Најдобрите бизнис-школи во светот според QS

Најдобрите бизнис-школи во светот според QS

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Најдобрите високообразовни институции за бизнис се во САД и во Европа, покажува најнов извештај на институтот „Квакарели Симондс“ (QS). На ранг-листата за 2021 година се најдоа 550 институции.

Универзитетот „Харвард“ во Масачусетс, САД, е прогласен за најдобра бизнис-школа во светот веќе шеста година по ред. Дипломците од „Харвард“ заработуваат просечна почетна плата од 150.000 долари годишно.

Северна Америка

Во Северна Америка, покрај „Харвард“, на листата со 10 најдобри бизнис-школи се најдоа и оние на Технолошкиот институт во Масачусетс, Универзитетот „Стенфорд“ и Универзитетот на Пенсилванија.

На целата листа, САД имаат 105 универзитети. Канада има 18 бизнис-школи на листата, вклучувајќи и две во првите 50 - Универзитетот на Торонто (38. место) и Универзитетот во Британска Колумбија (на 45. место).

Европа

На листата има дури 216 бизнис-школи од Европа, вклучувајќи и шест во првите десет. Францускиот ИНСЕАД е највисоко позициониран во Европа трета година. Тој се наоѓа на второ место на глобално ниво и е меѓу 13. француски институции на листата.

Лондонската бизнис-школа се наоѓа на трето место на глобалната листа и е една од 62 бизнис-школи на листата од Велика Британија, вклучувајќи и четири помеѓу првите десет. Италијанскиот универзитет „Луиџи Бокони“ се наоѓа на седмо место на глобалната листа.

На листата има и пет дански универзитети и 11 универзитети од Холандија.


Фото: „Харвард“/Wikipedia

Азија

На листата има 110 бизнис-школи од Азија, вклучувајќи и 11 меѓу првите 50. Националниот универзитет на Сингапур е највисоко рангирана бизнис-школа од Азија, а се наоѓа на 12. место на глобално ниво. На листата има 21 институција од Кина, седум од Хонгконг, две од Јужна Кореја и две од Индија.

Австралија и Нов Зеланд

Универзитетот на Мелбурн има најдобра бизнис-школа во Австралија, а се наоѓа на 26. место во светот. На листата има 23 бизнис-школи од Австралија и седум од Нов Зеланд.

Латинска Америка

На листата се наоѓаат 29 бизнис-школи од Латинска Америка, а највисоко рангиран е факултетот за бизнис на Католичкиот универзитет во Чиле, кој се наоѓа на 51. место. Тој е еден од шест универзитети од Чиле на листата. На листата има 11 институции од Колумбија, шест од Бразил, две од Аргентина и една од Костарика.

Африка и Блискиот Исток

Шест африкански универзитети се најдоа на листата, од кои три од Египет и три од Јужноафриканската Република. Американскиот универзитет во Каиро е највисоко рангиран од континентот. На листата има 15 универзитети од Блискиот Исток, а на највисока позиција е Американскиот универзитет во Бејрут.

Ранг-листата се составува врз основа на четири компоненти: академска репутација, репутација помеѓу работодавците, цитати во истражувања и индекс со кој се мерат продуктивноста и влијанието на објавените дела од институтот.

Автор: Викторија Мастерсон
Извор: weforum.org