Билјана Цветанова, муралист кој на ѕидовите им дава живот
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Билјана е дипломиран археолог и историчар на уметност. Во тинејџерските денови не добила поддршка да се запише во средно уметничко училиште, поради предрасудата дека никогаш нема да најде работа со таа професија.
Дека од уметноста не можеш да избегаш, вистински пример е Билјана Цветанова (33) од Скопје. И по многу години, талентот за сликање си го најде патот. Билјана нема акдемска диплома за тоа што го работи, но зад неа стојат многу ѕидови кои сами зборуваат што прави таа. Билјана е дипломиран археолог и историчар на уметност. Во тинејџерските денови не добила поддршка да се запише во средно уметничко училиште, поради предрасудата дека никогаш нема да најде работа со таа професија. Истото се случило и кога дошло време за студирање.
- Се одлучив за археологија и историја на уметност бидејќи ми беше некако најблиско до тоа што навистина сакав да го работам. Бев добар студент, имав стипендија. Кога дипломирав не успеав да најдам работа во некој од музеите, иако се пријавував на многу огласи. Пред една година почнав да сликам на ѕидови. Но, тоа веројатно беше логично продолжување на нештата – вели Билјана.
Слика на хулакопки и друга облека, детски патичиња
Отсекогаш ја бидувало со занаетчиски работи. Си дизајнирала и шиела своја облека, изработувала накит, сама си ја бојадисувала собата.
- Уште бев средношколка, излегувавме во „Њу ејџ“, сите се одушевуваме од тој лежерен стил. Се погоди, моите дома ја варосуваа куќата. Во мојата соба имаше еден тапет кој не можев „да го смислам“. Решив да ја презем работата во свои раце. Го откорнав тапетот, излезе и малтерот, се гледаше дупка во ѕидот. Изработив фасадни цигли и со глет маса ги залепив на ѕидот. Ставив кадифени прекривки и перничиња низ собата, излезе фантастично. Сите кога ми доаѓаа на гости не веруваа дека сама си ја направив собата. Така почна сè – раскажува Билјана.
Во последните години, откако успева да набавува текстилни бои, слика на хулакопки и друга облека, детски патичиња. Сепак, најмногу од сè работи мурали. Ѝ помага сопругот Мики, информатички техничар кој останал без работа откако се затворила фирмата во која работел долго време. Имаат две дечиња, Кристијан (5) и Каја (3). Билјана веќе имала друга работа кога почнале да стигнуваат сè повеќе нарачки за мурали. Решиле да се посвети само на таа работа.
- Пред повеќе години, золва ми ме повика да го насликам ѕидовите во една игротека. Си реков ајде да се обидам. Цртав со тонери и поликолор. Ги цртав Алвин и верверичките. Излезе феноменално. И јас се зачудив, најмногу од сè дека знам да цртам! Почнав дома, па кај роднини, да си го пробам талентот. Пред 7-8 години најчесто бараа вектори, цветови, дрвја, ликови од анимирани филмови – раскажува Билјана.
Ќе слика мурали во Холандија
Како се зголемувал интересот кај луѓето, Билјана сè повеќе цртала. Пред една година решила да ја остави работата во салон за мебел и да се посвети само на муралите. А што прави раскажуваат многу ѕидови во Скопје и во повеќе градови во Македонија. Кафе барови, ресторани, канцелариски простории, детски соби, претсобја, спални соби, игротеки. А Билјана, од сè најмногу ужива која црта девојки, женски ликови.
- Имам една нарашка, женски акт кој треба да го насликам во спална соба. Многу се радувам и се надевам дека ќе го реализирам. За жал, малкумина имаат храброст да го облагородат просторот во вакви мурали – вели Билјана.
Непосредна, скромна, весела, работлива, Билјана наскоро ќе замине во Холандија. Идниот месец ќе слика мурали во неколку простории во куќа во Мастрихт. Ја поканила Македонка која долго време живее таму. Ќе работи три недели. Билјана се надева дека ова ќе ѝ биде отскочна штица за повеќе работа во странство.
Веќе набавила алат и за поинакви и покомлицирани цртежи. Во моментот ѝ е предизвик да почне да создава тродимензионални форми на сидови. Што работи Билјана можете да видите на:
https://www.facebook.com/dzidnocrtanje.murali/