Сигмунд
Фројд, таткото на психоанализата, честопати се впуштал во теоретски објаснувања на некои религиски, антрополошки и уметнички појави. Најверојатно на феминистките и на религиозните луѓе нема да им се допаднат овие ставови на Фројд, но без оглед дали ќе ги сметаме за застарени и еднострани, сепак е интересно да се потсетиме на некои од неговите размисли.
Би можело да се каже дека секое лице постојано прави психолошка анализа на своите блиски и поради тоа ги познава подобро отколку самиот себе. Меѓутоа, за да се оствари она на што нè опоменуваат зборовите 'спознај се себеси', потребно е под лупа да се стават сопствените навидум случајни активности и пропусти.
(„Психопатологија на секојдневниот живот“, поглавје: Симптомски и случајни активности)
Оној што има очи да гледа и уши да слуша, може да се увери дека не постои смртник кој е способен да сочува тајна. Ако усните му занемат, тој ќе дрдори со врвовите од прстите; предавството истекува од секоја негова пора. Поради тоа, и задачата да се подигне на свесно ниво сето она што е најскриено во човечката душа е лесно решлива.
(фрагмент од анализата на еден случај на хистерија)
Очигледно е дека свештениците можеле да ги држат масите во религиозна покорност само по цена на големи отстапки од човечката нагонска природа. Така и се стигна до следново: единствено Бог е силен и добар, а човекот е слаб и грешен. Во сите времиња неморалноста се потпирала врз религијата исто како и моралноста.
(„Иднината на една илузија“)
Иако совеста е нешто што се наоѓа во нас, таа сепак не е тука од самиот почеток. Таа е во целосна спротивност на сексуалниот живот, што е присутен навистина од самиот почеток и не му се приклучува подоцна. Меѓутоа, познато е дека малото дете е аморално, и дека кај него постојат внатрешни кочници за неговите импулси кои тежнеат да постигнат чувство на задоволување. Улогата која подоцна ја презема Суперегото на почетокот ја игра една надворешна сила – авторитетот на родителот. Родителите управуваат со животот на детето обезбедувајќи му докази за својата љубов и заканувајќи му се со казни.
Ако го прифатиме популарниот начин на изразување, можеме да кажеме дека Егото во психичкиот живот го застапува разумот и сталоженоста, а Идот – несмирливите страсти... Односот на Егото кон Идот би можел да се спореди со односот на јавачот кон неговиот коњ. Коњот дава енергија за промена на положбата, а јавачот има право да ја одреди целта и да управува со движењата на силното животно. Сепак, меѓу Егото и Идот премногу често се случуваат ситуации кои не се идеални, па јавачот мора да го води својот коњ онаму каде што тој сака да оди.
(„Нови предавања за вовед во психоанализа“, од предавањето: Расчленување на психичката личност)
Само односот на синот кон мајката ѝ носи неограничено задоволување. Тоа воопшто е најсовршениот однос меѓу луѓето во кој има најмалку амбиваленција. Мајката може да му го пренесе на синот славољубието кое во однос на себе морала да го спречува. Од него може да очекува задоволување на сето она што ѝ преостанало од нејзиниот комплекс на мажественост. Дури ни бракот не е сигурен сè додека жената не успее од својот сопруг да направи свое дете и во однос на него да игра улога на мајка.
(„Нови предавања за вовед во психоанализата“, од предавањето: Женскост)
Ние дојдовме до тоа дека односот кон родителите во кој преовладува инцестуозен копнеж може да се објасни како централен комплекс на неврозите. Откривањето на ваквото значење на инцестот за неврозите, очекувано, наидува на општа неверба кај возрасните и нормални личности; на исто такво отфрлање наидуваат и трудовите на Ото Ранк, кои сè појасно покажуваат колку често темата инцест се наоѓа во средиштето на поетските интереси и колку многу форми и нијанси таа тема дава во изградбата на поезијата. Принудени сме да веруваме дека до вакво отфрлање пред сè доаѓа поради длабоката одвратност на човекот кон некогашните сопствени инцестуозни желби, кои во меѓувреме ги потиснал од свеста.
Само во едно подрачје семоќта на мислите се зачувала и во нашата култура, и тоа во уметноста. Само уште во уметноста може да се случи човекот, распнат од желбите, да создаде нешто слично на задоволувањето и таа игра, благодарение на уметничката илузија, да предизвикува афективна реакција како да се работи за нешто реално. Со право се зборува за магијата на уметноста, а уметникот се нарекува – магионичар.
(„Тотем и табу“)
Во цела низа случаи, генезата на машката хомосексуалност е следна: младиот човек необично долго и интензивно бил, во смисла на Едиповиот комплекс, фиксиран за мајката. Но најпосле, по завршувањето на пубертетот, доаѓа време мајката да се замени со друг сексуален објект. Тогаш се случува изненаден пресврт: младиот човек не ја напушта мајката, туку се идентификува со неа; тој се претвора во неа, и сега бара објекти кои можат да го заменат неговото его и кои тој може да ги сака и негува исто онака како што него го негувала и сакала неговата мајка.
(„Психологија на масите и анализа на егото“)