Големиот човек што пред еден век се криел во кавадаречкото село Дабниште
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Овој човек ќе го скриеш кај тебе. Не смееш ништо да кажеш, кој го донел, кај дошол, од каде дошол, кога дошол. По цена на што и да ти се случи. Ако слушнам дека нешто си кажал, ќе ти настрада целото семејство – раскажува Петре Камчевски, историчар, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци
Селото Дабниште денес
Зошто една куќа во кавадаречкото село Дабниште е поинаква од другите и како ја сменила историјата само неколку години подоцна?
Во 1908 година во Дабниште дошол турскиот бег од село Бегниште. Водел со себе човек. Отишол во куќата на Атанас Ајзовски и му рекол на домаќинот:
- Овој човек ќе го скриеш кај тебе. Не смееш ништо да кажеш, кој го донел, кај дошол, од каде дошол, кога дошол. По цена на што и да ти се случи. Ако слушнам дека нешто си кажал, ќе ти настрада целото семејство – раскажува Петре Камчевски, историчар, кустос-советник и директор на Музејот во Кавадарци.
Петре Камчевски, историчар, директор на Музејот во Кавадарци
Турците знаеле дека има некој гостин-илегалец во селото. Важен човек, офицер во турската војска. Домаќинот го чувал гостинот во јаслите каде што бил добитокот.
- Турците начуле дека се случува нешто во куќата на Атанас. Почнале да го тепаат. Го однеле кон селото Гарниково. Толку бил тепан, што мислеле дека е мртов и го фрлиле во долот – раскажува Камчевски.
Мустафа Кемал Ататурк
Утредента пазарџии од Гарниково што оделе кон Кавадарци виделе дека човек лежи и мрда, се движи. Кога се симнале во долот, виделе човек, сиот облеан во крв. Го зеле и неколку дена го чувале и го лекувале во Гарниково, па разбрале дека човекот е од Дабниште.
- По 20 години, во 1924 година, кога Мустафа Кемал Ататурк станува татко на современа Турција, во весникот „Политика“ се јавува напис: „Ако е жив Атанас Ајзовски, да се јави, сакам да се видам со него“. Атанас го видел тоа и долго време писмото си го чувал во појасот. Но, веќе бил стар и не можел да оди на пат. За возврат, Ататурк му испратил богат пакет со подароци, алви и локуми и една пушка од системот манлихер што ја викаат трофејна. Кундакот е обложен со ковано сребро – раскажува Камчевски.
Пушката е изложена во кавадаречкиот музеј
Во 1952/3 година, Атанас веќе бил починат, во селото учител бил Пане Поп-Коцев и го замолил семејство Ајзовски да му ја дадат пушката.
- Така Музејот ја доби пушката од Пане Поп-Коцев, но со оваа приказна. Кога доаѓаа посетители од Турција, од Измир и од Истанбул, беа особено заинтересирани за куќата на Атанас Ајзовски. Имаа идеја од неа да се направи Спомен-куќа, место каде што како илегалец престојувал Кемал Ататурк – вели Камчевски.