Една сезона е премалку за Фамилијата Марковски
Се возбудувам речиси за секој домашен производ во облик на филм или играна телевизиска серија. Не се толку честа појава за да бидеме разгалени со некаков широк избор, па актуелнава кинематографска ренесанса ме остава малку збунет. Сепак, ретко што успева да ми залепи задоволна насмевка, а не па да ми ја задржи на фацава до самиот крај. Со години телевизор користам исклучиво за ствари што сам си ги носам на него преку други уреди, но последниов месец повеќе пати се затекнав како сум прикован за нешто што не е на екранот по мој избор. "Марковски" е исклучокот кој успеа да ми го натопори газот во фотелја во термин кој не го контролирам сам.
Пријатно сум изненаден од повеќе работи кои не сум навикнат да ги гледам на јазикот кој го зборувам, но најфасцинатна ми е смелоста на создавачите на серијата со која лабаво шлапнаа до вчера шепкани тематики во прајм тајм. Да, можеш слободно да бидеш зачуден од наративот, но само ако си трета генерација иселеник или среќен еднорог кој исто така не се затекнал во некоја од системските неприлики во кои семејството Марковски секојдневно го крпи крајот. Провокативно да, но факт е дека и реалноста не е ништо поразлична, а серијата одлично го доловува тој трулеж во општеството така обликуван од ланчана реакција на повеќе намерни или ненамерни одлуки на сите учесници во него.
Финалните две епизоди го заокружија нивното животарење со крај доволно среќен и соодветен за околностите во кои често сме навикнати да си се тешиме со "има и полошо". Иван успеа да се извлече жив од кошмарните ходници на полуфункционалното здравство по борба за која одговорно можам да потврдам дека е и те како реална и некогаш за жал нема завршеток како во неговиот случај. Истовремено, ситуацијата во која се најде Иван му помогна да добие нова перспектива на некои работи, па конечно се соочи со Виктор како секој добар родител. Бојан пак од друга страна, се најде во крајно симпатична љубовна положба карактеристична за неговата возраст која сценаристите неслучајно и тактички ја искористија да удрат уште една нота за поделеноста на општеството. А, општо како семејство, Марковски успеа да го задржи и домот со триумф во борба која речиси изгледаше невозможна.
"Марковски" ја движи и врвна актерска екипа, со феноменална динамика помеѓу ветеранските имиња и оние кои првпат ги среќавам тука. Талентот на двете генерации актери секако не би можел да го достигне истиот потенцијал без мајсторската режија и сценарио. Уште една работа што не можам да прекинам да ја фалам во тој контекст е употребата на скопски сленг наспроти литературниот македонски јазик. Така дијалозите звучат поприродно, со што серијата добива уште поголема автентичност. Така збориме у Скопје дечки, таму се дешава дејствието, не е поради некаков локал-патриотизам.
Осумте епизоди од оваа сезона, колку и да беа компактно спакувани, ми беа некако премалку. Љубопитен сум да дознаам во која насока би можела да се движи серијата во иднина и какви сè предизвици следуваат за "Марковски". Квалитетот е евидентен, па навистина не гледам креативна пречка за уште неколку сезони кои само дополнително би го зацврстиле статусот на серијата како една од најдобрите домашни до сега.
Бојан Николов –
Crapwerk
Последните две епизоди од „Фамилијата Марковски“: