Просечните плати по региони во Македонија
Најмали просечни плати добиваат работниците во Штип, Кочани, Делчево, Виница, Пробиштип и во Берово, иако овој регион статистички бележи економски развој.
Скопје, Битола и Прилеп се градовите што најмногу придонесуваат за економијата во земјава, додека статистички, најмал придонес за стопанството имаат Куманово, Кратово, Крива Паланка. Најплатени се работниците во Скопје, додека најмали плати добиваат работниците во Штип, Кочани, Делчево, Виница, Пробиштип и Берово.
Ова е генералниот заклучок од споредбата на статистичките податоци за бруто-домашниот производ (БДП) и просечните исплатени плати по региони во земјава. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на 2014 година, Скопскиот Регион (Скопје и околните општини) е неприкосновен лидер со најголемо учество во БДП од 42,8 отсто. На второ место е Пелагонискиот Регион (Битола, Прилеп, Ресен, Крушево) со 11,1 отсто, а на трето Југоисточниот (Гевгелија, Струмица, Радовиш, Дојран) со 10 отсто. Најмало учество во националниот БДП имаат Полошкиот Регион (Тетово, Гостивар, Маврово и Ростуше) со 7,1 отсто и Североисточниот (Куманово, Кратово, Крива Паланка) со 5 отсто.
Економистите потенцираат дека по Скопскиот Регион, најголем економски раст изминативе години се забележува кај Пелагонискиот, Источниот и Југоисточниот Регион, што најмногу се должи на отворањето странски и домашни производни капацитети во овие делови од земјата. Сепак, интересно е што иако Источниот Регион бележи позабележителен развој, сепак, платите што им се исплаќаат на работниците во градовите од овој регион се најниски во Македонија. Така, просечната исплатена плата во Источниот Регион е најниска во земјава и изнесува 16.701 денар. Највисока просечна плата добиваат работниците во Скопје и таа изнесува 26.243 денари.
- Малите плати, но и неможноста да се најде работа се главна причина што младите масовно се иселуваат од истокот на земјата. Сите бегаат во Скопје или во странство. Во Пехчево, на пример, нема никаква перспектива за младите луѓе. Единствена работа што посреќните може да ја најдат е во некое кафуле, мотел или спортска обложувачница, но и тоа е премалку платено. Овој град го крепат само пензионерите и вработените во администрација – вели Магдалена од Пехчево, која во моментов работи во приватна компанија во Скопје.
Таа вели дека ситуацијата е слична и во другите градови во околината, во кои се забележуваат масовни иселувања, особено на лица до 30 години.
Бирото за регионален развој во своите елаборати за степенот на развиеност на планските региони нотира раст на БДП во сите региони, освен во Североисточниот. Сепак, работниците во овој регион добиваат нешто повисоки плати отколку тие што работат малку појужно, односно тука просечната плата изнесува 16.952 денари.
- Бавниот раст на Североисточниот Регион се должи на бавното производствено преструктурирање на фирмите според потребите на домашниот пазар и извозот. Порастот на БДП во другите плански региони се потпира на активирање индустриски зони, отворањето мали и средни фирми во преработувачката индустрија, земјоделството, туризмот и други стопански дејности - пишува во елаборатите на Бирото.
Економистите се едногласни дека Скопскиот Регион уште долго ќе биде носител на економскиот развој на земјава, без изгледи во догледно време некој друг регион да го престигне.
Просечна исплатена плата по региони
- Скопски Регион – 26.243 денари
- Полошки Регион – 21.484 денари
- Пелагониски Регион – 20.600 денари
- Југозападен Регион – 20.044 денари
- Вардарски Регион – 17.699 денари
- Југоисточен Регион – 17.506 денари
- Североисточен Регион – 16.952 денари
- Источен Регион – 16.701 денар