Во април ќе биде отворен првиот хотел на Северниот Пол
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали некогаш сте сонувале да ја поминете ноќта во игло на Северниот Пол?
На најсеверното место на Северниот Пол ќе се отвори привремен хотел во април 2020 година. Хотелот нуди можност за искуство какво што нема да доживеете никогаш. Освен тоа, хотелот нуди прозорец што гледа само на југ.
Хотелот ќе биде составен од 10 куполи со греење каде што гостите можат да спијат под ѕвездите.
- Северниот Пол со години беше една од најексклузивните дестинации во светот, но нема убави и удобни сместувачки капацитети - објаснува Јан Хонканен, основач на „Лакжри екшн“, туристичката компанија што стои зад амбициозниот проект.
- Сакав да создадам поудобен начин да се доживее Северниот Пол со тоа што ќе овозможам пријатни услови во екстремни услови - вели Јан.
Само околу 1.000 луѓе годишно го посетуваат Северниот Пол, а оние што се одлучуваат за оваа дестинација обично го посетуваат со шатори, но мора да носат и цела опрема за да преживеат во оваа непријателска, студена средина.
Но, сега хотелот ја нуди целата опрема, така што патниците не мора воопшто да се грижат.
Фото: Luxury Action
- Ја обезбедуваме целата опрема. Но, дефинитивно треба да имате дух на истражувач и научник - вели Хонканен.
На патниците им е загарантирана можност да ја видат поларната светлина бидејќи таа е многу активна во текот на април.
Но, авантурата на Северниот Пол и не е баш евтина - целиот пакет ќе ве чини 95.000 евра. Ова опфаќа дводневен престој во Свалбард, последниот граничен град помеѓу копнена Норвешка и Северниот Пол, лет и логистика до и од Северниот Пол, како и престој во хотелот, заедно со оброци и водичи.
Наместо да останат на едно место на еден од арктичките глечери, иглоата ќе бидат преместувани на најбезбедните места ако и кога ќе се променат временските услови.
Посетителите ќе имаат можност и да престојуваат неколку вечери во хотелот на компанијата „Октола“, кој е со пет ѕвезди и се наоѓа во финска Лапонија и да добијат обука за Северниот Пол за дополнителен надомест.
Додека главната цел е патниците да го искусат Северниот Пол на нов и уникатен начин, Хонканен се надева дека оние што ќе престојуваат во хотелот „Северен пол игло“ ќе можат да дејствуваат како „гласници“ и да помогнат во подигнувањето на свеста за ефектите од климатските промени во регионот.
- Не само што обезбедуваме уникатно искуство, туку и сакаме да ги прошириме информациите за тоа што се случува. Како климатската криза влијае врз локалната култура, храна и животните на
Арктикот. Ефектите ги гледаме од прва рака - вели Хонканен и истакнува дека неговиот хотел не претставува никаква закана за арктичката околина.
- Сè што ќе донесеме тука, го враќаме - вели тој, додавајќи дека целата структура ќе биде спакувана и вратена во Свалбард на крајот од месецот.