КОЛУМНА: ЏИШ #1 - Манипулација

КОЛУМНА: ЏИШ #1 - Манипулација

Лектор: Ивана Кузманоска



Колумна на Марија Грубор


Propaganda is to a democracy what violence is to a dictatorship.
- William Blum

*

Aloha!

Добредојдовте во мини-серијалот „Џиш!“

Овој сегмент од мојот серијал колумни е посветен на заедничко промислување на неколку сочни и табуизирани концепти, уз кафе/пијачка и многу тутун (speaking for myself there).

Темите ќе ги одбирам на сосем рандом начин, според тоа што ме инспирира во тековните разговори со пријателите и соборците – а особено случајно сретнатите соговорници со кои често длабам вакви теми. Во „Џиш!“ е вклучена оваа колумна и наредните пет, така да, ако имате несопирлива желба да ми предложите ваша омилена џиш-тема, пишете ми на psihoaktif@gmail.com. Покрај тоа, се разбира, на овој мејл можете да ми пишувате и буквално се што ќе ви падне на ум.

*

ЏИШ-ТЕМА #1: Манипулација

Откако заедно поминавме некои корисни ем теоретски ем практични концепти и равенки, како на пример когнитивните дисторзии, во претходните мои колумни - сега можеме да прејдеме на главното јадење, драги читатели. А кога сме веќе кај читање...

Знаете ли да читате луѓе?

Знаете ли да се читате себеси?

А... дозволувате ли вас да ве прочитаат?

И уште нешто... дали ѕвезда-водилка во животот ви е личниот стремеж, или она што е trending на Инста?

Кој не размислува околу манипулацијата, бидува манипулиран, велеше некој, ама заборавив кој. Нешто како „дури и ако ти не се интересираш за политика, политиката секогаш се интересира за тебе“.

Денешната употреба на зборот го добила своето значење благодарение на креативното именување на едно административно тело на католичката Црква. Овој сектор бил неформално наречен Пропаганда (официјално име: Congregatio de Propaganda Fide), и како што можеме замислиме, главната задача му била да ја пропагира католичката вера во безбожничките, богохулни делови од светот.

Кога бев помлада и позелена, замислував свет во кој не би постоеле „пропаганда“, „манипулација“, „герила маркетинг“ и ним сличните; нешто како у(дис)топискиот свет опишан во “Тhe Invention of Lying” на Ricky Gervais.

Се разбира, со текот на времето, болно но сосем сигурно, сфатив дека: зборовите се неутрални а Универзумот е безличен. Оттука, нема да постои свет, барем не во скоро време, во кој нема да постои манипулацијата во нејзината најпрагматична смисла, и фала Космос што е така.

Негативниот полнеж кој го прати зборот манипулација како темен облак веќе одамна е разбирлив, оправдан и дури пожелен. Имено, цела банда многу, многу умни луѓе низ вековите работеле на тоа да го „исшамараат“ народот со добра пропаганда (се сеќаваме на нацистите? А на Бонапарта? Александар Македонски? итн.), а воедно и му понудиле многу интересни поенти околу неговата успаност и податливост за манипулација. Така да, океј е да имате негативно (емоционално) доживување на овој збор.

Но, откако ќе ја истуриме матната вода од кофата (читај: емоциите), на дното останува една не-баш-секси, една скромна но моќна вистина: манипулација не е нешто магично, далечно и наметнато. Напротив, ова е нешто кое го правиме секој ден, сите од нас, почнувајќи од Боки 13 и неговите недоизбрусени обиди за самопромоција, до последното детенце во Версаково (поздрав Афри!) кое глуми дека го боли мешето за да не оди на училиште оти децата го тепаат, ама не сака тоа да им го каже на неговите.

На нивото на вештини, да сме способни да ги „читаме“ луѓето околу нас е круцијален еволутивен механизам со цел што поголема ефикасност во општествените обноски. Бидејќи луѓето живеат во варијанти на општества многу одамна, ова е доста значајно за успешното вклопување во истите.

...И сеа шудапраиме?

Епа, според мене, многу е едноставно. Ако сте заинтересирани за зачувување на вашето ментално здравје, ефикасно и одржливо комуницирање со социјалната средина, заштитување на вашиот „идентитет“ (па, што и да е тоа за вас) од неуморните маркетиншки циркуски финти, но и несвесните тенденции на вашите најблиски... ќе морате да се престрашите од манипулацијата, во нејзината ‘неизвалкана’ смисла. Уште повеќе, ќе морате да ја интегрирате што поуспешно во вашата кутија со алати за секојдневно живеење.

