Пред интернетот Американците користеле телефонска линија за да слушаат поеми
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во 1970 година Американците можеле да се јават на број и да слушаат поезија од огромна листа со поети благодарение на телефонската линија што била отворена само за таа намена. Оваа телефонска линија поврзувала милиони луѓе со една просторија со телефони од која се пуштале снимки од песни и говори.
Сè почнало во Њујорк, во станот на уметникот и активист Џон Џјорно, кој во тоа време бил љубовник на Енди Ворхол. Тој се сетил на идејата едно утро додека разговарал на телефон. Бил нервозен и си помислил како би било доколку слушне глас кој рецитира поема од другата страна од линијата наместо иритирачкиот глас што го слушал во моментот. Тоа било време пред интернетот, кога не било така лесно да се слушне поема во кој било момент.
Така се создала телефонската линија „Слушни песна“ (Dial-A-Poem). Џјорно поставил 15 телефони во една просторија и ги поврзал со уреди за снимање. Насекаде имало жици, кои за нас би изгледале примитивно, но тогаш тоа било напредна технологија.
Фото: YouTube
Жителите на САД можеле да се јават од каде било и да слушнат песна по случаен избор. Понекогаш се пуштале политички говори, комедија или музика и тие секојдневно се менувале. Телефонската линија била хит и за неа се пишувало во познати весници и списанија.
За „Њујорк тајмс“ во 2005 Џјорно открил дека телефонската линија најмногу се користела од 9 часот до 17 часот. Американците се јавувале на линијата и помеѓу 20:30 часот и 23:30 часот, а имало и повици од 2 часот до 6 часот наутро.
Џјорно тврдел дека линијата подоцна влијаела врз создавањето на другите телефонски
информативни услуги, од банкарството до информирањето за најновите филмови во кината. Линијата била популарна неколку години и во 1971 добила конкуренција од линии за вицеви и хороскоп. Во 2005 се преселила на интернет како отворена архива, а накратко била оживеана како линија во 2017.
Џјорно бил поет кој бил многу гласен за своите искуства како хомосексуалец. Тој основал хуманитарна организација за СИДА во 1984 г. Додека му бил љубовник на Ворхол, му бил и муза. Во текот на својот живот имал и издавачка куќа која функционирала како непрофитна организација. Починал во октомври 2019 на 82-годишна возраст.
Извор:
messynessychic.com