Колумна: Во ринг со короната пред новата учебна година - сите со различни ракавици, а сите нокаутирани

Колумна: Во ринг со короната пред новата учебна година - сите со различни ракавици, а сите нокаутирани

И понатаму сметам дека постојат само неколку нешта што се бесценети – децата ни, животот и здравјето. Сè додека позициите во рингот се поставени вака како што се сега, треба да се пласира решение кое ќе биде во интерес на оние што сме ги создале и пред кои стоиме

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Половина месец до почетокот на новата учебна година. Половина година живот во корона-амбиент. Два тајминга во рамките на кои сите ние – родители, деца и наставници, како субјекти преку кои функционира воспитно-образовниот систем, опстојуваме како што мораме, како што умееме и, секако, како што сметаме дека треба. Сите ние тесно врзани со грубиот и посилен противник, многу драматично испреплетени и, за жал, фатени во клинч од кој единствено што е извесно е фактот дека рингот е исклучително мачен простор, мечот долго трае и ќе трае, противниците не се иста категорија, а судиите ја играат својата улога на начин кој покажува дека не е лесно, ваков меч и за нив е непознат, подразбира нови правила и ги става во состојба да се надеваат на нокаут на противникот во услови кога не е едноставно таа надеж да се држи и одржи жива - во услови кога ударите се тешки, непредвидливи и „под појас“ и од самиот противник, но и благодарение на неподготвеноста и неспособноста на нас од другиот агол на рингот да видиме и веќе еднаш зрело да прифатиме со каков противник имаме работа. Секако, благодарение на таа процена, и да создадеме можност за подигнување соодветен гард кој ќе ни овозможи да го дочекаме ѕвоното за крај на мечот на нозе и да се прогласиме за победници. Напротив, свесно дозволуваме сериозни нокаути и засега се чини дека трпиме удари на кои не умееме да одговориме.

Најлошото е тоа што и да имаме сила да се спротивставиме, не успеваме затоа што силата ја трошиме на убедување кој од нас удира посилно, кој повеќе се грижи за оние во рингот додека тие убедливо јадат ќотек, на прашања зошто не сме доволно подготвени, на солење памет како треба да се постапи без да се здогледа дека мечот се одвива вака токму затоа што тие постапки се погрешни, зошто главните удирачи како да чекаат крај помирени со поразот, зошто судиите не се на наша страна, па сме многу гласни со „Уа судија“ и, секако, во деградирање на сите посветени борци кои сè уште не ги фрлаат ракавиците, иако се претепани и едвај стојат. Многубројни борци - Роки Балбоа кој не се откажува и покрај свесноста дека е претепан.



Нејсе.

Многу се зборува и пишува околу тоа што ќе се случи во септември, кој ете го пред порти, полека замирисува и го носи здивот на учењето, на нови погледи од клупите, на нови млади умови кои чекаат нови хоризонти. Што и да се изговори и напише веќе, ќе се чини веќе апострофирано, веќе здогледано, веќе протолкувано, но сепак, сè уште нерешливо – токму како мечот кој брои рунди и никако да заврши.

Ако се обидам овој драматичен меч да го испишам како парче наша стварност и да објаснам зошто има ваков тек, ќе речам дека во едниот агол е противникот од тешка категорија кој мава мошне консолидирано со сета сила, а во другиот се на куп сите – и оние одговорните, и загрижените, и неверниците, и верувачите во теории на заговор, и ваксерите и антиваксерите, и фрлачите на анатема на Гејтс и на 5Г. Секој со свои ракавици, со свое гледање на мечот, со свое сфаќање што е ринг и зошто се вика така. Логично, негледањето во иста насока не може да даде ист поглед на нештата, а тоа разнопогледие има за резултат состојба да си лесна мета и да бидеш кутнат многу полесно. Што кажуваат двата агли во рингот, всушност? Што прават судиите? Како тренерите ја менаџираат борбата?

Првин, по којзнае кој пат нагласувам, имаме работа со силен противник, цврсто застанат во позиција на атак. Последиците сè уште ги гледаме секој ден и, за жал, ги броиме со горчлив вкус на немоќ. Но она што е поразително во целава сага е сепак фактот дека никако да се здогледа вистината според која оној другиот агол за сите, значи само едно - иста судбина за сите.

Затоа имаме родители кои и покрај толку очигледните и болни нокаути, наесен сè уште би си ги држеле децата во рингот под закрила на приказната дека и во ваков ринг мора да се живее, особено што ете, и вон него има други рингови во кои влегуваат, нели. Паркови, дискотеки, плажи. Како таму можат да се бијат, впрочем, и никој не паѓа. Ете, училиштата се еден таков ринг. Таму се учи и никаде на друго место. Зошто па токму училиштето како ринг би било пострашно. Им се смачи да им се дома и да учат со нив. Наместо нив, поточно. И да, не мора да ги подигаат рацете во гард. Нема белки баш па нив да ги удри. Маски на училиште никако, не можат да дишат со нив. Само тренерите - наставници да си преземат одговорност ако некое дете, скраја да е, биде нокаутирано, оти што им е друго работа. Тоа што тие како родители не ги научиле децата како да се однесуваат во рингот значи само едно – наставникот е одговорен. Учење на далечина, пак, никако. Толку се далеку, да ништо не научуваат. Тоа дека кога беа во близина, многу научуваа. Затоа средношколец со кој работам не знае да чита, Рембрант и Рамбо му се ист лик, таблица множење со 9 е математички проблем, а една четвртина ја препознава како големина само според бурекот кој го јаде за појадок. Ама во училишниот ринг среде битката со, засега, светскиот првак во тешка категорија има да влезе оти дома не се учи.

Затоа имаме и родители кои одат на одмор сосе децата. Еден врз друг, распослани по плажите. Оти само сега се живее и ниту еден тешкаш тоа нема да го смени. Оти треба да се живее. Тоа што тој еден единствен примерок на ограничен тајминг го изложуваат на ризик значи само едно – кому му е страв нека си седи дома. И нека си носи маска, никој не му брани. А и свадби ќе се прават. Секако. Кому му е страв, нека не доаѓа.

Затоа имаме и деца за кои рингот е журка. Гард, никаков. Кога да се журкаат, ако не сега? Удира? Ма ајде, млади сме само сега, ударите и онака не постојат. Рацете горе во урнебесен шунд ритам како заменски гард, во името на слободата. Тоа што не разбрале дека слободата е обврска и треба да знаат што да прават со неа за да ја сочуваат, значи само едно – возрасните се виновни.



Затоа имаме и наставници за кои просторот за учење е прашање на географија. Училницата света е единствениот ринг во кој можат да се викаат наставници. Како ќе ги научат? Како ќе го оценат детето ако не го гледаат? Што би кажала една колешка од Србија: „Велики српски професори енглеског језика предају из својих домова малим Кинезима путем интернета и могу да их уче и науче. Али исти тај енглески језик не могу да предају малој српској деци, јер мала српска деца тако ништа не науче.”

Тоа што во 21 век би требало да држиме чекор со светските образовни стандарди за кои училницата не е исклучив императив и во рамките на кои децата учат затоа што учењето им е предизвик, а не товар, значи само едно – доцниме и тоа ниту една импровизација не може да го смени.

Затоа имаме и судии-надлежни кои на толку малку време до новиот старт сè уште немаат конечно решение како ќе се влезе во рингот. Верувам и знам дека ја имаат најтешката задача. Во краток временски период слушнавме неколку можни решенија – од физичко присуство, преку учење на далечина, преку комбиниран приод по недели, преку селективен почеток на годината со физичко присуство само на децата од прво, второ и трето одделение, до можноста за пролонгирање на почетокот на учебната година за некоја недела. Ако се прифати моделот на физичко присуство, гардот подразбира униформен модел на безбедносни мерки за секое училиште, како пропишан формат на заштита. Тука можеби треба да се постави прашање дали училиштата со лоша инфраструктура, запуштени и нереновирани со децении, без соодветни санитарни јазли се во идентична состојба со училиштата кои немаат вакви елементарни тешкотии. Што со децата кои патуваат со јавен превоз од руралните средини? Што со можноста за спречување на негрупирањето? Како децата кои се журкаат, кога ќе дојдат на училиште да сфатат дека пред себе имаат животозагрозувачки околности, а имаат и родители за кои овој ужас е измислен? Што со ризикот во случај на заболување макар и на едно дете или наставник? Кој ќе биде виновникот што ќе треба да живее со тоа? Како ќе се правдаат тие нокаути?

Ако, пак, се прифати моделот на учење од далечина, како ќе се надмине реалната тешкотија во поглед на тоа дали сите деца имаат еднакви можности, како и дали и колку сите наставници знаат и умеат – веќе апсолвирана реалност која никој не успева да ја смени?

Ако се прифати моделот на комбиниран приод, како се намалува ризикот од удари во неделите кога децата и наставниците се на училиште? Што е различно од секојдневното одење на училиште?

Ако, пак, се избере одложувањето на почетокот на учебната година, колку реално и прецизно е проценет потребниот период, за да може да се смета дека ризикот навистина е намален? Сè на сè, многу тешка одлука. Но да, она што е факт е дека затоа се судии и затоа мора да умеат да видат како се одвива мечот, кој, каде и колку удира и соодветно со тоа да донесат одлука која во вака нерамноправна битка и во услови на постоење опции од кои ниту една не е совршена, ќе биде најисправното можно решение.

Ќе завршам со тоа што ќе речам дека и понатаму сметам дека постојат само неколку нешта што се бесценети – децата ни, животот и здравјето. Сè додека позициите во рингот се поставени вака како што се сега, треба да се пласира решение кое ќе биде во интерес на оние што сме ги создале и пред кои стоиме.