КОЛУМНА: Храброст да се биде свој

КОЛУМНА: Храброст да се биде свој

Лектор: Ивана Кузманоска



Колумна на Викторија Митевска

Збор кој често го слушаме во изминатиот период – независност. Секојдневно носиме тешки одлуки, но дали тоа го правиме самостојно, без ничие влијание? Постои поделеност по однос на ова прашање, од една страна се оние што сè можат сами (или барем така мислат) а од друга страна се оние што немаат храброст сами да дејствуваат или едноставно не смеат.

Во демократско општество, како што се декларираме и ние, би требало да имаме повеќе независни, самостојни луѓе кои одлучно и цврсто ќе стојат на своите ставови и кои докрај ќе ги застапуваат своите гледишта. Ете, тоа би било придобивка на демократијата. Слободна мисла и слободно изразување. Доста се приспособуваме на околината иако не е доволно добра за нас, а и зошто да не бидеме различни, свои на сопствен и поинаков начин. И онака монотонијата не е интересна.

Секој ден има нов предизвик пред нас, секое ново утро значи можност за промена – да се направи нешто подобро од вчера. И најдоброто ќе произлезе од нас, не од некој друг. Секоја одлука што ја носиме без притисок и без страв е вистинската и правилната за нас. Само тогаш ние и единствено ние сме влијаеле на неа.

Сведоци сме на борбата што се води за независност на држави и луѓе. Но најпрвин треба да се ослободат луѓето, да почнат да размислуваат самостојно и без нечие влијание да дејствуваат во онаа насока што тие ја посакуваат. Дури тогаш ќе се издејствува независност и на целиот ентитет.

Дури и кога ќе згрешиме при одлучувањето, сè додека тоа произлегло од нас, верувајте ќе можеме да се справиме со последиците. Секоја одлука што ја носиме ни е еднакво важна на крајот на денот. Ние и само ние можеме да знаеме што е најдобро за нас и како да дојдеме до тоа. Да, може и ќе погрешиме некогаш, но само за да сфатиме каде грешиме. И на крај, повторно ќе бидеме на правиот пат.

Само ако ние самите сме независни и се чувствуваме слободно во нашата држава, во секој дел од нашето секојдневно дејствување и одлучување, само тогаш ќе имаме и слободна држава. Само со одлучност може да одиме напред, да го достигнеме врвот, да се спознаеме себеси и светот вистински, да одиме докрај. Да, потребна е храброст да се биде свој во животот.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.