Метеоролозите предупредуваат за ужасната карактеристика на ураганот „Марија“

Метеоролозите предупредуваат за ужасната карактеристика на ураганот „Марија“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

1
Фото: US National Hurricane Center

Најновиот ураган од категорија 5, со кој ќе се соочат Карибите, има ретка и застрашувачка карактеристика што го прави уште помоќен.

Метеоролозите велат дека ураганот „Марија“ има таканаречено „pinhole“ око, термин што се користи за опишување на невообичаено мало око на бура. Едноставно кажано, колку е помало окото, толку побрзо ќе се врти ураганот. А колку побрзо се врти, толку е помоќен.

Истражувачот на урагани Брајан Мекноли од Универзитетот во Мајами го споредува ефектот со она што се случува кога лизгач на мраз држи нешто во рацете, а се врти сè побрзо и побрзо.

„Марија“ моментално го помина Порторико, а сега се насочува и кон Девствените Острови, откако ја уништи Доминика.

Гувернерот на Порторико, Рикардо Росело, предупреди дека „Марија“ може да удри со сила и насилство што не се видело со генерации.

„Ќе изгубиме многу инфраструктура во Порторико. Ќе мора повторно да градиме“, изјави Росело.

Тој предвиде дека ќе снема електрична енергија и ќе дојде до прекин на комуникацијата, што би можело да трае со денови.

2
Фото: AFP

Претходно властите ги предупредија жителите што живеат во дрвени или нестабилни домови да најдат сигурно засолниште пред бурата да удри.

Во околу 20 часот по локално време американскиот национален Центар за урагани го забележаа окото на „Марија“ на околу 100 километри југоисточно од Св.Крој на Девствените Острови, 255 километри југоисточно од Сан Хуан, Порторико.

Вчера го помина Порторико, а во четвртокот наутро и Доминика.

Св.Крукс во голема мера беше поштеден од раширената штета што ја предизвика ураганот „Ирма“ на островите Св.Томас и Св.Џон, пред две недели.

Но овој пат островот ќе почувствува урагански силни ветрови што ќе траат пет часа.

44
Фото: AP

„Внимавајте што ќе се случува околу вас“, изјави гувернерот Кенет Мап.

Предупредувањето дојде откако премиерот на Доминика, Рузвелт Скерит, испрати серија драматични постови на неговата страница на „Фејсбук“ пред ветерот да ги уништи телефонските и интернет-конекциите.

„Ветровите се безмилосни“, напиша Скерит. Неколку минути подоцна повторно се појави порака: „Мојот покрив го нема. Препуштен сум на милоста на ураганот“, а во неговата последна порака напиша: „Ќе ни биде потребна помош, мои пријатели, ќе ни треба секаков вид помош“.

„Ситуацијата е навистина сериозна“, изјави генералниот конзул Барбара Дајли во телефонско интервју од Њујорк. Таа изјави дека изгубила контакт со островот во 4 часот наутро. Во тој момент, официјалните лица дознале дека 70 отсто од домовите ги загубиле покривите, вклучувајќи го и нејзиниот.

„Изгубив сè“, изјави таа додавајќи дека нема информации за жртви. „Со оглед на тоа што станува збор за категорија 5, наивно би било да не очекувате повредени, меѓутоа, не знам колку“, додаде таа.

Училиштето за медицина при Универзитетот „Рос“ во Доминика објави широко распространето губење на комуникацијата со островот, а роднините на студентите објавиле пораки на нивните фејсбук-профили велејќи дека не биле во можност да разговараат со своите најблиски уште од понеделникот навечер, со приближувањето на бурата.

Доминика е особено подложна на поплави поради нејзините стрмни планини, пресечени со реки кои беснеат дури и само со силен дожд. Таа сè уште закрепнувала од тропската бура „Ерика“, во која загинале 30 лица и биле уништени повеќе од 370 дома, во август 2015 година.



Официјалните лица од соседниот француски остров Гвадалупе пријавиле најмалку една жртва - лице погодено од дрво што паѓало. Уште две лица биле пријавени за исчезнати откако нивниот брод потонал источно од Гвадалупе. Околу 40 отсто од островот, 80.000 домови, останале без струја, а биле поплавени неколку заедници.

Во главниот град на Порторико, Сан Хуан, плажите и улиците биле празни во вторникот попладне, додека семејствата се упатиле кон безбедните засолништа во пресрет на бурата.

„Марија“ е осмата најсилна бура во историјата на Атлантикот, кога се мери според брзина на ветровите. Ветровите на „Ирма“, кои се движат со 300 километри на час, се наоѓаат на второто место.

3
Фото: US National Hurricane Center

Истражување презентирано од научниците од Државниот универзитет во Колорадо и Националниот центар за атмосферско истражување забележуваат дека тропскиот циклон со „pinhole“ очи е поврзана со брзо интензивирање.

60 отсто од бурите со вакви очи достигнале до статус на голем ураган и биле почести во Карипското Море и атлантскиот басен во близина на Мексиканскиот Залив.