Што подразбира тоа? Тоа подразбира завидно ниво на познавање на себеси: своите потреби, желбички, страсти, larger-than-life соништа (ох, ги имаш, туку можеби се закопани), способности, стравови и црни дупки во карактерот и темпераментот. Ако имаш увид во себе, односно во оваа колекција идентитетски и чувствени џиџиња, ќе умееш да навигираш во налудничавиов ни свет многу подобро и да ги задоволиш своите бунар-длабоки потреби, притоа и дарувајќи му нешто за возврат на светот.

Вака оди тоа:

Колку повеќе мрачни, незгодни и мутирани нешта знаеш за себе, толку повеќе ќе те боли свесноста за себе. Но еден убав ден, кога ќе сфатиш, онака органски, дека сите ја имаме својата The Twilight Zone страна, ќе се надминеш себеси и ќе се откажеш од бидување најарен од сите, овој вид на себепознавање ќе те облагороди и во идеален случај, ќе ти даде доволно вештост во слободно живеење, но и доволно емпатија за притоа да не газиш преку трупови. Наместо тоа, можеби, во ултра-идеален случај, ќе имаш потреба да им подадеш рака (и копија од Die Kapital. Се зезам. Не се зезам.) на оние околу тебе.

Притоа, имајте си на ум оти нашите модерни внатрешни морални компаси се, сосема разбирливо, прилично несинхронизирани со технолошкиот развој кој го доживуваме (во Кантовска смисла: „Two things fill the mind with ever new and increasing admiration and awe, the more often and steadily we reflect upon them: the starry heavens above me and the moral law within me. […]“). Оттука, не би смееле да ја оставиме својата природна способност (во облик на семка, во најлош случај) за емпатија, како и сфаќањата за праведноста и „космичкиот кармички баланс“ да се развиваат како што ќе дувне ветрот. Би ожнеале многу повеќе лични, но и општествени, заеднички придобивки и богатства, доколку успееме свесно да ги третираме овие прашања, секој за себе. И не, учествување во интелектуални дискусии на тема „слобода“, „правда“ и слични новокомпонирани револуционерни трендови со единствена цел да си го слушнеме сопствениот глас и/или да добиеме потврда дека сме најпаметни/најпрогресивни/најоткачени не спаѓа во „свесно и активно разработување на една таква тема.

Што би рекол Paul Graham (од Y Combinator), ние сѐ уште немаме развиено „социјални антитела“ за да се соочиме со модерните зависности, модерните пранги во кои мошне невино и удобно нѐ сместува се повеќе егоцентричниот капитализам.

Кој не размислува многу-многу околу манипулацијата која вирее во политиката, пријателските, романтичните, семејните, партиските, соработничките и сите други односи, на крај, да знаете оти бидува манипулиран.

А оној кој пак, ги истанчил и продлабочил своите сфаќања за сите вакви видови на манипулација упатени кон него, меѓутоа никогаш не се осмелил да прифати дека способноста за манипулација вирее и во него самиот, и дека одвреме-навреме, макар несвесно, доста успешно ја користи, ќе заврши како:

а) апла лицемер

б) човек со ригидни морални ставови и идеализирани очекувања од околината, ergo мошне фрустриран и незадоволен перфекционист

в) човек со синдром на „жртва“ (сите се манипулаторски ѓубриња, а сал јас, еден/една на мајка, добар/а ко леб!)

г) (дополни сам/а)

*

Јас, лично, со многу љубов и почит би ви посакала следново:

Што и да откопате во себе за време на некоја внатрешна експедиција, трудете се да работите на разбирање и евентуално безусловно прифаќање на истото. Не сум просветлен гаталец, туку најмизерен паталец, и затоа ќе ви кажам, сосема отворено и во доверба:
Ако мислите дека ќе смените нешто во светот (или, уште полошо, дека светот ќе се смени магично според вас) без притоа да работите на способноста за емпатија кон себе и кон сите други, вклучително оние „најгрозните“ алки во општеството,
вашата борба е
однапред
загубена.

P.S. Ако не знаеш од каде да почнеш, пробај го Чомски (Chomsky).

Bis gleich!

Автор: Марија Грубор

Марија Грубор е дипломиран психолог, поетеса, прозаистка, колумнистка и фотографка. Дипломирала на Институтот за психологија во Скопје, а потоа се запишува на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки со намера да ги продлабочува знаењата и искуствата од критичките теории. Има објавувано песни, есеи, написи и колумни во повеќе печатени и дигитални списанија, блогови и портали, а учествувала на две фотографски изложби во Скопје и една во Белград.