„Стрипот е мост помеѓу визуелните и литературните светови кој полесно допира до младите“, вели Владимир Битољану по повод првиот „Стрип трип фестивал“

„Стрипот е мост помеѓу визуелните и литературните светови кој полесно допира до младите“, вели Владимир Битољану по повод првиот „Стрип трип фестивал“

 Ќе имаме гости со светско реноме, панели кои ќе покријат многу интересни теми, од домашната до светската стрип-сцена, стрип-работилница за млади, ќе се додели награда за македонско стрип-наследство, ќе има проекција на филмови со стриповска тематика, организирано потпишување и цртање посвети од гостите, музичка програма, стрип-берза... ни навестува Владимир Битољану

Број 1 изданието на „Стрип трип фестивал“- Скопје се одржува денеска и утре во МКЦ. Дискусии и презентации на најнови домашни и регионални стрип-изданија, гости автори и издавачи, изложба на реномирани стрип-цртачи, музичка програма, работилница за цртање стрип за деца, филмска програма, берза на стрипови... се дел од програмата.

- Ги повикуваме сите издавачи, колекционери, стрипомани и љубители на стрипот, со нивните најмили, да повелат и да земат активно учество на првото премиерно издание на „Стрип трип“, кое искрено се надеваме дека ќе прерасне во богата и долгогодишна традиција, како што личи на еден сериозен, возобновен и етаблиран град на една држава што претендира да претендира. Би сакале да им се заблагодариме на стрип-книжарницата „Бункер“ и издавачите Стрип, Квадрат и Тошо Филиповски за несебичната помош и насока во организацијата, како и нашето културно богатство, илустраторот и уметник Гоце Илиевски, кој го креира дизајнот за овој настан - истакнуваат од МКЦ.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје.



Многу повеќе од евтина забава

За иницијативата за организирање еден ваков настан, поразговаравме со Владимир Битољану, основач на стрип-книжарницата „Бункер“ и долгогодишен љубител на стрип-уметноста, кој смета дека организацијата на еден ваков фестивал е од огромно значење за промовирањето на стрип-културата кај нас.

- Стрипот во светски рамки веќе одамна е препознаен и признат како уметност. Врвните дела од областа на стрипот рамноправно конкурираат за најпрестижните светски награди (Пулицер, Букер итн.), најголемите фестивали се мејнстрим-настани кои привлекуваат стотици илјади посетители од целиот свет. Оттаму сметам дека е многу важно и кај нас да заживее идејата за тоа дека стрипот може да понуди многу повеќе од евтина забава, стереотип кој, за жал, сѐ уште е присутен во нашето општество. Многу е важно стрипот да биде извлечен од маргините на културните случувања – смета Битољану.
Идејата за организирање стрип-фестивал постои подолго време кај љубителите на стрипот.
- За жал, таа досега беше неостварлива поради економско-логистичките ограничувања. Така, целата работа остана во доменот на некаква наша нереализирана мечта. Некаде во март бев контактиран од Марга и Грга од МКЦ. Тие ми ја изложија идејата за лансирање стрип-фестивал и можам слободно да кажам дека тие се главните „виновници“ за тоа што за неколку дена ќе го имаме првото издание на „Стрип трип“. Сметам дека ангажманот на МКЦ како организатор на фестивалот е полн погодок и пример како јавните институции треба да ги поддржуваат културните настани. Прво, затоа што МКЦ отсекогаш бил носител на прогресивни идеи, а потоа затоа што ја има неопходната логистика која може да покрие организација на настан од ваков калибар. Откако беше обезбедена поддршката, поширок круг на стрип-ентузијасти несебично помогнаа целата работа да се истурка докрај – посочува Владимир.



Мост помеѓу визуелните и литературните светови

Идеите за склопување на програмата биле во голем број, вели тој.

- Секој од нас имаше многу замисли и инсистираше тие неизоставно да бидат вткаени во програмата. Вистински огномет од идеи. Шегата настрана, на крајот се направи селекција на она што е објективно остварливо во моментов и на она што не е. Сметам дека имаме многу шаренолика и квалитетна програма во која секој ќе може да најде нешто за себе. Ќе имаме гости со светско реноме, панели кои ќе покријат многу интересни теми, од домашната до светската стрип-сцена, стрип-работилница за млади, ќе се додели награда за македонско стрип-наследство, ќе има проекција на филмови со стриповска тематика, организирано потпишување и цртање посвети од гостите, ќе има музичка програма, стрип-берза – вели Владимир Битољану.

Стрипот кај нас, за жал, во моментов е некаде на маргините на културните случувања, додава тој.



- Секој од нас што на некој начин е инволвиран во стрипот води некаква своја изолирана борба. Потребна е генерална државна стратегија, поддршка за домашните автори, поддршка за објавување квалитетни преводи на врвните дела од областа на стрипот... Тука многу заостануваме. Во принцип, не се работи за големи износи, а придобивките се многукратни. Стрипот е многу благодарна уметност. Тој е мост помеѓу визуелните и литературните светови кој полесно допира до младите. Преку него се создава и се зголемува навиката за читање, тој може да поттикне дијалог со адресирање важни социјално-ангажирани теми итн. Ние сме само едно мало делче од тој наш стрип-организам. Која е нашата причина? „Бункер“ на почетокот беше хоби, страст кон стриповите која ја влечам уште од седумдесеттите години од минатиот век (да, многу сум стар :) ). Поминаа 12 години од отворањето на стрип-книжарницата и кога ги гледам работите од денешна перспектива, мислам дека таа страст постепено премина во некаква потреба да се изразам креативно. Не ме бидува за цртање, така што книжарницата, а потоа и издаваштвото (од 2017 год. во едицијата „Апсолутни почетници“ објавуваме графички романи со силен авторски печат, како наративно така и визуелно) беше единствен начин некако да се исполни таа моја потреба за креативност. „Бункер“ денес е собиралиште на најразлични профили на луѓе, по возраст, пол, интерес, нација итн. кои делат иста пасија - љубов кон стрипот и токму оваа разновидност е нашето најголемо достигнување - ни споделува Владимир од „Бункер“.