Навистина штитат: Благодарение на маските, фризерки што имале Ковид-19 не заразиле ниеден од 140 клиенти

Навистина штитат: Благодарение на маските, фризерки што имале Ковид-19 не заразиле ниеден од 140 клиенти

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Носењето маски доби нова поддршка од истражувања кои покажаа дека фризери од Америка не ја пренеле болеста на ниеден од 140 клиенти што ги примиле во период од неколку дена кога биле заразни и развиле симптоми.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести опиша случај во кој носењето маски го спречи ширењето на Ковид-19.

Фризерка од Спрингфилд, Мисури, развила респираторни симптоми на 12 мај, но продолжила да работи до 20 мај, кога добила позитивен тест за Ковид-19. Таа ги игнорирала советите на епидемиологот за самостојно изолирање на 18 мај.

Друга фризерка што била во контакт со првата развила симптоми три дена подоцна, на 15 мај, и продолжила да работи до 20 мај, кога било потврдено дека првата фризерка била позитивна. Тестот на втората фризерка покажал дека и таа е заразена.

kovid
Фото: Pexels


Салонот бил затворен три дена за да се изврши дезинфекција, а епидемиолозите тргнале во потрага по нивните контакти. Тие идентификувале вкупно 139 клиенти што биле во нивниот фризерски салон. Останатиот дел од персоналот бил ставен во 14-дневен карантин.

И двете фризерки при секој контакт со клиентите носеле маски - едната фризерка носела двојна платнена, а другата двојна платнена и хируршка.

Епидемиолозите две недели ги следеле сите 139 клиенти и им понудиле тестирање по пет дена откако го посетиле фризерскиот салон. 67 од нив прифатиле тестирање и ниту еден не бил позитивен, а никој што одбил да се тестира не развил симптоми во периодот од 14 дена, колку што биле следени.

Клиентите биле од двата пола, на возраст од 21 до 93 години. Повеќето носеле маски во текот на нивниот престој во салонот, кој траел од 15 до 45 минути. Повеќето клиенти имале платнени или хируршки маски, а околу 5 отсто Н95 маски.

Научниците веруваат дека за ширењето на вирусот најодговорни се големите капки што излегуваат при кивањето и кашлањето, но и помалите капки што се создаваат кога лицето зборува.

Извор: Zimo.dnevnik.hr