Претчувство или само страв? Дали интуицијата е реална или само производ на нашата психа?

Претчувство или само страв? Дали интуицијата е реална или само производ на нашата психа?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во време кога стравот е речиси опиплив, а неизвесноста е секојдневие, не е невообичаено луѓето да имаат „мрачни мисли“ или претчувства дека нешто лошо ќе се случи. Дали е тоа интуиција, која научниците исто така ја истражуваат, или е само начинот на кој нашиот ум ги обработува стресот и анксиозноста?

Психолозите предупредуваат дека во последните години се појавил феномен кој многумина го нарекуваат „пандемски кошмари“ - соништа во кои луѓето доживуваат глобални катастрофи, болести или несреќи. Ваквите соништа често го отвораат прашањето дали се работи за претчувство за нешто што ќе дојде или само несвесна реакција на стресните вести и информации на кои сме изложени.

За пророштвата и визиите се зборува со векови. Има и историски примери на луѓе кои тврделе дека поседуваат „шесто сетило“. И додека некои предвидувања биле обична случајност, други го оставија светот во неверување.

Неверојатни предвидувања од минатото

Едно од најпознатите пророштва што се споменува и денес е од книгата „Крајот на деновите“ од Силвија Браун. Во книгата објавена во 2008 година таа напишала:

- Околу 2020 година тешка болест слична на пневмонија ќе се прошири низ целата планета, напаѓајќи ги белите дробови и дишните патишта и ќе се спротивстави на сите познати третмани.

Кога изби пандемијата на коронавирусот, многумина сметаа дека ова предвидување е неверојатно точно, додека скептиците тврдеа дека тоа е обична случајност. Треба да се напомене дека Силвија Браун го „пропуштила“ датумот на нејзината смрт дури 11 години.

Друг интригантен случај е од 1912 година. Писателот Морган Робертсон ја објавил книгата „Бесмисленоста на тонењето на Титаник“, во која ја опишал катастрофата на огромниот луксузен брод кој потонал по ударот во санта мраз. Само 14 години подоцна, „Титаник“ навистина ја доживеал истата судбина.

Како да се разликува интуицијата од стравот?


Експертите велат дека интуицијата е често тивок, но упорен глас кој нѐ води на вистинскиот пат. За разлика од стравот, кој доаѓа одеднаш и нѐ обзема, интуицијата може да се појави како благо, но постојано чувство на нелагодност или сигурност.

Психологот Кетрин Ален објаснува дека еден од нејзините пациенти сонувал за авионската несреќа на неговите родители. Подоцна сфатил дека несвесно ја слушнал веста за авионска несреќа во Италија, која потоа ја „персонализирал“ во сон. Ова е доказ дека мозокот ги обработува информациите и може да ги проектира на начин што ни изгледа како пророштво.

Но, што ако се покаже дека интуицијата е точна? Познато е дека некои луѓе претчувствуваат настани како што се несреќи или болести на најблиските. Истражувањата покажале дека мозокот обработува суптилни сигнали од околината и може да ги толкува како претчувство.

Интуиција, сон или претчувство?

Токму ова е дилемата со која се соочуваат многумина. Ако чувствувате дека вашата интуиција ви кажува нешто, експертите го советуваат следново:

Водете дневник за интуиција - запишете кога сте претчувствувале и дали тоа се остварило.
Анализирајте ги вашите соништа – дали во нив се појавуваат елементи од вашето секојдневие?
Обрнете внимание на вашето тело - ако имате необјаснето чувство на непријатност за нешто, можеби не вреди да се игнорира.

Интуицијата е фасцинантен феномен кој продолжува да ги збунува научниците. Додека некои веруваат дека тоа е само потсвесна анализа на информации, други веруваат дека внатрешниот глас може да нè насочи во вистинската насока.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik