Mајка со предрасуди на „Фејсбук“ отвори дебата: Колку Македонците се хумани?

Mајка со предрасуди на „Фејсбук“ отвори дебата: Колку Македонците се хумани?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Можете ли да замислите како се чувствуваат тие што се со посебни потреби, дека ќе бидат покажувани со прст... Родителите ги учат децата да бегаат од болните деца. Па зарем тие не се деца? Не се виновни за тоа што се такви. Срамота! Барем еднаш ставете се на нивно место, како би ви било сите да го избегнуваат вашето дете?!, ѝ одговори девојка со попреченост



Ставот на мајка со предрасуди од Скопје, која на социјалната мрежа „Фејсбук“ се пожали дека прваче со попреченост во развојот ја задевало нејзината ќерка, наиде на бурни осудувања на целата мрежа. Еден од коментарите беше:

- Јас сум лице со посебни потреби и со ретка болест, па во училиште знаеја учителката и родител што се дружеше со мајка ми приватно. Јас без никаков проблем одев во училиште и не знам како можете да осудувате. Жално, но вистинито. Ниту еден родител не е должен да им дава отчет на другите родители дека детето му е болно. Тоа функционира најнормално, а не на „Фејсбук“ да пишувате. Можете ли да замислите како се чувствуваат тие што се со посебни потреби, дека ќе бидат покажувани со прст... Родителите ги учат децата да бегаат од болните деца. Па зарем тие не се деца? Не се виновни за тоа што се такви. Срамота! Барем еднаш ставете се на нивно место, како би ви било сите да го избегнуваат вашето дете?!

Ова го начнува прашањето колку нашето општество е подготвено да им помогне, а не да ги осудува и напаѓа лицата со посебни потреби уште од најмала возраст? Има ли во Македонија сè уште луѓе што сметаат дека сме го надминале проблемот со поставување пристапни рампи до јавни објекти и институции? И каква е поддршката во сите останати сегменти од секојдневието, особено во образованието?

Што гарантира Конвенцијата на правата на лицата со попреченост?

Со м-р Магдалена Димкова-Велевска, дефектолог и едукатор во Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, разговараме како развиените земји го приспособуваат општеството за децата со посебни потреби? Таа вели дека инклузијата во различни држави е организирана на различни начини, но развиените држави секогаш тргнуваат од Конвенцијата на правата на лицата со попреченост, која е потпишана и ратификувана и од нашата држава.

- Во членот 24 од Конвенцијата, кој се однесува на образованието, е наведено дека државите потписнички треба да обезбедат систем на образование на сите нивоа и доживотно учење за целосен развој на човековиот потенцијал, чувството на достоинство и самовреднување, зајакнување на почитувањето на човековите права, основните слободи и човековата различност. Лицата со попреченост треба да имаат пристап до вклучително, квалитетно и бесплатно основно и средно образование на еднаква основа со другите во заедниците во кои живеат. Да се направат разумни приспособувања на индивидуалните потреби, да ја добијат потребната поддршка во рамките на општиот образовен систем за да се поедностави нивното ефикасно образование – објаснува Димкова-Велевска.

Еден убав пример на инклузивно училиште за сите

За да направиме споредба во однос на инклузивната практика во развиените земји и кај нас, таа ни претставува инклузивно училиште во Линц, Австрија, што го посетила. Таму, освен пристапноста на училиштето и достапноста на помагала од секаков тип за поддршка на учениците со попреченост, најголем впечаток ѝ оставила позицијата на две одделенија.

- Во едното учеа помеѓу 25 и 30 ученици. Две или три од децата беа со попреченост, наставникот имаше педагошки асистент кој им нудеше поддршка на учениците што потешко ги совладуваа наставните барања, вклучувајќи ги и учениците со попреченост. На прв поглед воопшто не се забележуваше дека во училницата има ученици со попреченост, освен еден од учениците што користеше инвалидска количка. Наспроти оваа училница, имаше и паралелка во која учеа шест ученици со потежок степен на попреченост. Училницата беше опремена со разни помагала за поддршка на учениците, вклучувајќи и кревет кој го користеше еден од учениците. Тој имаше специфичен тип физичка попреченост која не му дозволуваше подолго време да биде на столче. Оваа паралелка ја водеше дефектолог/специјален едукатор и наставата во најголема мера беше индивидуализирана за секој ученик. Часовите и за двете паралелки се во исто време и за време на паузите вратите се отворени и учениците од двете одделенија имаат можност да се дружат. Ова беше еден убав пример на инклузивно училиште за сите – вели Димкова-Велевска.

Самохрана мајка – поим за храброст

Покрај децата со посебни потреби, како темел стојат нивните родители и најблиските во семејството, кои 24 часа во денот, 365 дена во годината, најчесто немаат ниту еден миг за себе. Пред два месеца ја раскажавме приказната на Виолета Бошкова, мајката на Злате (25) кој боледува од церебрална парализа. Таа преку групата „Бесплатно сместување – Македонија“ летово беше на одмор во Охрид со синот. Судбината на Виолета ја делат многу семејства во кои има лица со попреченост во развојот. Тешката болест на детенцето на Виолета се одразила и врз бракот. Таа денес е самохрана мајка. Вели дека ја боли ’рбетот од кревање на тешко болното чедо, но додава дека е навикната. Тој ја научил да биде храбра, да издржува сѐ. Таа му е неопходна 24 часа во денот. Во ниту еден момент не може да го остави сам, секаде одат заедно. Ја прашавме Виолета на кој начин институциите можат барем малку да ѝ го олеснат мачното секојдневие. Таа предлага кога детето ќе наполни 20 години, мајките што ги чуваат да добијат пензија. А до 20 години да им овозможат лични помошници што ќе се грижат за децата.

- Во семејство каде што има тешко болно дете, често се разнишува бракот. По разводот сиот товар останува на мајката, за жал. Од кревањето ме боли ’рбетот. Не покажувам слабост и се борам храбро, но до кога ќе издржам – не знам. Што ако остане сам на светот? Живееме ден за ден, не мислејќи за ништо, но ако ни помогне државата, барем ќе имаме поквалитетен живот. Посебниот додаток за тешко болно дете е 4.300 денари месечно, за дете со најтешка попреченост во психофизичкиот развој, со церебрална парализа. Се надевам на подобро, дека некој ќе се разбуди и ќе се сети на нас. Само ако нè разберат, ќе биде подобро за нас и за нашите деца. Маката секако ќе остане со нас – ни рече Виолета.