КОЛУМНА: КАДАРен ли си за иЗБОР?
Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Инспирација за текстов ми е
видеото на Фејсбук што кружеше деновиве. Се работи за двајца радиоводители кои играат игра - по случаен избор се јавуваат кај некого и го молат да даде позитивна референца по телефон за некого што не го ни познава. Човекот се нафаќа и го фали „другар му“ – кого инаку го нема видено во животот, и дава најпозитивно мислење за неговите способности, да не речам кадарности, професионални вештини, оцени за познавање јазик и вклученост во хуманитарни активности. ЗА ЧОВЕК ШТО НЕ ГО ПОЗНАВА! Нешто слично кај нас се играат такви игрици на „Фејсбук“ деновиве со кандидатите за градоначалници и советници. Е сега, прашањето ми е: Ако ова е возможно, а се чини дека е, и ако ова изгледа сосема неверодостојно, но е логички возможно, ако вака те фали непознат, што останува па да каже за тебе „најдобриот пријател“ кој патем си го оставил како референца во твојата биографија?!
Фото: Pixabay
Нам ни изгледа нереално затоа што ние овде ја живееме во пракса изреката: Секој (за) секого (сѐ) знае. Исто како во видеото, само што ретко некој така фино би те опишал со позитивни конотации. Вообичаено постојат неколку сценарија за опис, а дескрипцијата за твоите особини зависи од случај до случај, од можниот интерес да те видат напред или назад на орото, зависи од тоа дали ти е познато презимето и генеалогијата – на кое семејно дрво припаѓаш, зависи од тоа „хау ду ју ду бизнис“, зависи и колкав процент на еластичност ти е вграден во ’рбетниот столб, но најмногу зависи од тоа кој е од другата страна на огледалото. Имено, честопати не се бараат одредени квалификативи и референци априори, туку се бараат отпосле, откога ќе се дефинира антикандидатот, противникот. Па наспрема него/неа се бараат луѓе кои се анти-ова, анти-она. За да има разлика, за да има точно поентирана спротивност, оти различностите може да се видат појасно отколку сличностите. И така се редат бројки и статистики, па слушаш како викаат: „Профил бр. 1 колку може да ни донесе? А како изгледа овој наспроти оној, нели е малку подебел во вратот, да не мислат дека нашиов ќе крка повеќе од нивниот? Ај оди на профил бр. 2. Аха, е ова веќе изгледа подобро наспрема нивниот, дури и помлад е и попривлечен, белки нешто и на тоа ќе ќариме.“ Така што всушност и не знаејќи и не сакајќи, кандидатите влегуваат во индиректна борба со самиот себе против себе, а директно против Другиот. Се борат зошто (НЕ) СЕ оти само така може да се издигне над повеќето. Тоа е таа маркетиншка политика на овие локални избори, да се избере во изборот на изборите. Односно, да ти понудат избор од кој нема да знаеш дали е вистинскиот сѐ додека не го избереш. И така патем веќе не станува битно дали е професионалец, туку прашањето е дали е нивен КАДАР. А дали знаевте дека КАДАР е скратеница од КАДАРЕН? Не?! Па можеби и не е, ама многу кажува.
Е сега, бидејќи сакам постојано да си играм со психолингвистика и да симулирам семантика на различни јазични комбинации, ќе речам дека за да имаме вистински иЗБОР, треба и да му го слушнеме зборот на тој што го избираме. Во други демократски процеси на избор на кандидати постојат подолготрајни процеси на зборување и зборополитики пред да се донесе одлука за избор за кандидат со кој ќе се оди на избори. И тоа навистина вреди да се размисли. Сакам да слушнам што ЗБОРува за да го знам кој ќе ми е вистинскиот иЗБОР. А не да ми се понуди иЗБОР пред да му го слушнам ЗБОРот. Нека гукне пред да ми го предложат да го заокружам. Да видам дал му вреди зборот, дал знае да го употреби точно во една реченица, да знам кого праќам таму по делегации и состаноци, да не ме брука! Оти и зборот ни остана да го избираме како што гледам деновиве.
Треба да е КАДАРен и за да ЗБОРува. Затоа гласам за ЗБОР пред избор за изборите. Ама кому да кажеш. А да се јавам на радиоемисија?
Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.