Најубавите цитати од ремек-делото на Лев Толстој - „Ана Каренина“

Најубавите цитати од ремек-делото на Лев Толстој - „Ана Каренина“

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Сцена од филмот „Ана Каренина“
(Фото: Wikipedia)


„Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин...“

„...знаеше дека за него сите девојки на светот се делат на два вида: едниот, тоа се сите девојки на светот, освен неа, и тие девојки ги имаат сите човечки слабости и се многу обични девојки; и вториот вид – тоа е таа единствена, без никакви слабости и над сè што е човечко...“

„...и двете љубови се камен на сопнување за луѓето. Едните знаат само за една, другите за друга. А оние што знаат само за неплатонска љубов, напразно зборуваат за драма. Во таква љубов не може да има никаква драма. Слуга покорен и благодарност за задоволството, мојата почит, тоа е целата драма. А за платонската љубов не може да има драма затоа што сè во таквата љубов е јасно и чисто...“

„...Тие чувствуваат дека ова е нешто друго, дека ова не е игра, дека оваа жена ми е подрага од животот. И токму тоа им е несфатливо и ги лути. Но каква и да била и каква ќе биде нашата судбина, ние ја создадовме и нема да се жалиме на неа...“

„...Тие немаат ни поим што е среќа, тие не знаат дека без оваа љубов за нас нема среќа, ниту несреќа – нема живот...“

„...Не, не, тоа се тие погледи, тоа држење... Сто години да живеам, никогаш нема да заборавам...“

„...Тој ја гледаше како човек што гледа овенато цветче што тој го скинал, и во кое со напор ја препознава убавината од која го откинал и погубил. Па, сепак, без оглед на тоа, кога љубовта му беше посилна, можеше, ако го сакаше тоа, да ја искорне таа љубов од срцето, но сега како што му се чинеше во моментот, дека не чувствува љубов за неа, знаеше дека не може да ја раскине својата врска со неа...“

„...Таа поцрвене, пребледе, повторно поцрвене и премали, а усните лесно ѝ трепереа додека го очекуваше...“

„...Тој долго не можеше ништо да каже, не толку затоа што се плашеше дека со зборовите ќе ја расипе возвишеноста на своите чувства, колку што секојпат кога ќе сакаше да каже нешто, чувствуваше дека наместо зборови, му навираат солзи од среќа...“

„...Сфати дека таа не само што му е блиска, туку дека сега не знае каде завршува таа, а каде започнува тој...“

„...Да се чепка во овие чувства беше болно за неа; но таа сепак знаеше дека тоа беше најдобриот дел од нејзината душа и дека тој дел брзо се топеше во животот кој таа сега го живееше...“

„...А чувствуваше дека напоредно со љубовта што ги поврзуваше, со нив владееше некаков зол борбен дух која таа не можеше да го истера ниту од  неговото, а уште помалку од своето срце...“