НАСА го ангажира д-р Томче Рунчевски да раководи со истражувањата на најголемата месечина на Сатурн

НАСА го ангажира д-р Томче Рунчевски да раководи со истражувањата на најголемата месечина на Сатурн

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Се верува дека на Титан е можно да постои живот или, пак, дека живот постоел во минатото или ќе се создаде во иднина, вели проф. д-р Рунчевски во интервјуто за Факултети.мк

Титан е единствено тело во Сончевиот Систем (покрај Земјата) што има густа атмосфера, дожд, езера и мориња. Се верува дека на Титан е можно да постои живот или, пак, дека живот постоел во минатото или ќе се создаде во иднина, вели д-р Томче Рунчевски, професор на Јужнометодистичкиот универзитет (ЈМУ) во САД, каде што води катедра и истражувачка група за физичка хемија. Американската вселенска агенција НАСА го ангажира Рунчевски со својот тим да направи предистражувања за мисијата во 2026 година.

Проф. д-р Томче Рунчевски

Роден е во Ресен, а во моментов живее во Далас и работи како професор на ЈМУ, основан во 1911 од Методистичката црква, но денес е секуларен универзитет со целосна независност.
- Од скоро универзитетот има нова стратегија да стане светски научен центар и вложува многу во наука и во нови катедри, како таа со која раководам. Иако интернационално не е многу познат, ЈМУ е еден од најскапите универзитети во Америка, и тоа во топ-30 по цена на семестар, со неверојатно добри ресурси - вели Рунчевски.

Летово Американската вселенска агенција НАСА најави нова мисија во 2026 година, а веста ја пренесе www.space.com. Можете да ни објасните за што се работи?

- Пред неколку месеци НАСА објави дека новата мисија New Frontiers ќе биде посветена на Титан, месечината на Сатурн. Титан е единствено тело во Сончевиот Систем (покрај Земјата) што има густа атмосфера, дожд, езера и мориња. Се верува дека на Титан е можно да постои живот или, пак, дека живот постоел во минатото или ќе се создаде во иднина. Во 2026 НАСА ќе го испрати роверот „Драгонфлај“ (Dragonfly), кој ќе помине околу 3 месеци на површината на ова тело. Роверот ќе се движи по цврстата подлога, а и ќе лета во атмосферата, притоа собирајќи и анализирајќи податоци. Целта на мисијата ќе биде подобро да ја проучи структурата на оваа месечина, особено со надеж дека ќе ја разјасни дилемата дали е можен живот на Титан.

Вие ќе го предводите тимот кој ќе ги спроведе истражувањата што ѝ претходат на мисијата. Што точно ќе истражувате?

- Уште пред се објави оваа мисија нашата истражувачка група започна со експерименти кои може да помогнат да се дознае повеќе за тоа како навистина изгледа Титан одблиску. На наше задоволство, овој проект беше финансиран со 800.000 долари од стартап-фондот од Универзитетот, а и од Фондацијата „Велш“ (Welch Foundation) со тригодишен грант од 195.000 долари.

Дел од опремата со која работат / Фото: Јужнометодистички универзитет (ЈМУ)

Експериментите се одвиваат во нашата нова лабораторија на ЈМУ, која е опремена со најсовремена опрема, но и во две национални лаборатории, и тоа синхротронот на Националната лабораторија „Аргон“ (Argonne National Laboratory) и неутронскиот реактор на Националниот институт за стандарди и тестирање (National Institute for Standards and Testing). Така што може да кажеме дека имаме прилично добри услови за да ги реализираме планираните експерименти. Главна цел ни е да дознаеме повеќе за тоа како изгледа структурата на површината на Титан.

Какви се условите за живот на Титан? По што се слични на Земјата?

- Условите на Титан се толку многу слични, но и толку различни од условите на Земјата. Двете тела имаат густа атмосфера, која предоминантно е составена од азот. Двете тела имаат облаци и врнежи. Меѓутоа, на Титан наместо вода, врне течен метан, и тој паѓа во езерата и морињата кои се составени главно од етан. Во само две-три од овие мориња и езера има повеќе јаглехидрати споредено со цела нафта на Земјата. Морињата и езерата се наоѓаат на половите, додека пак на екваторот има пустини од прашок кој се состои од органски молекули. Цел овој свет се наоѓа врз огромна површина од замрзната вода, а и има индикации дека постојат и вулкани од мраз. Целиот овој свет е замрзнат, на температурата од -180 Целзиусови степени. Како што може да замислите, не може да се очекува дека на Титан ќе има ист живот како на Земјата. Меѓутоа, ги има сите услови за поразличен, метаногенски живот.

