Колумна: Македонската сложувалка од илјада делови - Ќе ги најдеме ли вистинските?

Колумна: Македонската сложувалка од илјада делови - Ќе ги најдеме ли вистинските?

Редици пред банките, облечени во нервоза и препотување. Свадбари, позитивни но во очи свадба освежени со инфузии, за да можат да се веселат вечерта. Кластери кои повторно ги полнат болниците. Журкачи по концерти и „боеми” по кафеаните, со високо подигнати раце оти животот е еден. Никој нема право да им забрани влез во кафеана, местото за самопотврдување галиба

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Летово полека, но сигурно изминува. Првата половина од август е зад нас и тој тајминг означува дека кога новата учебна година е на прагот, летото е завршено и неговото заминување веќе се брои во денови. Би било многу убаво кога тој крај би подразбирал крај и на сите премрежија кои и летово, за жал, како и годината претходно, беа дел од нашите животи – репрограмирани според поинакви аспекти на живеење и обликувани онака како „шивачот” ќе нè облече. Тесно, со криви рабови, но прилично по мерка која, сепак, не ја разбравме. И сè уште не ја разбираме. Да не беше така, не ќе бевме сè уште во истото корона руво: грдо и без тенденција да го соблечеме.

Летово зад нас би можела да го исцртам како сложувалка, од типот на оние кои бараат многу размислување, наоѓање соодветни „пазли” и нивно поврзување во целина, за да се добие целосна слика од која ќе се види каде сме и како изгледаме. Секако, и да поттикне прашања во поглед на тоа сме можеле ли да не сме на истата и зошто сè уште нашиот „пазл” е дел од сложувалката, кога сме имале избор да не се вклопиме во неа.

Нејсе. Сложувалката има илјада делови. Секој дел има свое место, свој придонес и своја нијанса со која го прави колорот на сликата и сè уште, за жал, со тоа овозможува нејзино вклопување во животниот амбиент на секого од нас. Само кога би сакале да ја составиме, онака човечки и неоптоварени со сето она што во што сме се престориле (или она што секогаш сме биле, а само ни недостасувал „тригер” кој овозможил меѓусебно да си ги видиме лицата онакви какви што ни се. Онакви какви што можат да создадат само такви делови од сложувалката и упорно и упорно, постојано да ја составуваат). Само кога би сакале.

Кои се составните делови, оние мачни ововременски „пазли” кои ја објаснуваат сликата? Касиерка во маркет, со маска под носот или закачена на увото. Тројца купувачи залепени еден до друг во просторот помеѓу две ознаки на кои пишува „Држете безбедно растојание од 2 метра”. Жално поткинато соопштение залепено на вратата, на кое се гледа само: „Задолжително влегув” додека остатокот од листот се вее во позиција на залудност. Уште еден купувач, кому му е сугерирано да си ја стави маската, озабен вели:Ај ти гледај си ја твојата работа и не ми соли мене памет.

Редици пред банките, облечени во нервоза и препотување. Свадбари, позитивни но во очи свадба освежени со инфузии, за да можат да се веселат вечерта. Кластери кои повторно ги полнат болниците. Журкачи по концерти и „боеми” по кафеаните, со високо подигнати раце оти животот е еден. Никој нема право да им забрани влез во кафеана, местото за самопотврдување галиба.

Ете го и делчето на кое се гледа моторџија во глуво доба, во бесно излевање на силата од кое скокаш во постелата. На обидот да се пожалиш бидејќи тоа во нормалниот свет се вика нарушување на јавниот ред и мир, следува одговор: Ако сакаш тишина, врати се во селото. Ова е град.

Следуваат изморените здравствени работници, максимално посветени на оние кои како луѓе, тоа не го заслужуваат. Затоа што не се луѓе. Над главите на лекарите, пишува „Убијци”. Некои чудни луѓе, завиткани во знамето на Вергина во став АТАК, за одбрана на своето право да не се вакцинираат. Оти вештеркава што уништи повеќе од 5.000 семејства и уште е тука не постои. Заговор е за депопулација, за труење и имаат право да се борат за своите права. Над главите им летаат авиони со бела трага. Во рацете сликата на Бил кој се заканува со чипови, надополнета со злокобна 5Г мрежа. Рацете кренати во тупаница, чиниш од зандани излегуваат. Лицата им се искривени, необјасниви во сопствените нијанси на несфаќање што се случува. Хушкачи, потпалувачи. Зад сите нив, огнови што пеплосуваат нешто повеќе од домата напатена. Ја пеплосуваат и надежта дека можеме да бидеме подобри луѓе.

Делчето со родителите кои не читаат што пишува, но знаат што значи тоа што пишува и по автоматизам се против. Знаат што ќе им учат децата уште од прво одделение и тоа е само за осуда. А и за срамој, секако. Ги праќаат децата наесен на училиште, доста седеа дома и по улици, но нема да дозволат да носат маски со часови. Оти и онака им се постојано на улица, зошто не би можело и на училиште? Нема да дозволат да им се вакцинираат децата. Оние што веќе ги вакцинирале, за нив не се родители и допрва ќе ги видат последиците. Не сакаат онлајн-настава оти децата неписмени остануваат. Малкумина се залагаат за онлајн-настава, во тивок обид да објаснат дека здравјето на децата е сепак најважно. Сакаат и комбинирано, што дека тоа ќе значи дуплирање на работатата на наставниците. Не сакаат учебници во дигитална форма, оти децата и без очи и без 'рбет ќе останат. Сакаат хартиени учебници, оти така мириса знаењето. Сите се на сликата и ѝ додаваат баласт кој тежи и не се објаснува.

Ете го и делчето каде се гледаат надлежните, кои на две недели пред стартот во напор да обезбедат задоволство на сите гореспоменати, сè уште калкулираат со опциите. Сценаријата се на маса, распослани пред нив како плановите за битка пред генералите. Се разгледуваат како опции пред напад на непријателот, иако станува јасно дека само една опција има логика во ваквата слика – онлајн-наставата. Ако се сака да се добие војната. Ако се земе предвид дека многу битки загубивме.

Можам да додадам уште многу „пазли” за да ја надополнам сликава, која сè уште стои закачена во домовите на секого од нас. Врамена е во теснотија, обременета со тежина заради која тешко стои на ѕидот, но сè уште не можеме да ја тргнеме. Не умееме, не сакаме, не можеме – не знам. Знам само дека она што го гледаме е она што го живееме, а за да заживееме онака како што животот заслужува, за да може живот да се вика, ќе мора да внесеме нови „пазли” – умни, човечни. Оние кои на сликата ќе и дадат ведар колор, кој толку многу ни недостасува.