Актерката Јелена Јованова ќе ја толкува главната улога во шпански филм
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Актерката Јелена Јованова ќе ја толкува главната женска улога во шпански филм, ексклузивно дознава Факултети.мк. Јованова во моментов е во Шпанија, каде што веќе почна снимањето на филмот “El desentierro” во режија на Начо Руиперез. Таа ни откри дека за потребите на улогата ја скратила косата, а улогата барала и да биде црнокоса.
Во филмот Јованова ќе соработува со актери познати од филмовите на Педро Алмодовар, меѓу кои Хан Корнет. Во филмот ќе игра и косовскиот актер со холивудска кариера - Арбен Бајрактарај.
-За потребите на филмот учам шпански. Ме радува ваквиот предизвик и се надевам дека на крај ќе имаме одличен филм – вели Јованова.
Македонската актерка во последните неколку години бележи голем успех на филмското платно. Го сними српскиот филм „Злогоње“, кој е во постпродукција, се очекува почетокот на ТВ-серијата „На терапија“, во која игра една од главните улоги, играше во „Уставот на Република Хрватска“ и во популарната хрватска ТВ-серија „Тајни“, а ги сними и „Како да ме нема“ на Хуанита Вилсон, „Во земјата на крвта и медот“ на Анџелина Џоли.