрален во таква ситуација, колку и да се трудам – искрен е Бошкоски.


Таки Бошкоски и Антоан Гризман

Тој е верен навивач на ракометниот и на фудбалскиот клуб Вардар, клубовите од неговиот роден град. Во живо го проследи настапот на РК Вардар на фајналфор-турнирот годинава во Келн и беше дел од еуфоријата кога скопскиот ракометен тим стана шампион на Европа. По овој настан, како Бошкоски ја гледа иднината на македонскиот клупски ракомет, а како на репрезентативен план?

- Веста за напуштањето на Сергеј Самсоненко нѐ затекна сите и искрено сега иднината е малку нејасна. Без да навлегувам во причините и дали тоа навистина ќе се случи, ако Вардар остане без својот главен финансиер, тешко е да се очекува да се повтори резултатот од минатата сезона. Сепак, во догледно време Вардар ќе доминира во домашниот и веројатно во регионалниот ракомет. Репрезентацијата, пак, завршува со една навистина извонредна генерација која постигна резултати за почит. Со мали исклучоци, од 2009 година константно беше дел од големите натпреварувања и секогаш, барем на СП, беше пласирана меѓу првите 16. Меѓутоа, и генерацијата што доаѓа е кадарна да ги повтори тие резултати, нешто што го покажа на СП за јуниори ова лето во Алжир. Да се биде шести во светот во кој било спорт навистина не е мала работа – завршува Бошкоски.