Големиот Корален Гребен: Научниците со нова технологија регенерирале корали
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Фото: Wikipedia
Научниците успеале да одгледаат корал од Големиот Корален Гребен во Австралија и да го пренесат на друга локација, со што им се враќа надежта дека ќе можат да го обноват екосистемот што претрпе штета поради глобалното затоплување. Истражувачите од Универзитетот во Австралија, кои во неделата го објавија своето истражување, кон крајот на 2016 година собрале голема количина јајца и семиња од коралите на островот Херон, на источниот брег.
Тие произвеле големо количество ларви, кои подоцна ги пренеле на оштетените места на Големиот Гребен, кој е загрозен од климатските промени. По осум месеци научниците открија дека младиот корал преживеал и пораснал. „Успехот на ова истражување не е важен само за Големиот Корален Гребен, туку и во меѓународни размери“, изјави Питер Харисон, истражувачки менаџер.
„Тоа покажува дека оштетувањето на коралната популација би можело да биде обновено на места на кои е загрозено природното производство на ларви“, додава тој.
Методот е различен од таканареченото градинарско растење на коралите, кое се состои од откинување гранче од здрав корал и негово пресадување на гребените, со надеж дека ќе може да се одгледува корал во расадниците.
Научникот верува дека оваа постапка ќе може да се користи за широката употреба. Големиот Корален Гребен, кој во 1981 година беше вклучен на Листата со светско наследство на УНЕСКО, се простира на 345.000 квадратни километри по должината на брегот на Австралија и е најголемата заедница на корали во светот, со 3.000 системи и стотици тропски острови. Минатата година неговата деградација имаше најголемо забрзување откако почнал да се следи овој процес поради растот на морската температура.
Почетните истражувања од воздухот и од морето покажаа дека во 2016 година се разградени 22 отсто од коралите во плитката вода, а перспективата е прилично мрачна со оглед на тоа што втора година по ред настанува „белеење“. Ова избелување настапува кога коралот, поради невообичаени услови, како што се повисоките температури на морето, почнува да исфрла фотосинтетички алги, па ја губи бојата. Поновите истражувања покажаа дека овој процес сега се одвива на поголеми длабочини, недостапни за нуркачите.
Светските лидери во 2015 година во Париз се согласија дека со намалено користење на фосилни горива ќе се ограничи просечниот пораст на температурата на два Целзиусови степени, но Доналд Трамп му зададе тежок удар на
договорот со неговата најава за повлекување на Америка, а Америка, веднаш зад Кина, е втор најголем загадувач во светот.