Мааните на исклучително интелигентните луѓе

Мааните на исклучително интелигентните луѓе

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Жена чита книга покрај море
(Фото: Pixabay)


Високо интелигентните луѓе можат многу добро да ги разберат емоциите, да размислуваат и да разговараат за нив, но проблемот е во тоа што најчесто нема да чувствуваат олеснување при нивното изразување.

Тоа е чест проблем на исклучително паметните луѓе, особено оние што сјајно се изразуваат. Тие користат зборови како димна завеса. Помалку комуникативните и вербални луѓе своето однесување го користат и како издувен вентил – ќе се развикаат, ќе скршат нешто, ќе се расплачат, ќе скокаат, ќе танцуваат.

„Високо интелигентните луѓе ќе зборуваат за тоа како се чувствуваат, а кога ќе завршат со разговорот, сите тие чувства и натаму ќе останат заробени“, вели психологот Маркус Гедулд.

Тој додава дека во тоа е клучната разлика помеѓу когнитивните и емоционалните вештини, иако научниците не можат детално да објаснат како се тие поврзани, очигледно е дека високата емоционална интелигенција ги компензира ниските когнитивни способности, при што изразено паметните луѓе не мораат да се потпираат на своите емоционални вештини за да ги решат проблемите. Луѓето очекуваат тие секогаш да заблескаат.

Општеството секогаш од нив ќе очекува повеќе – да бидат најдобри во сè, независно за која област станува збор, па тие немаат со кого да разговараат за своите слабости или несигурности.

Врз нив е поголемиот притисок да успеат, поради што се под постојан стрес. Тоа е очигледно и во помладата доба – децата што се поинтелигентни генерално чувствуваат поголеми тешкотии.

Потешко ја учат вредноста на тешката работа

Факт е дека поинтелигентните луѓе знаат како подобро да ги распоредат своите задачи и побрзо да ја завршат работата, односно со помалку труд во споредба со некој што не е толку интелигентен. Сепак, интелигенцијата не води директно до успехот, а високо интелигентните луѓе можеби никогаш нема да развијат упорност која им е потребна за да успеат.

„Интелигенцијата станува проблем кога оние што ја имаат, уште во рана возраст ќе откријат дека не треба многу да работат за да ги следат другите, поради што никогаш не развиваат добри работни навики“, истакнуваат психолозите.

Независно дали станува збор за обичен муабет или сериозен разговор, интелигентните луѓе најчесто имаат потреба да ги исправаат другите ако кажат или тврдат нешто погрешно, а тоа значи дека другите ги доживуваат како „паметниковци“ кои во друштвото знаат да бидат напорни.

Луѓето со висока интелигенција премногу време трошат на размислување и анализи. Од претераните анализи произлегуваат и премногу грижи, па и отежната можност за избор – интелигентните сакаат да бидат сигурни во своите одлуки за да се уверат дека не погрешиле, што е невозможно во мноштвото животни ситуации, па неопходно е понекогаш да се потпрат на своите инстинкти.