Придобивки од престојот во природа
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Престојот во природа не е само добар начин да уживате во летото. Истражувањата покажуваат дека поминувањето време во природа може да го подобри вашето здравје и да го намали ризикот од смрт.
Дури и кратките паузи во природа може да бидат од корист. Според неодамнешно мало истражување, луѓето што поминале само 20 минути на место каде што се чувствувале поврзани со природата доживеале пад на нивото на хормонот за стрес. За да има ефект од природата, не значи да поминувате време во дивина. Дури и грижата за вашите цвеќиња во саксиите на вашиот прозорец може да биде добра за вас.
- Честопати размислуваме за пристапот до природа како за бенефиција. Но, треба да почнеме да размислуваме за овие искуства како нешто што ни е потребно за одржување здрав живот - вели Питер Џејмс, асистент-професор на Факултетот за медицина на Универзитетот „Харвард“.
Истражување спроведено во 2017 година посочува поврзаност помеѓу 20 здравствени придобивки и поминувањето време на отворено, вклучувајќи и подобар сон, намалена депресија, зголемена социјална поврзаност, подобрено закрепнување од операцијата, намалена прекумерна тежина и подобро здравје за луѓето што се лекувале од рак. Друго истражување покажа дека престојот во паркови, шуми и други зелени површини е поврзан со намалена смртност од топлотен удар, кардиоваскуларни болести и дијабетес кај постарите деца.
Секое природно опкружување може да обезбеди терапевтски ефекти, вели д-р Џесика Инлеј, доктор на науки и еколошки геронтолог на Институтот за социјални истражувања во Мичиген. На пример, луѓето традиционално оделе на море или други извори на вода за лекување.
Постојат четири основни начини на кои природата може да го подобри здравјето, вели Џејмс. Прво, обезбедува тампон од загадувањето на воздухот, загадувањето со бучава и топлина кои се поврзани со поголем ризик од хронични болести. Второ, природата - без оглед дали е шума или дрвја на улица, дава можност да бидете физички активни, што може да го подобри здравјето на повеќе начини, особено со намалување на ризиците од рак и кардиоваскуларни проблеми и преку подобрување на менталното здравје и когнитивните функции. Трето, природата нуди можност за дружба со пријателите, што е поврзано со подобрување на здравјето. Четврто, природата директно го подобрува здравјето помагајќи им на луѓето да закрепнат од стресот и да го вратат својот фокус. Оваа корист може да помогне во објаснувањето на долгорочните намалувања на хроничните болести поврзани со природата.
Иако престојот во природа може да донесе разни здравствени придобивки, се чини тешко да се постигне, особено ако живеете во урбана средина или имате проблеми со мобилноста.
Но, тоа не мора да биде страшно, вели Мери-Керол Хантер, професор на Школата за животна средина и одржливост на Универзитетот во Мичиген. Во истражувањето на Хантер, на учесниците им било дозволено да изберат која било надворешна локација што прави да се чувствуваат поврзани со природата. За некои луѓе тоа значело само излегување од зградата на место со јасен поглед кон небото.
Изберете го природното искуство што е достапно и терапевтско за вас. Дури и ако не можете да излезете надвор, постојат докази дека гледањето низ прозорецот, па дури и гледањето сцени од шуми и ливади на компјутерскиот екран може да има придобивки.
Ако сакате да ги максимирате придобивките од природата, обидете се да го почувствувате надворешниот простор без да ви биде одвлечено вниманието со мобилниот телефон.
- Треба да бидете присутни во каква било верзија од природата во која се наоѓате - вели
Хантер.
И последно, почнете со малку. Дури и луѓето што ја сакаат природата можеби не се ангажираат да престојуваат во неа онолку колку што мислат дека треба. Хантер предлага да се почне со само 5 минути престој во простор поврзан со природата.