Револуционерна терапија за срцева слабост - ја намалува смртноста за дури 62 проценти

Револуционерна терапија за срцева слабост - ја намалува смртноста за дури 62 проценти

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во болниците во Велика Британија е воведена иновативна терапија за третман на срцева слабост што може да спаси илјадници животи. Наместо минатото постепено воведување на лекови, на пациентите им се даваат повисоки дози на почетокот на терапијата, што, според новите истражувања, доведува до намалување на смртноста за дури 62 проценти.

Терапевтски пристап сличен на оној што се користи во борбата против ракот

Експертите посочуваат дека овој пристап може целосно да го промени текот на третманот на оваа хронична и неизлечива болест, така што во првите две или три недели од поставувањето на дијагнозата пациентите би добивале оптимални лекови - наместо да чекаат со месеци.

Новата стратегија се нарекува „брзо зголемување дози“, а лекарите ја споредуваат со начинот на кој онколошките пациенти веднаш се третираат со целосна доза на хемотерапија, со цел да се зголемат шансите за закрепнување.

- Слабоста на срцето е тивок убиец. Оваа нова терапија е револуционерна - нешто што не верував дека би го доживеал во мојата кариера. Ќе спаси многу животи и ќе воведе нова надеж во многу семејства - истакнал Мат Сантер, главен техничар за срцева слабост во болницата „Свети Џорџ“ во Лондон.

Првите резултати охрабруваат

Методот веќе се применува во болниците „Свети Џорџ“ во Лондон и „Мористон“ во Свонзи, а резултатите се охрабрувачки. Во рамките на едно големо меѓународно клиничко испитување, кое било спроведено во 87 болници во 14 земји, забележан е пад на стапката на смртноста за 62 проценти, како и намалување на ризикот од повторна хоспитализација за 30 проценти.

- Претходно на пациентите им воведувавме терапија постепено - можеше да помине и до една година пред да достигнеме оптимална доза. Сега тие доаѓаат на контролен преглед, на две недели по отпуштањето од болница, што ни овозможува да реагираме пред да се влоши ситуацијата. Наместо 9 до 12 месеци, препорачаните терапии доаѓаат за 2 до 3 недели - објаснува Сантер.

Нема сите пациенти да бидат кандидати

Сепак, експертите потенцираат дека оваа терапија не е за секого. Д-р Парин Шах, кардиолог од болницата „Мористон“, посочува дека лековите што ги примаат пациентите бараат строга контрола на крвниот притисок и функцијата на бубрезите пред да се вклучат во третманот.

- Не сите пациенти ќе можат да поднесат таков интензивен режим, но кај оние што можат, користа е огромна - вели д-р Шах.

Болницата „Свети Џорџ“ веќе третирала 14 пациенти и планира да примени терапија на уште стотина пациенти во текот на годината. Болницата „Мористон“ планира да лекува 500 пациенти од регионот Свонзи и Нит Порт Талбот.

Поддршка и од државата и од самата област


Британската национална здравствена служба ја гледа оваа терапија како значаен чекор напред.

- Овој третман може целосно да ја промени прогнозата кај голем број пациенти со срцева слабост - вели проф. Симон Рој, национален директор за срцеви заболувања во рамките на Британската национална здравствена служба.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik