Годинава си зацртав една цел – да се ослободам од вишокот
предмети и да му го олеснам животот на семејството. За последните девет месеци дадов околу 75 % детски играчки, задржувајќи ги само оние што ја поттикнуваат фантазијата и со кои моите деца сакаат да си играат.
И мислев дека го правам вистинското нешто.
Но, без разлика на тоа, децата и понатаму имаа премногу секакви играчки. Во јуни отидовме во забавниот парк „Светот на рептилите“. По прошетката, мажот ми и јас помисливме дека на децата би им било интересно да вечераат во ресторан уреден како светот на диносаурусите.
Додека чекавме да се ослободи една маса, ќерката забележала играчка „состави диносаурус“ во блиската продавница. Откако веднаш ѝ ја одбивме желбата, од истиот момент таа не престана да зборува за тоа. Во текот на ручекот ни за миг не можеше да ужива во храната и возбудливиот амбиент (огромни диносауруси кои се движат и метеорски дождови).
На пат накај дома, по разговорот со децата за тоа како помина денот, со мажот ми сериозно се замисливме зошто нашето дете воопшто не умее да ужива во убавите моменти.
Пресвртниот момент
Едно утро кон крајот на јули (зашто по стоти пат им реков на децата да си ја уредат собата), сосема импулсивно направив нешто тотално неверојатно. Едноставно, им ги собрав сите нивни играчки.
Два дена пред тоа поминав неколку часа во средување на нивната соба, а тоа треба да се прави секој ден. Ни сега не побарав од децата самите да си го уредат тој ужасен неред, само побарав да соберат неколку играчки од подот и да ги стават во фиоката. Секое утро кога ќе влезев да проверам до каде стигнале, во собата беше уште поголем хаос.
Не можев повеќе – се предадов и собрав сè. Ми здодеа. И тогаш мирно, една по една, ги спакував сите. Сите Барбики, фустанчиња, играчки, новиот мебел за куќата на куклите, и куќата, исто така. Го спакував дури и нокширот од под креветот.
Девојчињата првите неколку минути ме гледаа вџашени, а кога им помина шокот, почнаа да ми помагаат. И така заедно ја средивме целата нивна соба.
Резултати
Не можев ни да помислам дека таа импулсивна постапка кардинално ќе го промени животот на нашето семејство. По четири недели отпатувавме на море и тогаш забележав сериозни промени во однесувањето на децата. За разлика од претходните патувања, сега ништо не нè молеа да им купиме. Ни играчка, ни сувенир, ни џиџи-миџи. Ништо. Поминуваме низ стотина продавници, а ним им беше доволно само да гледаат во излозите.
Најмногу ме зачуди што воопшто не сме разговарале однапред за тоа и не моравме да им објаснуваме дека е најважно да бидеме заедно.
Да не го видев сето тоа со свои очи, немаше да поверувам дека е возможно толку брзо да се ослободиме од робувањето на предметите. Зборувајќи искрено, кога ги тргнав сите играчки не знаев што да очекувам. И ме измачуваше мислата дека на децата им ја скратив можноста самостојно да се забавуваат.
Се случи спротивното. Наместо да не знаат што со себе, децата цело време си наоѓаа занимации. Се научија подолго да го задржуваат вниманието на нешто. Сега можат со часови да цртаат, да читаат или да си играат криенка.
Децата почнаа да откриваат нови содржини. Сега го ценат тоа што го имаат и уживаат во моментот наместо да не ги држи место и постојано нешто да бараат. Станаа покреативни и посмирени, подготвени да споделуваат, да се стават на местото на другите. Нашите деца дури престанаа да се расправаат.
Сега, кога ќе им дадам нешто (не, не ги фрлив, само ги скрив), на пример, лего-коцки, на тоа се воодушевуваат цел ден. Другите играчки речиси се заборавени и наскоро од подрумот ќе се преселат на хуманитарен базар.
Она што најмногу од сè ми се допаѓа е што децата се во состојба самите да ја согледаат ситуацијата. Освен две омилени играчки, ниедно од девојчињата не сака да се вратиме по старо. Им се допаѓа што не мораат постојано да ја средуваат собата. Кога вчера ја водев ќерка ми на гимнастика, ми рече: „Мама, баш е добро што немам многу играчки. Можеме убаво да си читаме книги и да ја користиме фантазијата“. Девојчето пред мене сфати дека робувањето на предметите не нè прави посреќни.
Нема назад
Станувајќи мајка, бев пресреќна што на своите деца ќе можам да им пружам сè што не сум имала во детството. Сакав нашиот живот да биде совршен, а тоа задолжително подразбираше прекрасно уредена детска соба полна со преслатки деталчиња.
Мислев дека ќе ги направам посреќни ако им купувам сè и сешто, но тоа не е вистина. Го напишав овој текст затоа што и самата пречесто купувам, кога сум тажна, нервозна или кога ми е здодевно – ете, да исполнам празнина. Маж ми ми се смее (а понекогаш и крева раце), бидејќи без разлика на тоа што постојано зборувам за ослободување од вишокот предмети, во реалноста сè уште не можам толку лесно да се откажам од купување.
Се оправдувам со разни изговори: беше на распродажба, тоа вистински ми треба, заслужив. А всушност тоа е само уште едно нешто што го купувам за да затрупам проблем кој се наоѓа многу подлабоко во мене.
Предметите сами по себе не се зло. Но, ние постојано наседнуваме на тоа дека она што го имаме не е доволно добро. Вечната трка за најдобрите играчки, поубавите фустани, поголеми куќи, автомобили, компјутери и нови телефони нè наведуваат да заборавиме на она што е вистински важно.
Јас тоа го сфатив кога видов чудесна промена кај своите деца откако им ги скрив играчките. И сега, наместо јас да ги учам на животот, добивам непроценлива лекција од нив.
За нашето семејство веќе нема назад. И тоа е прекрасно.
Извор: Living Well Spending Less