Ова дрво е речиси бесмртно - не може да умре од старост
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Годините носат малку промени за дрвото гинко. Веќе десетици милиони години и по повеќекратни масовни истребувања ова „ботаничко чудо“ стои непоколебливо и претставува жив фосил, додека светот околу него старее.
Овој вид е речиси бесмртен - и тоа не е претерување. Како што излегува, овие дрвја може да живеат над 1.000 години (некои сметаат дури и 3.000) а најдеталното истражување до денес покажа дека нивниот животен век теоретски е неограничен.
Додека стареењето и смртта се природен дел од животот на секое суштество на планетата Земја, растението гинко покажува малку знаци на стареење.
Всушност, испитувајќи примероци од ткивото на девет дрвја гинко, стари над 600 години, тимот воопшто не можел да најде докази за стареење.
- Кај луѓето, како што старееме, нашиот имунолошки систем почнува да се влошува - вели биологот Ричард Диксон од Универзитетот во Северен Тексас, додавајќи дека имунолошкиот систем кај овие дрвја, иако тие се стари 1.000 години, изгледа како на 20-годишник.
За разлика од претходните истражувања, кои главно се фокусирале на листовите на гинко, новите истражувања се врзуваат на васкуларниот камбиум на дрвото - тенок слој на ткиво во трупот што произведува нова кора и дрво. Овој регион содржи меристем клетки, кои се слични на матичните клетки кај животните, иако се далеку помалку истражувани на молекуларно ниво.
Фото: Pixabay
За да дознаат како се менува камбриумот со возраста, истражувачите ја испитувале активноста на секој камбриум, нивото на хормоните и гените поврзани со отпорноста.
Во сите возрасти на дрвјата тие не откриле значителна разлика во генската активност или отпорност на болести. Всушност, единствената работа што навистина се променила била ширината на прстените на дрвото, што се чини дека нагло се намалила во текот на првите 100-200 години, пред да продолжи со побавен пад во текот на наредните стотици години.
Но, тоа не значело дека целиот раст бил спречен. Интересно е што секундарниот раст на дрвото не покажал пад кај дрвјата од 10 до 600 години.
Овие наоди не тврдат дека стеблата се бесмртни, туку дека веројатно нема да умрат од старост. Наместо тоа, овој вид дрво најчесто ќе настрада од надворешни фактори, како ветер, оган, молња, болест или висока температура.
- Стареењето не претставува проблем за овој вид. Најважниот проблем е стресот - вели физиологот за растенија Серги Муне-Бош.
Што се случува со дрвото гинко по 600 години живот, и понатаму не се знае. Постојат шанси овој древен вид да почне да покажува знаци на молекуларно стареење во подоцнежните стадиуми од својот живот.
Ќе бидат потребни дополнителни
истражувања пред научниците да откријат што се случува со ова дрво во текот на неговиот долг, долг живот.