Социјалните врски се клучни за спречување болести

Социјалните врски се клучни за спречување болести

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Студија објавена во „Научни извештаи“ открива дека социјалните врски на луѓето играат клучна улога во одредувањето на тоа дали тие преземаат превентивни здравствени мерки.

Истражувачи од Универзитетот „Манчестер“, Универзитетот „Бирмингем“, „Њујорк“ и „Индискиот институт за јавно здравје“ соработувале на овој иновативен проект, кој може значително да го промени начинот на кој се дизајнирани и имплементирани иницијативите за јавно здравје.

Нивната студија - која се фокусирала на превенција од маларија во десет села во Индија, разгледувала како различни фактори влијаат врз употребата на превентивни мерки од страна на луѓето, како што се мрежи за кревет, средства за заштита од инсекти и заштитна облека. Тоа вклучувало детални интервјуа со над 1.500 возрасни лица, собирање информации за нивните здравствени практики и социјални мрежи.

Наодите покажале дека изложеноста на превентивно однесување во нечија социјална мрежа е главниот фактор што влијае дали тие ги прифаќаат истите однесувања - со други зборови, ако вашите пријатели и семејството користат средства за заштита од инсекти, многу е поголема веројатноста да ги користите и вие. Ова посочува дека здравствените однесувања се под силно влијание на нашите социјални врски и не се само резултат на индивидуални избори.

Студијата покажала дека домаќинствата се клучни за отворање дискусии поврзани со здравјето - луѓето имаат тенденција да разговараат за здравствени прашања со личностите во нивното домаќинство, што значи дека информациите и практиките што се споделуваат дома имаат големо влијание.

Интересно, истражувачите откриле дека индивидуалните карактеристики како возраста, полот или образованието, како и советите од здравствените експерти, имаат многу помало директно влијание врз тоа дали луѓето преземаат превентивни мерки.

- Нашата студија покажа дека иако индивидуалните избори се важни, средината во која се прават овие избори, особено нашите социјални мрежи, игра клучна улога во нивното влијание. Програмите треба да бидат дизајнирани да ги искористат социјалните врски, правејќи го здравственото однесување нешто што семејствата и заедниците го прават заедно. Со разбирање на моќта на општественото влијание, можеме да направиме значителни чекори во спречувањето на заразните и незаразните болести и промовирањето поздрави општества - заклучила д-р Елиса Белоти, која била вклучена во истражувањето.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik