Колку чинат патувањата на британското кралско семејство?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Патување какво што имаат членовите на кралските семејства звучи одлично. Ако не морате сами да си ја платите сметката.
Веб-страницата GoBankingRates.com неодамна направи истражување за да открие колку британските даночни обврзници ги чинат патувањата на членовите од кралското семејство во странство, но и во Велика Британија.
Истражувањето не ги вклучило трошоците за патувањата на принцот Хари и војвотката Меган, кои биле во службени посети на Ирска, Африка, Австралија, Нов Зеланд, Фиџи... Од друга страна, по напуштањето на кралското семејство тие ќе патуваат на своја сметка.
Еве колку чинат патувањата на другите членови на семејството:
Израел
Вкупна цена на патувањето: 96.958 долари
Кој патувал: принцот Чарлс
Начин на патување: чартер-лет
Членовите на кралското семејство не патуваат често во Израел, но принцот Чарлс на крајот од јануари отишол таму на петтиот Светски форум за холокаустот. Чартер-летовите од Абердин до аеродромот Бен Гурион и назад го направиле патувањето скапо, речиси 100.000 долари.
Франција
Вкупна цена на патувањето: 63.496 долари
Кој патувал: принцот Вилијам и војвотката Кејт, принцот Хари, принцот Чарлс и војвотката Камила
Начин на патување: чартер-лет
Членовите на кралското семејство беа меѓу илјадниците што патувале во Франција во јуни 2016 година по повод одбележувањето на стогодишнината од почетокот на Битката на Сома во Првата светска војна. Неколку чартер-летови се причина за високата цена на ова кратко патување преку Ла Манш.
Виетнам
Вкупна цена на патувањето: 49.383 долари
Кој патувал: принцот Вилијам
Начин на патување: планиран лет
Принцот Вилијам го искористил времето да се дружи со локалните ученици во текот на неговата прва официјална посета на Виетнам, која е една од најповолните дестинации за одмор. Сепак, неговото тридневно патување не било одмор. Посетата била насочена на напорите за заштита на загрозени диви животни, па така имал и состанок со премиерот на земјата и присуствувал на дводневна меѓународна конференција за нелегална трговија со диви животни.
Оман, Обединети Арапски Емирати и Бахреин
Вкупна цена на патувањето: 96.224 долари
Кој патувал: принцот Чарлс и војвотката Камила
Начин на патување: чартер-лет
Чарлс и Камила имале преполн распоред во текот на нивната официјална посета на Блискиот Исток.
Лондон
Вкупна цена на патувањето: 26.635 долари
Кој патувал: кралицата и војводата од Единбург
Начин на патување: кралски воз
Дури и патувањето во Обединетото Кралство може да има висока цена, како што покажува и ова патување на
кралицата Елизабета и принцот Филип. Парот патувал со кралски воз во Лондон на одбележување на стогодишнината на битката на Сома. Потоа со воз патувале до една од нивните палати во Единбург.
Ланкашир и Јоркшир, Обединето Кралство
Вкупна цена на патување: 60.894 долари
Кој патувал: принцот Чарлс
Начин на патување: кралски воз
И регионалните патувања во Велика Британија може да бидат скапи. Принцот Чарлс со воз патувал до Ланкшир и Јоркшир со многу запирања.
Извор:
B92
Фото: Instagram