Тестирање на 5Г-технологија – партнерство на „Македонски телеком“ и ФЕИТ
Студентите на ФЕИТ меѓу првите ќе ја тестираат новата технологија што ќе се воведе во Европа по 2020 година
Партнерство за тестирање на 5Г-технологија денеска во Скопје објавија „Македонски телеком“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии и го одбележаа 17 Мај – Светскиот ден на телекомуникациите. „Македонски телеком“ ќе инсталира 5Г-опрема и уреди за тестирање со што ќе им овозможи на студентите и професорите први да работат на функционалностите на овој нов технолошки стандард. Добиените резултати ќе се користат за научни цели и унапредувања на услугите кои во иднина ќе им бидат достапни на корисниците.
Деканот Димитар Ташковски, професорката Лилјана Гавриловска и директорот Никола Љушев (десно)
Тестирањата ќе се прават на новата опрема од „Македонски телеком“ и во новата 5G Evolution Laboratory во рамките на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи, која му припаѓа на Институтот за телекомуникации на ФЕИТ.
- Нашите професори и студенти повеќепати се наградувани со престижни признанија за проекти што се развивале во постојната лабораторија. Отсега, со новата 5Г опрема и уреди, во новоформираната лабораторија ќе ја имаме првата и единствена можност во земјава за тестирање, експериментирање и проучување на реални сценарија поврзани со идните технологии. Реалното тестирање на оваа технологија ќе им даде голема предност на нашите професори, соработници и студенти и сигурна сум дека ќе продуцира нови решенија и иновации - изјави Лилјана Гавриловска, редовен професор на ФЕИТ.
5Г или мрежата на петтата генерација во наредните години не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време, туку целосно ќе го смени начинот на кој функционира нашето општество.
- Ние интензивно работиме на подготовки за воведување 5Г и планираме инвестиции во мрежата за таа намена. Минатата година го изведовме првото 5Г демо во регионот, а до крајот на годинава ќе имаме платформа со која ќе добиеме искуства во реално опкружување. Потребни се уште многу тестирања, но сè повеќе се доближуваме до комерцијалната фаза. Партнерството со ФЕИТ е уште еден чекор кон развој на 5Г-технологиите, но и многу повеќе од тоа затоа што ќе им даде предност на студентите, идните телекомуникациски професионалци, и на професорите први да ја тестираат новата револуционерна технологија која сè уште целосно не е воведена во Европа - изјави Никола Љушев, извршен директор на „Македонски телеком“.
Со студентите на ФЕИТ
5G Evolution Laboratory е новоформирана лабораторија во рамките на Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи при Институтот за телекомуникации. Лабораторијата е опремена преку НАТО-проект за емулација на 5Г јадрена мрежа и виртуелен радиопристап, користејќи софтверски дефинирано радио. Преку соработката со „Македонски телеком“, 5G Eolution Laboratory дополнително ќе се надгради со реални 5Г-уреди за тестирање на перформансите и ќе прерасне во најсовремена лабораторија во земјата каде што ќе се тестираат 5Г мобилни технологии и системи.
Лабораторијата за безжични и мобилни мрежи досега се користеше за проекти од областа на безжичните и мобилните комуникации со примена кај 3Г и 4Г-мрежите. Станува збор за истражувачка лабораторија во која се извршуваат истражувања и тестирања поврзани со тековните проекти и иновативни технолошки решенија (виртуализација, мапи за радиопокриеност, динамичен пристап кон спектар, интелигентни инфраструктури, само/организирачки мрежи и друго). Лабораторијата е акредитирана и за мерења на карактеристики и сообразност на радиоопрема и мерења на радиоспектар. Во оваа лабораторија досега се реализирани повеќе проекти од областа на безжичните и мобилните комуникации, како и студентски истражувања во рамките на дипломски, магистерски и докторски трудови. Членовите на лабораторијата повеќепати се наградувани со престижни меѓународни признанија. Опремата, подигањето на хардверската платформа и новиот софтвер ќе овозможат тестирања на најновите мобилни технологии и системи, со што академскиот кадар заедно со студентите ќе има можност да работат во првата лабораторија за тестирање на 5Г во земјава.