Што очекувате да покажете/докажете со лабораториските истражувања?

- Очекуваме да дознаеме малку повеќе за тоа како изгледа површината на оваа месечина. Познато е дека површината се состои од езера и мориња, пустини, но и минерални депозити. Ние сме заинтересирани баш за овие минерални депозити, кои се малку изучени. Со нашите експерименти планираме да ја симулираме средината на Титан, и тоа температурата, атмосферата, хемиските реакции и сл., со цел да видиме какви сè минерали може да се создадат на површината.

Роверот „Драгонфлај“/ Фото: НАСА

Ако на Земјата минералите се неоргански – силикати, оксиди и сл., на Титан овие минерали се органски и главно се состојат од јаглеводороди. Познавањето на кристалната структура и на хемиската композиција на овие органски Титанови минерали е важно поради две причини. Прво, „Драгонфлај“ веројатно ќе слета врз вакви депозити, па исклучително е важно да се знае повеќе за нивните физичко-хемиски својства. Второ, познато е дека минералите имале важна улога за прапочетоците на живот на Земјата, така што нашите истражувања може значително да помогнат во потрагата по Титанов живот.

Да се вратиме на Вашите почетоци во науката. Кога знаевте дека хемијата ќе биде она со што ќе се занимавате во животот?

- Прво бев заинтересиран за биологија, но подоцна сфатив дека хемијата и физиката ми се многу поинтересни. Одлучив да студирам хемија бидејќи, од една страна, имав солидни професори по хемија во средно школо, а од друга страна, цврсто верував дека Институтот за хемија на ПМФ е едно од ретките места во Македонија каде што се работи на наука. Дел од научниот кадар на Институтот е исклучително солиден како за наука така и за образование, па мило ми беше што го направив овој избор. Баш овој избор ми помогна да стигнам таму каде што сум. Моментално работам колку на хемија толку и на физика, со еден збор, на физичка хемија, и баш на она што сакав да го работам кога бев дете.

По магистратурата на УКИМ продолживте со докторската дисертација на една од најреномираните институции во светот – Институтот „Макс Планк“ во Германија. Што беше пресудно за изборот?

- Хемијата е скапа наука и за да се постигне успех, потребни се ресурси, традиција, трансфер на знаење... Институтот „Макс Планк“ во Германија е еден од најреномираните центри за наука во светот. Ретко која друга институција може да се пофали со 33 нобеловци! Затоа решив да бидам дел од овој институт, каде што докторирав во 2014, а наредната година го добив и медалот Ото Хан за исклучителни достигнувања во обласна на науката, медицината, технологијата и општествените науки во Германија. Потоа решив да ја сменам институцијата за да научам нешто ново. Затоа постдокторските студии ми беа на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија, што е уште едно навистина реномирано место за наука. На „Беркли“ поминав три години, а потоа ја почнав мојата кариера на ЈМУ.

Кое е полето на Вашиот научен интерес?

- Нашата истражувачка група генерално се занимава со наука на цврста состојба. Просто кажано, ние сме заинтересирани за тоа како атомите или молекулите се организираат во просторот и градат цврсти соединенија.

Јужнометодистичкиот универзитет (ЈМУ) / Фото: ЈМУ

Навистина е важно да се знае како овие градбени единки се организираат во тридимензионалната решетка бидејќи структура ги диктира нивните физичко-хемиски својства. Ние сме заинтересирани да ја проучиме оваа релација помеѓу структурата и својствата, а и тоа како може да постигнеме нови и подобри својства со контролирани промени на кристалната структура на материјалите.

Не се поминати многу години откако заминавте од Македонија. Како го оценувате третманот на науката кај нас?

- Летово го посетив Институтот за хемија и, искрено, ми беше жал да видам дека во последниве 5 години ситуацијата е реално влошена од она што беше. Се плашам дека тоа важи и за другите институции во Македонија.



Пред Вас е долга научна кариера. Кој е Вашиот сон како научник?

- Да не звучи како клише, но се чувствувам дека го живеам мојот сон како научник – имам целосна слобода да изберам на што сакам да работам, зад мене имам тим од талентирани соработници и студенти и навистина добри ресурси. Тоа е сè што му е потребно на еден научник.