И по 6 месеци од појавата на Ковид-19 импровизираме со образованието!

И по 6 месеци од појавата на Ковид-19 импровизираме со образованието!

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Експертите во образовните процеси предупредуваа и даваа насоки уште во април, се правеа анализи, дебати, медиумите постојано предупредуваа дека мора да се мисли на почетокот на новата учебна година

Пет месеци од прекинувањето на класичната настава во училиштата поради појавувањето на Ковид-19, нашиот образовен систем сѐ уште се соочува со големи предизвици како да почне новата учебна година. Во моментот не постои можност за онлајн-настава зашто постојните закони за основно и за средно образование предвидуваат наставата да се одвива во училница. Уредбите на техничката Влада за онлајн-настава се однесувале исклучиво за минатата учебна година.

Што се направи летово за да имаме стабилен почеток на учебната 2020/2021 година додека сѐ уште водиме тешка битка со заразната болест? Дали надлежните институции изгубија премногу време, зошто во уредбите што се донесуваа во март не беше вклучена и следната учебна година? Експертите во образовните процеси предупредуваа и даваа насоки уште во април, се правеа анализи, дебати, медиумите постојано предупредуваа дека мора да се мисли на почетокот на новата учебна година.

Кирил Барбареев, доктор на педагошки науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, смета дека во изминатите пет месеци, реално, многу малку се направи.


Проф. д-р Кирил Барбареев

- Клучниот проблем е што и по 6 месеци се нема концепт и дефинирани стратегии за работа. Се остави системот да импровизира. И ако во некој период имаше и доверба и сочувствување со состојбата, денес веќе довербата е загубена и кај родителите и кај наставниците. За жал, се губи довербата во системот и пак најголемите последици ги чувствуваат децата, наставниците, родителите - дециден е Барбареев.

Барбареев: Се кажа сѐ, и остана само на кажаното

Тој вели дека уште пред неколку месеци било посочено дека ќе дојдеме до овој момент – почетокот на новата учебна година, а Македонија нема да има уредена законска легислатива за флексибилна настава, онлајн или комбинирана. Така, две недели пред стандардниот почеток на учебната година останавме со единствената можна опција – настава со задолжително физичко присуство, а поради изборите и актуелната политичка состојба, сѐ уште немаме функционално Собрание кое може да изгласа промени во законите за образование.

- Уште пред неколку месеци беше посочено дека ќе дојдеме до овој момент. Многу стручни лица коментираа, сугерираа, кажуваа, предочуваа. Се кажа сѐ. И остана само на кажаното, како и многу пати досега. Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, неодамна ги повика владите и донаторите да му дадат приоритет на образованието за сите деца, вклучително и најмаргинализираните. Глобалната коалиција за образование беше формирана за поддршка на владите во зајакнување на учењето од далечина и олеснување на повторното отворање на училиштата - вели Барбареев.

Според него, досега требаше да се формира стручно национално координативно тело кое врз основа на информациите од експертите во здравство и Владата ќе посочува стручни одлуки за сите нивоа на воспитно-образовниот систем. Тука има два клучни момента - педагошкиот и административниот дел од обврските.

- Тоа тело требаше да создаде услови за реализација и дефинирање процедури како да се заврши учебната и академската година; каква инвестиција и инфраструктура е потребна; како со уписите 2020/21; како да се гарантира безбедноста на личните податоци; какви се реалните услови на секој ученик, на секое училиште на секој факултет, универзитет; како ќе се заклучи и оцени праксата? Потребни се законски измени на сите закони за образование (закон за деца, основно, средно, високо, настава, оценување, пракса...) - објаснува тој.

Наумовска: Искрено, можеби се направи превид

На прашањето зошто во уредбите не беше опфатена и оваа учебна година иако беше јасно дека епидемијата ќе потрае и дека ни претстојат парламентарни избори и опасност од блокирање на целиот процес, заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска вели:


Елизабета Наумовска

- Искрено, можеби се направи превид. Мислевме дека ќе поминат изборите и навреме ќе имаме Собрание кое ќе може да ги донесе сите одлуки. Одлуките на техничката Влада секогаш беа внимателно носени, редовно ги проверуваше Антикорупциската комисија. Насоките тогаш беа да се обезбедат услови да функционираат институциите во вонредната состојба, додека не се формираат Собрание и Влада. Требаше брзо да се дејствува, а сѐ што опфаќаше поширок опсег требаше дополнително да се образложува - објаснува Наумовска.

Факултети.мк и Деца.мк на почетокот од јули организираа онлајн-дебата во живо за тоа што треба да се стори и како да се организира наставата од 1 септември. Експерти даваа свои мислења и сугестии и посочија кои проблеми од последното тримесечје мора да се надминат. Тие дури предлагаа и конкретни начини како да се организира флексибилна настава во која ќе може да бидат опфатени сите ученици. На прашањето што останува да се направи во овој момент, Барбареев одговара:

- Да се формираат регионални стручни тела кои врз основа на контекстот на секоја средина ќе се обидат да подготват план и програма како ќе се одвива воспитно-образовниот процес. Многу време е пропуштено. Потребни се различни сценарија. Потребна е сериозна информатичка технологија и платформа. Одлуки во кои сите ќе веруваме дека се најсоодветните и најдобрите. На сите им е тешко, но мора да се работи и да се покаже дека можеме да се соочиме со овој предизвик. Колку е добар системот, се тестира во клучни моменти и настани - категоричен е тој.