Велешки велосипедисти маркираа и промовираа 50 дестинации за кои досега не сме слушнале - некои од нив извозуваат по 60.000 километри годишно
Најинтересни или најатрактивни, најблиски или најдалечни, љубителите на алтернативниот туризам ќе можат да си одберат некои од 50 дестинации во Македонија за кои најголемиот дел од туристите досега ниту слушнале ниту ги виделе, а се дел од проектот „Посети 50 места во Македонија“.
Четири од овие места се наоѓаат во околината на Велес, од каде што потекнува Здружението „Велес бајкинг“, а од кое потекнува идејата за овој несекојдневен проект за запознавање со ретките убавини на Македонија.
Околу 6.000 километри поминати со автомобил и 2.000 километри извозени со велосипед низ земјава за да се маркираат, раскажат и доловат убавините во два терабајти видеоматеријал и низ повеќе од 3.000 фотографии со кои ќе се полни штотуку отворениот портал www.visit50placeinnorthmacedonia.com.
- Проектот е промоција на мали места кои имаат потенцијал за алтернативен туризам за планинарење или семејни излети, но не се на туристичката карта. Најголем дел од луѓето не знаат за нив, а се привлечни и атрактивни, па е вистинска штета да бидат оставени така. Ние одбравме педесетина, а реално има повеќе, но со овој таргет на места што ги посетивме се надеваме барем половината да привлечат внимание во текот на годината, особено во летниот период. Словенија ми е пример за ваков вид туризам. Таа има неколку страници со посети на најдобри 20 места, најинтересни 50, најатрактивни 10. Мислевме дека самиот наслов „Посети 50 места“ ќе привлече внимание – истакна претседателот на здружението „Велес бајкинг“, Зоран Јаневски.
Не може наеднаш да се посетат сите 50 места, но може да се направи круг од неколку локации кои може да се посетат во еден ден со велосипед и да се извозат околу 100 километри. Туристите можат сами да ги посетат локациите со помош на дигиталните мапи на телефоните на местата каде што има велосипедска или планинарска патека, а за оние што не сакаат да се „мачат“, велосипедистите можат да направат придружба.
Идејата за овој проект се родила додека возеле велосипед заедно со словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, кој е страстен планински велосипедист и почесен член на здружението.
- Јас работев во Општина Велес, во делот на локално-економски развој, а инаку сум пасиониран планинар, велосипедист и кајакар. Пред четири години секретарката на сегашниот амбасадор на Словачка, која исто така е велосипедист, сакаше да ме запознае со амбасадорот затоа што делиме иста страст. Се запознавме и за овие години, 90 отсто од Македонија ја прошетаме заедно. Возејќи се, му реков: „Амбасадоре, ајде да ги промовираме овие убавини, да направиме страница на македонски и на англиски јазик, и преку амбасадата да им ги понудиме на Чесите, Словаците и на Полјаците. Изработивме заедно предлог-проект кој брзо беше одобрен во Братислава – раскажа Јаневски.
Здружението има потпишано меморандуми за соработка со неколку општини и со Агенцијата за поддршка и развој на туризмот со цел да се финансира проектот, кој чини 10.000 евра за седум месеци активности со цел што побрзо да профункционира порталот.
- Помогна една приватна фирма која не сакаше ништо за возврат. Тур-оператор се заинтересира да ги преземе понудите од страницата и да им ги понуди на туристите со тоа што понудата мора да има комерцијален карактер, а во понудата треба да бидат вклучени ангажмани на наши членови.
Како втора етапа во проектот планираме сите велосипедисти од планинарско-велосипедските здруженија што имаат познавања од планините да бидат водичи и со тоа да остварат дополнителни приходи. Искрено, нема човек кој подобро ја знае земјава од планинарите и велосипедистите - објасни велосипедистот од Велес.
Овој проект е последниот од низата активности што „Велес бајкинг“ ги прави од 2014 година откако официјално егзистира како здружение, односно од 2012 година кога на „Фејсбук“ се здружиле првите десетина велосипедисти.
На првиот велосипедски настан за време на „Питијада“ во 2014 година наместо планираните 50, им дошле 350 велосипедисти, што било знак дека треба да се формира Здружение кое посериозно ќе се занимава со активностите.
- Областа Азот околу Богомила ни е привлечна и затоа решивме да направиме велосипедска тура со фестивал кој прерасна во традиционален фестивал на отворено, кој еве ќе го правиме деветта година по ред. Шеста година по ред одиме кај пчеларката Атиџе, ѝ носиме подароци и финансиска помош уште кога никој не знаеше за неа. Организираме хуманитарни настани, крводарителски акции, правиме од 50 до 60 велотури годишно – објасни Јаневски.
Секој велосипедист од здружението поминува во просек по 5.000 километри годишно. Зоран како страстен велосипедист поминал околу 60.000 километри. Вели дека за возење е потребна само волја, минимум физичка подготвеност и каков било исправен велосипед.
- Имаме групни тури во кои секогаш има прв и последен возач. Мораме да се однесуваме професионално затоа што е тешко кога ќе се вклучиме во сообраќајот. Возачите на автомобили не се пријателски настроени кон велосипедистите. Во Македонија е многу тешко да се вози велосипед и има многу опасности - истакна велешкиот велосипедист.
Зоран не верува дека неговиот Велес ќе се трансформира од град со најмногу мотоцикли по глава на жител во град со најмногу велосипеди по глава на жител поради местоположбата и немањето интерес за возење велосипед.
- Во Велес, пред пет години, едно испитување покажа дека само 0,5% од граѓаните возат велосипед, а тоа е малку за патека. Ние во Велес пред две години ги направивме првите паркинзи за велосипеди пред институциите - рече Јаневски и додаде дека најголема мака на секој велосипедист се крадците, па многу често велосипедите ги чуваат врзани со синџири или во своите спални соби.
Фото: приватна архива