Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Инспирација за денешната колумна е неодамнешната случка со несвестицата. Иако состојбата на несвестица е здравствен проблем, состојбата на несвесност нема врска со здравјето, ниту со возраста. Може да останеш несвесен и до крајот на животот, а во несвестица може да паднеш само еднаш и тоа да трае многу кратко. Дур да трепнеш може да станеш. Оттаму и поголемото значење за „здравјето“ на човекот. Но, бидејќи премногу се пишуваше на темава, би скокнала накратко до друга болна точка со редица прашања: Имаме ли свест за вистинска ВЕСТ? Која ВЕСТ навистина допира до сечија СВЕСТ?
Фото:
Pixabay
Ги врзавме овие две работи оти нѐ инспирираа за многу прашања. Иако, за волја на вистината, стално ме фасцинира состојбата кога еден збор се состои од слогови/зборови со поинакво значење и кога всушност имате еден слого-збор што може да имплицира две или повеќе различни значења. Во ситуацијава глаголот ОНЕСВЕСТ-ува се состои од најмалку три, или точно четири зборчиња: О! Не! Свест! Вест! И навистина, се пишуваше надолго и нашироко за сите прашања освен за неколку. Во продолжение се обидов да дадам можни одговори, како разговор на свеста со потсвеста (што не значи дека сум во право и дека вие не можете да си ги надополните Вашите одговори, согласно нивото на Вашата С(о)ВЕСТ):
1. Колку беше ВЕСТ дека нема СВЕСТ?
Реално, дека некој може да измери дали некој има свест на некој настан, не може. Но, затоа пак може метафорично да го искористи моментот и да поентира таму кај што треба – во СВЕСТА. А кога луѓе се наоѓаат пред/зад камера, богами и може да изгубат свест за она што точно е ВЕСТ.
2. Постои ли страв доколку некој покаже дека има СВЕСТ? Дали е тоа вистинската ВЕСТ?
Се разбира, секогаш и секаде се плашат од свеста кај другите сите оние што ја потцртале или избришале својата. Најголем психолошки момент е во отсуство на својата да ја видиш туѓата. Тоа може да биде одлична ВЕСТ доколку се работи за прашања од јавен интерес.
3. Колку реално беше „онесвестувањето“ како ВЕСТ?
Никој не може да знае или да тврди. Да имаше доктор на лице место ќе знаевме со сигурност. Вака само го занемаривме тој момент и се сосредоточивме на следната драматична сцена – буквално да умираш, а да нема кој да ти помогне. Тука мислам дека проработе индивидуалната СВЕСТ затоа што драмски ја отслика секоја животна ситуација на секого поединечно, оти нема некој што не се нашол во ситуација да му е тешко, а да нема кој да му помогне. Од тие причини може да послужи како „Опра“ вест.
4. Колку видови на (с)вест постојат?
Индивидуална и колективна. Првата се буди ако ја „допреш“, втората се ангажира преку други мајсторлаци.
5. Колку треба за да станеш од несвест?
Понекогаш се тоа секунди, а понекогаш секундата трае цела вечност – рекол Зајакот од книгата „Алиса во земјата на чудата“. А понекогаш не треба време, ами пари – рекла Емпиријата.
6. Кој всушност падна потоа во „несвест“?
Не падна еден човек, паднаа многумина. Најлесно си пројде оној што реално и физички падна на сцената, ама најмногу паднаа другите отаде сцената, отаде телевизорот. Сите оние што се вознемирија од видеото, паднаа итекако во „несвест“. И добро е што имаше само еден реално да падне, за другите да паднат метафорички. Тоа повеќе ОСВЕСТУВА. Оттука се враќаме на првото прашање – Да, ВЕСТ е дека нема свест при ситуација на „несвестица“, но ВЕСТ (или како што љубат да кажат – „истражувачко новинарство“) може да биде и колку Вие сте помогнале некому да се освести или сте пружиле некому рака за да стане?!
7. За каква ВЕСТ навистина треба да паѓаме во несвест?
Тоа е прашањето што нѐ засега сите нас. Последниов период од секоја вест можеш да паднеш во несвест, оти сѐ е „шокантно“, „незамисливо“, и многупати те тера да си кажеш „Оу мај гад“ или „Зарем и ова е можно?!“, така што шокантното ни стана секојдневие. Тогаш ако сѐ е шокантно, што точно е вест или обична информација за народ?
Ако ги навикнеме увото и окото дека секоја ВЕСТ првенствено мора да биде шокантна за да се прочита, тогаш она што е „немогуќе“ ќе ни стане секојдневие, а за она што е нормално ќе се чудиме. Па така ако некој портал/медиум објави ВЕСТ дека во некоја општина се засадени зелени садници, се сортира отпадот од секое домаќинство, нема невработени, градоначалникот оди пешки на работа или користи ЈСП-картичка, секое училиште и градинка се максимум опремени и не бараат пари од родителите за донација, се организираат активности и мерки за намалување на загадувањето, се субвенционираат со купување велосипеди и развој на локално производство, итн., мислам дека дури тогаш ќе паднеме реално во несвест.
Дотогаш, ќе викаме: О! Не! Свест! Кај си?
Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.