Еве кога можете да ги видите спектакуларните метеорски дождови ова лето
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Љубители на астрономијата, подгответе се за двата метеорски дождови што ќе го осветлат небото ова лето - „Персеиди“ и „Јужни Делта Аквариди“, а уште подобро е тоа што тие ќе се преклопат во август.
Метеорските дождови се небесни настани предизвикани од струите на вселенските остатоци наречени метеороиди, кои влегуваат во Земјината атмосфера со екстремно големи брзини на паралелни траектории.
Метеорскиот дожд „Jужни Делта Аквариди“ е официјално активен од 12 јули до 23 август секоја година, а најдобро се гледа околу 28 јули. Го доби своето име затоа што светлата точка на метеорскиот дожд речиси се усогласува со ѕвездата Скат (Делта Аквариди). Овој метеорски дожд повеќе е видлив на јужната хемисфера, меѓутоа, може да се види и од средно-северни ширини. Се очекува да произведе 10 до 20 метеори на час во одредени периоди.
Фото: Instagram
Метеорскиот дожд „Персеиди“ ќе биде највидлив во текот на утрата на 11, 12 и 13 август, а метеорите и понатаму ќе бидат видливи околу 10 дена по врвот, иако со намален број. Голема е веројатноста метеори од „Јужни Делта Аквариди“ да летаат истите вечери.
„Персеидите“ се предизвикани од остатоци што паѓаат од опашката на кометата Свифт-Тутли кога доаѓа во контакт со атмосферата на Земјата и претставува еден од најпопуларните настани за астрофотографите и љубителите на астрономијата.
Извор:
Lonely Planet