КОЛУМНА: Ај да те прашам нешто
Колумна на м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Политиката треба да постои за да не те интересира политиката. И кога велиме дека не нè интересира, тогаш всушност сме или најзасегнати, па не сакаме да размислуваме, оти знаеме дека не можеме да промениме многу, или пак мислиме на луѓето што ја водат политиката, кои се „неинтересни“, т.е. без никаква морална хигиена во устата и умот за да ги дискутираме. И тука настанува борбата – меѓу моќта и интересот, односно моќта да се променат нештата и способноста и вештините таа промена да се ефектуира во пракса. Колку личниот интерес е симбиоза од тоа колку те интересира, колку ти е интересно или имаш интерес, е многу посложено прашање кое секој сам треба да си го одговори.
Александар Хамилтон во „Статиите во Федералисти“ (1788 год.) вели: „Што е моќта, ако не способност или вештина да се направи нешто? Што е способноста да се направи нешто, ако не моќ за користење на средствата потребни за негово извршување?“ Оттука и она што мене ме заинтересира: Колку оние што се способни ја имаат вистинската моќ во своите раце? И што се случува кога способните ќе добијат моќ? И има ли старосна граница на оние способните кога се вклучува „интересот“ во игра?!
Личниот интерес, исто како и моќта, има многу негативни конотации и асоцијации од типот: себичност, егоцентричност, тесноградост, богатење на туѓа (државна) сметка, фрустрации, итн. Да одбиеме да веруваме дека не постои личен интерес во кој било претставник на власта, политичар, функционер, член на управен одбор, советник на пратеничка група, новоназначени фотелјаши, претходни властодршци, итн. значи да замижеме пред она што е очигледно, а тоа е да го видиме човекот како суштество онакво какво што е: самољубиво суштество кое гледа да приграби што е можно повеќе за себе, и да мислиме за човекот онаков каков што сакаме да биде. Многу погрешно, илузионистички и инфантилно, донекаде.
Да не се лажеме, далеку сме од алтруизам, но обиди за помош и поддршка постојат во нашето општество и тоа е тоа што треба да се пофали и издигне повисоко, оти за тоа треба напор и сила за борба против сите (нон-сенс) предрасуди. Проблемот во корумпираноста на сите нивоа не е во моќта, таа ја имало и ќе ја има, проблемот е во нас самите. Во способноста да се надвладее со негативните асоцијации на моќта. Моќта е таа што корумпира и искуствата соочени со моќните нè тераат да заклучуваме секојдневно: „Сите се исти кога ќе дојдат на фотелја“. И ништо чудно што е така, оти зборот „фотелја“ во нашиот речник значи –„Удобен, мек стол за одмор во која човекот може да се навали“. Оттаму и не е чудно што луѓето што ќе дојдат на тоа место се одмораат и користат секакви удобности. Но, проблемот не е во речникот, иако навидум така изгледа, проблемот е во другиот дел од приказната – способноста на „способните“ свесно да се отстрануваат од удобностите што ги нуди фотелјата и тоа континуирано. Оти истата морална одлука ќе треба да ја носи секое утро, без компромис.
Моќта е генератор на промени, на квалитет на живот, на надеж, која не работи без способност да се претвори сето тоа во реалност. Е сега, прашањето за личниот интерес: што е тоа што го иницира интересот кај „способниот“ човек за да ја злоупотреби моќта што ја има? И како да спречиме истата да влијае негативно кај „способните“, доколку сметаме дека сме ги поставиле на вистинското место? Има ли простор за конструктивна критика кај нив, кај нас? Има ли слух за тоа и прифаќање на моментот кога згрешиле?
И ај да те прашам уште нешто, како да го претвориме личниот интерес во општ, заеднички интерес за сите?
Многу се прашањава во текстов, ко за на екстерно, ама бидејќи е укинато екстерното, ќе ве лишам и од одговори (иако можните имплицитно веќе ви ги посочив) оти сметам дека сте доволно способни и моќни да резонирате мудро кога е интересот во прашање, а тоа е: здрав, квалитетен и безбеден живот за сите нас. :)
Автор: м-р Лилјана Пецова-Илиеска
Лилјана Пецова-Илиеска е магистер по филолошки науки. Пишува поезија, рецензии и колумни. Има објавено неколку научни трудови во „Спектар“ - научно списание на Институтот за македонска наука и литература, на теми од теорија на литература со апликација на примери од македонскиот фолклор. Со своја поезија е застапена во неколку е-зборници.