Дали лет од 11 минути е доволен за некој да биде наречен астронаут?

Дали лет од 11 минути е доволен за некој да биде наречен астронаут?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Поминаа повеќе од 60 години откако жена патувала во вселената без машко друштво. Сега тоа го сторија шест жени. Поп-пејачката Кејти Пери, авторката и свршеницата на Џеф Безос, Лорен Санчез, новинарката и водителка Гејл Кинг, активистката за човекови права Аманда Нгуен, поранешниот ракетен научник Ајша Боу и филмската авторка Керијан Флин успешно полетаа со ракетата „Блу ориџин“ на Безос.

Станува збор за најновиот лет од програмата „Њу шепард“, со ознака „НС-31“, чија цел беше да остави траен впечаток кој ќе ги инспирира генерациите, а овие жени се првиот целосно женски екипаж уште од соло-летот на руската инженерка Валентина Терешкова во 1963 година.

Меѓу познатите личности што го следеа историското лансирање беа Крис Џенер, Клои Кардашијан и Опра Винфри, долгогодишна пријателка на Гејл Кинг.

Патувањето траело околу 11 минути, а ракетата која се управува самостојно полетала од „Лансирната локација 1“ во Западен Тексас во 8:30 часот по локално време.

Достигната е максимална висина од 107 километри над Земјата, а жените технички влегле во вселената кога капсулата ја преминала Кармановата линија, меѓународно признатата граница на вселената.

Сепак, тие нема да бидат официјално класифицирани како астронаути од страна на Сојузната управа за цивилно воздухопловство, НАСА или американската војска бидејќи сите овие институции имаат различни критериуми за добивање статус на комерцијален астронаут.

Додека биле во вселената, членовите на екипажот имале околу четири минути во состојба без тежина, време кое го искористиле за да лебдат низ капсулата и да ја набљудуваат Земјата низ големите прозорци.



Капсулата со екипажот потоа се вратила на Земјата со помош на три падобрани.

Пред летот во понеделникот, вкупно 52 лица биле одведени во вселената преку програмата на милијардерот и сопственик на компанијата „Амазон“, Џеф Безос, кој беше дел од првиот лет на „Њу шепард“ во 2021 година.

Актерот од серијата „Ѕвездени патеки“, Вилијам Шатнер, стана најстарата личност што била во вселената откако се приклучи на мисија на свои 90 години.

Контроверзии

Како и секој голем настан, и ова патување во вселената не помина без контроверзии и теории на заговор. Некои го критикуваа раскошниот приказ на испраќање шест жени во вселената на лет што трае само 11 минути.

Други, пак, имаат различни забелешки на летот на „Блу ориџин“, верувајќи дека сè било инсценирано за да му се „фрли прашина в очи“ на народот.

Некои луѓе полесно веруваат во заговори отколку да прифатат дека еден од најбогатите луѓе на светот може да си дозволи да финансира излет во вселената кој трае само 11 минути.

Извор: Euronews.rs
Фото: Screenshot/YouTube