Нова десетметарска скулптура од кавадарчанката Елпида Хаџи-Василева ќе се издигне во Англија

Нова десетметарска скулптура од кавадарчанката Елпида Хаџи-Василева ќе се издигне во Англија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Позициониран на врв со панорамски поглед на долината Кеноп, „Врв“ ќе се вклопува во околината и според изгледот и според сенките што ќе ги фрла, но совршено треба да се вклопува и со звуците што ќе ги пропушта низ конструкцијата


Елпида Хаџи-Василева со макета на новото дело

„Врв“ (Cusp) е новата скулптура од нашата мултимедијална уметница, кавадарчанката Елпида Хаџи-Василева, која ќе биде изведена како монументално дело во географскиот, историски и културен регион Forest of Dean Sculpture Trail во Глостершир, Англија. Меѓународно познатата уметница ќе ja изведе својата голема нова скулптура под покровителство на добротворната фондација Forest of Dean Sculpture Trust во партнерство со Forestry Commission England. Скулптурата треба да биде завршена до крајот на пролетта, идната година.
Новото дело од Хаџи-Василева ќе биде високо 10 метри и ќе зафаќа 10 метри во дијаметар. Монументалниот дизајн ќе биде направен од сложена метална конструкција, изработена во соработка со локалните мајстори-столари. „Врв“ ќе биде поставен на местото на поранешната џиновска скулптура на столче од скулпторката Магдалена Јетелова.


Ќе биде поставена на местото на поранешното монументално дело од Магдалена Јетелова

Елпида Хаџи-Василева вели дека е многу возбудена што била избрана да го постави своето ново дело во Forest of Dean, една од најпочитуваните локации за специфични скулптури од современата уметност во Англија.
- Поминувајќи време со локалните жители, дискутирајќи за моето дело, одвај чекам да почнеме да работиме заедно на изведбата. Навистина е голема привилегија да ги следам стапките на Магдалена Јетелова, која создаде толку симболична скулптура за Forest. Се надевам дека „Врв“ ќе го доживее истото ниво на почитување, локално и интернационално – вели Хаџи-Василева.

Осврнувајќи се на духовноста, наследството и на пејзажот на Forest и локалните жители, „Врв“ прво ќе се појави во форма на дрво, како дел од околниот пејзаж. Според визијата на уметницата, гранките асоцираат на крилја или отворени раце во гест на добредојде. Позициониран на врв со панорамски поглед на долината Кеноп, „Врв“ ќе се вклопува во околината и според изгледот и според сенките што ќе ги фрла, но совршено треба да се вклопува и со звуците што ќе ги пропушта низ конструкцијата.
- „Врв“ е една од најамбициозните скулптури што досега сме ги поддржале. Добиваме неверојатна поддршка од основачите и од локалните жители за успешно да го завршиме овој потфат. Скулптурата нема да биде само ново величествено обележје, туку ќе служи и како едукативна работилница за учениците и за сите посетители во наредните децении – вели Кети Мегер, проектен директор на фондацијата.


Forest of Dean

Елпида Хаџи-Василева е родена во Македонија во 1971 година. Дипломирала при Школата за уметност во Глазгов во 1996 година и добила мастер-диплома на отсекот скулпторство при Кралскиот колеџ во Лондон 1998 година. По дипломирањето Елпида учествувала во многу интернационални изложби, вклучително L’H du Siege во Франција, музејот Kilmainham Gaol во Даблин и трипати била претставник на Венециското биенале за ликовна уметност. Во 2005 година во рамките на групна изложба, во 2013 била како национален претставник на Македонија, а лани како претставник на Ватикан. Има учествувано и во многу европски програми за уметнички престој, вклучувајќи го ArtSway, ирскиот Музеј на модерна уметност и Berwick Gymnasium Fellowship. Хаџи-Василева исто така има работено на јавни проекти и скулптурни просторни инсталации, вклучително: „Ние сме сенки“, Unit2, Лондон; „Животен циклус“, Бристол; Re|Sort, Галерија Фабрика, Брајтон; Ambush, The New Forest. Живее во Лондон.