Подготвил:
Наталија Тасевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Се будам, петнаесет минути до седум. Си ги мијам забите и трчам да се качам во автобус. Пристигнувам на факултет, набрзина пијам проѕирно кафе и се качувам во сто и десетка на час. Здодевно е. Поспани сме и отапени. Полумртви дискусии и долгоочекуваната пауза. А нели не требаше да биде вака? Нели требаше да биде поинаку? Ќе градевме бродови и авиони, ќе станевме пејачи, сликари и пилоти. Ќе се облечевме во сино-бело и ќе пловевме по морињата, ќе одевме на други планети. Мои актери, пејачи и филозофи. Кога сфативте дека пеењето, пилотирањето и сликањето се за некој друг? За некој поталентиран? Кога заборавивте што сакавте да станете? Кога ве убедија дека најдобро за вас е да станете нешто друго? Колку ни чинат продадените соништа, генерацијо? Се исплати ли комфорната зона во која се сместивме? Удобно ли е?
Се сеќавам, малечки бевме и верувавме дека можеме да го смениме светот. На прашањето што сакам да станам кога ќе пораснам одговарав гласно: „Бранко Црвенковски“ - тогашниот претседател на Република Македонија. Сакав да станам претседател на државата и да забранам емитување на „Дневник“ со здодевните чичковци во кошули кои зборуваат за неразбирливи теми, кои измамуваа мрачно расположение на лицето на тато. Сакав да наредам на сите телевизиски програми секогаш да се пуштаат само цртани филмови. И сакав да испринтам толку многу пари што никој никогаш нема да биде сиромашен. Како растев сфаќав дека играта е поинаква и дека светот не е така едноставен. Сфаќав дека светот не го прави еден човек, туку сите ние. А какви сме ние, генерацијо?
Отапени сме. Неми. Ние не читаме книги. Не одиме во театар. Ние не филозофираме, ние дискутираме кој е подобар, Никола или Зоран. Генерацијо, на Месечината заминаа, а нас нè мрзи до продавница да отидеме. Еј, нели светот ќе го менувавме? Ама не може, ни недостигаат сто денари за кафе. Генерацијо, нашите колеги во студентските домови не се тушираат, нема топла вода за нив, ама има за палмите. Ние сè уште молчиме. Генерацијо, професорите ни ги заклучија вратите на гимназијата кога протестиравме против екстерното тестирање. Ние сè уште ги поздравуваме на улица. Во реките ни пливаат машини за перење, а ние пиеме кафе на потонатите бродови во Вардар. Разбуди се, генерацијо. Откажи се од партиски пикници и митинзи и врескај на рокенрол-концерти. Ајде, генерацијо, да купиме добри книги и малку вино и да дискутираме за животот, на некој покрив до доцна во ноќта. Ајде да бидеме среќни, мали и невини. Ајде, нема да озборуваме, туку ќе зборуваме, за идеи, концепти, за филозофија и религија, за математика и хемија. Ајде, ќе се забавуваме и нема да наполниме дваесет и пет со двесте денари во џебот. Ајде, нема да се мажиме и жениме за мама и тато да нè издржуваат и нас и нашите бебиња. Ајде да го менуваме светот. Ајде да бидеме пак оние деца од маало што плачеа кога ќе видеа неправда. Плачеа гласно, а не замижуваа пред неа. Ајде да бидеме децата што си играа со сите деца. Ајде да ги избришеме границите! Оставете ги пушките и пиштолите и земете камења, мостови со нив да изградиме. Генерацијо, будна ли си? Ајде да ја менуваме Македонија, па и таа е дел од светот. Отпакувајте ги куферите, ќе градиме држава, наша и сечија. Ајде утрово да станеме рано и да копаме темели на една иднина. Наполнете ги театрите, музеите и библиотеките. Ајде, генерацијо, инженери, лекари, адвокати и филозофи вратете ја смислата. Ајде, не бидете отапени, не бидете циници. Па ние можеме. Овде сме. Сè уште сме истите оние деца. Погледнете длабоко во себе, таму некаде спие детето, она невино и чисто дете. Ајде, генерацијо! Нема да чекаме понеделник за да почнеме отпочеток. Не ни треба први мај за да се качиме на Водно, или втори август за да отидеме до Охрид. Ние ќе се смениме. Наместо да очекуваме светот да биде подобар од нас, ние ќе бидеме подобри од светот. Зашто нема да живееме вечно, сега сме тука, сега и никогаш повеќе со овие години, никогаш повеќе на овие места. Нашите камбани бијат за нас. Ако не ние, тогаш кој? Нели, ако не сега, тогаш кога?
Автор: Наталија Тасевска
Наталија Тасевска е студент на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Таа е флексибилна, креативна личност и вели дека одлично го менаџира времето. Почнала да пишува во средно училиште, а се натпреварувала на повеќе литературни конкурси. Прочитај повеќе за Наталија на овој линк.