КОЛУМНА: Кој ја препознава мелодијата на нашата душа?
Колумна на Викторија Митевска
Заедно во остварување на соништата, во споделување радост и тага. Кога знаеш од кого да побараш совет, на кого да му ја соопштиш радосната вест. Заедно во правење бељи и нивно вешто сокривање. А потоа растеме. Собираме знаење и искуство за на крај да сфатиме некои работи како поголеми. Дури тогаш се запрашуваме што се случило со нашите верни другари од детството.
Да не случајно или намерно ја променивме суштината на другарството? А можеби и целосно ја заборавивме? Зарем повеќе ништо не ни значи љубовта од срце, чиста и искрена? И што со почитувањето и довербата?
За жал, ќе се согласите дека се случи. Се случи целосно фрлање во заборав, преформулирање на вистинското значење на другарството. Но надеж за обновување сè уште постои, за освестување.
Велат дека што повеќе даваш, сакаш и почитуваш, истото и ќе го добиеш, но многупати. А на крајот на денот тоа ни е најважно. Најверојатно не постои некој со поинакво мислење. Сите сакаме нашето време да го поминеме со добри другари, кои ни даваат безрезервна поддршка, нè почитуваат и секогаш се тука за нас. И таквите треба да се чуваат, а не користољубивите.
Денес не прашувај каде заминаа вистинските другари, во неволја сами ќе те најдат, но ни ти нив не можеш да ги бараш. Така е сега, секој бара услуга, но не дава ништо за возврат, па дури ни љубов. Модерно време. Нови сфаќања, нов пристап кон нештата. Тоа е, понекогаш дури и најцврстиот однос знае да попушти. Да се скрши под закрила на политиката и интересите. А, секако, и со надвладувањето на модерните вредности.
Всушност сега наместо да другаруваме, ние војуваме. Секое место стана бојно поле на злобни, изопачени и дволични луѓе. Да престанеме со љубомората, зајадливоста и поделбите. Доста слушаме лаги, озборување зад грб, понижувања. Сега е момент кога треба да престанеме да броиме. Понекогаш е подобро и сто другари да ги замениме со еден вистински. Да ги обновиме старите и да оствариме нови вистински и вредни пријателства. Ајде да се вратиме на добрата дружба, да се потсетиме на убавиот муабет. Да признаеме дека ни треба некој што ќе нè бодри да се сакаме, да бидеме подобри, посреќни, поуспешни. Некој да нè слушне без да изговориме и збор. Да почувствуваме љубов и топлина и кога не ја бараме. И тогаш кога ќе помислиме дека сме се промениле, не, само сме ги смениле навиките брзајќи да бидеме модерни, во тренд. Можеби сме го промениле местото на излегување, начинот на карање и смирување, пијалакот, симпатијата, можеби дури и замислата за тоа што е идеално друштво, но ние не. Вистинските другари остануваат вистински. Луѓе кои нè насочуваат кон правилното, кон она што нè исполнува.
Внимателно нè слушаат и советуваат. Ги знаат сите наши желби и потреби. Па дури и глупостите и чудните идеи. Тие се оние што нè познаваат подобро од кој било (дури и од нас самите). Секогаш со нас, тие се наше богатство. Живеат со нас. Истрајуваат и одново се раѓаат. Само тие ја слушаат и препознаваат мелодијата на нашата душа.
Автор: Викторија Митевска
Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.