Идеална пролетна дестинација: Кеукенхоф, најпознатиот и најголем парк на лалиња во светот

Идеална пролетна дестинација: Кеукенхоф, најпознатиот и најголем парк на лалиња во светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пролетта е во полн замав, а луѓето посетуваат цветни паркови за да уживаат во благодатите на најубавото годишно време. Една од најпознатите вакви атракции е ботаничката градина Кеукенхоф, интернационален парк на цвеќиња во Холандија што датира од 1949 година.

Градината се наоѓа на самиот брег на гратчето Ласе, помеѓу Амстердам и Хаг, и е најголемата градина во светот што содржи 800 вида лалиња, по кои е познат регионот. Исто така, местото изобилува и со зумбули, нарциси, рози и ириси. Повеќе од седум милиони цвеќиња расцветуваат секоја пролет на 32 хектари земјиште, правејќи ја Кеукенхоф најпосакуваната дестинација за сите љубители на цвеќиња.

1

Секоја година паркот повторно тематски се уредува, а целата убавина на амбиентот ја дополнуваат старите, повеќевековни стебла, живописните канали, водопади и фонтани.

Ова живописно место е отворено само осум недели годишно, а во тоа време го посетуваат околу 800.000 посетители.

2

Инаку, лалињата пристигнале во Холандија од Отоманското Царство, денешна Турција, во текот на 16 век. Подоцна, во 1857 година во Холандија било донесено решение за надгледување на трговијата со цвеќиња.

Почнале да ги одгледуваат наменски, не само лалиња, туку и нарциси, зумбули и други цвеќиња. На овој начин биле создадени илјадници цветни орнаменти што подоцна биле искористени за создавање прекрасни паркови, а сеченото цвеќе почнало да се извезува.

4

5
Фотографии: Shutterstock