Студентите мора да разберат дека имаат право да го бараат невозможното

Студентите мора да разберат дека имаат право да го бараат невозможното

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Сега имаме Студентско собрание избрано на фер и демократски избори. Студентите се способни да проценат кој ќе ги застапува нивните интереси, а кој ќе ги застапува партиските интереси. Во случај некој студентски претставник да застрани, студентите ќе можат веднаш да го заменат со друг на следните студентски избори. Затоа и имаме толку краток мандат од една година, вели Ефтимов

Подобра комуникација со студентите, враќање на довербата кон студентското здружување и поголема вклученост во решавање на реалните проблеми на студентите, ветува Борјан Ефтимов, новиот лидер на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистранд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, активен во студентски организации и борец за права на студентите, Ефтимов е категоричен дека претседателот не треба да биде егоцентрик кој ќе сака да ја држи целосната контрола, секаде да биде „главен“ и сите заслуги да ги зема за себе.


Борјан Ефтимов

Истражувања покажуваат дека во последните години студентите не се многу заинтересирани за студентски здружувања и акција? Што ќе направите за да се смени ова?

- Студентите се авангардата на едно општество и мора да разберат дека имаат право да го бараат невозможното. За да ги разбудиме студентите од апатијата, мораме да го изградиме идентитетот на Студентското собрание како студентско движење кое е спремно да застане во одбрана на правата и интересите на студентите. Студентско движење кое нема да отстапи од своите барања и бескомпромисно ќе влезе во борбата за поквалитетно високо образование и подобар студентски стандард.
За да успееме да ги разбудиме студентите, мораме целосно да се отвориме кон нив и да ги повикаме да се вклучат во нашата работа. Универзитетското студентско собрание ќе формира повеќе различни комисии со различни цели и надлежности во чија работа ќе може да се вклучи секој студент што е заинтересиран. Дополнително, ќе организираме јавни средби, дискусии, со студентите каде што заедно ќе разговараме за проблемите со кои се соочуваме и механизмите за нивно решавање.
Не верувам дека студентите се инхерентно апатични, токму напротив, студентите многу пати докажале дека можат да бидат носители на промените во нашето општество. Апатијата е производ на долгогодишното отсуство на студентско претставничко тело кое им припаѓа на студентите. Сега, кога по долги години студентите се изборија за свое претставничко тело, мислам дека многу полесно ќе се разбуди и студентскиот активизам.

Решавањето на кој проблем е најитно, со што прво ќе се зафатите?

- Студентите се соочуваат со многу проблеми во студирањето и студентскиот живот, па така не би можел да издвојам еден проблем што е најитен. Универзитетското студентско собрание брои 46 члена, а УКИМ брои 30.000 студенти. Сметам дека студентите на УКИМ имаат голем капацитет и потенцијал и се способни да работат на решавање повеќе проблеми паралелно. Јас како претседател сам нема да можам да работам на решавање на сите проблеми на студентите, всушност, тоа не е мојата замисла за тоа како треба да ја извршувам позицијата на претседател. Претседателот не треба да биде егоцентрик кој ќе сака да ја држи целосната контрола, секаде да биде „главен“ и сите заслуги да ги земе за себе. Токму напротив, претседателот треба да биде координатор на активностите на студентите со различни квалитети и познавања кои заеднички ќе работат на решавање на сите проблеми, почнувајќи од бирократијата и недостигот на наставни кадри, па сѐ до екологијата и студентскиот животен стандард.



Иако реков дека нема најитен проблем, сепак, како приоритет ќе го издвојам структурното организирање на Студентското собрание и поставување на темелите на кои подоцна сите студенти ќе можат да се надградуваат и да ги решат проблемите со кои сите се соочуваме.

Кога ќе изберете студентски правобранител, тело кое со години студентите го немаа?

- Проблемот со избор на студентски правобранител беше директен производ на отсуството на студентско претставничко тело. Таквиот проблем веднаш ќе биде отстранет. На 28 февруари распишавме конкурс за избор на нов студентски правобранител и во најкус можен рок ќе избереме студентски правобранител со интегритет кој соодветно ќе ги застапува студентите што ќе почувствуваат дека нивните права биле прекршени. Дополнително, речиси сите факултети или избраа или се во процес на избор на заменици-студентски правобранители на своите факултети, така што студентите ќе имаат повеќе инстанции на кои ќе можат да се обратат.
Во текот на мандатот интензивно ќе работиме со студентскиот правобранител и неговите заменици на промоција на нивната позиција и градење доверба кај студентите.

Како ќе комуницирате со студентите?

- Комуникацијата со студентите е есенцијална во нашата работа. Во минатото студентските „претставници“ беа затворени во своите канцеларии и немаа никаква комуникација со студентите, кои најчесто воопшто не знаеја дека имаат свои претставници. Ова мора да се смени.
Првиот чекор што го презедовме е тоа што самите си предвидовме обврска во нашиот Статут дека јавно на веб-страницата на Универзитетот ќе ги објавуваме нашите акти, одлуки, годишни планови и финансиски извештаи. Иако не моравме да предвидиме вакво нешто, сепак, мислам дека оваа обврска значително ќе ја унапреди транспарентноста на Студентското собрание.



Понатаму, покрај официјалното објавување на горенаведените документи, ние ќе воспоставиме и повеќе различни канали на комуникација со студентите. Во процес сме на креирање официјална веб-страница на Универзитетското студентско собрание, на која студентите, покрај тоа што ќе можат да се информираат, ќе можат да даваат и свои коментари, препораки, критики и барања. Дополнително, студентите од понеделник до петок можат да ја посетат нашата канцеларија и директно да ни се обратат за сите нивни потреби. Покрај онлајн-медиумите и канцелариите на УСС, со студентите ќе комуницираме и преку јавни настани и дискусии кои ќе се организираат на сите факултети на Универзитетот.
Ќе се трудиме Универзитетското студентско собрание да е транспарентно и целосно отворено за комуникација со сите студенти.



Студентските организации во минатото многу често биле под некаков политички превез, односно ретко нешто чисто граѓански било завршено, без партија да вмеша прсти. Како ќе се борите со ова?

- За разлика од минатото, сега имаме Студентско собрание избрано на фер и демократски избори. Студентите се способни да проценат кој ќе ги застапува нивните интереси, а кој ќе ги застапува партиските интереси. Во случај некој студентски претставник да застрани, студентите ќе можат веднаш да го заменат со друг на следните студентски избори. Затоа и имаме толку краток мандат од една година. Доколку студентските претставници се залагаат за интересите на студентите, тие ќе бидат повторно избрани. Доколку студентските претставници се залагаат за лични или партиски интереси, тогаш студентите на следните избори тоа ќе го увидат и ќе изберат други претставници кои ќе се залагаат за студентите, а не за себе.

Фото: Борче Поповски