Сѐ помалку кандидати за идни наставници, шумарски инженери, академски музичари, доктори по ветеринарна медицина
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Разбирливо да има опаѓање затоа што гледаме намалување и на бројот на ученици во средните музички училишта, од каде што ги добивме 99 отсто од кандидатите, вели проф. д-р Живко Фирфов, декан на Факултетот за музичка уметност од Скопје
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се намалува интересот на младите да учат за наставници, за ветеринари, шумарски инженери, да изучуваат музичка уметност. Вчера заврши запишувањето во вториот уписен рок на 23. факултети при УКИМ. Една од причините е помалиот број на матуранти, меѓутоа, за некои струки се забележува пад во интересот во последните години и има директна врска општествениот статус на самата професија.
По првиот уписен рок уште 988 студенти може да прими Природно-математичкиот факултет, 983 - Филолошкиот, 844 - Правниот, 547 - ФЕИТ …
Вкупно 24 студенти се запишале по двата уписни рока на Педагошкиот факултет, на струката одделенска настава на македонски јазик. За албански јазик, интересот е поголем – се запишале 50.
- Се намалува интересот за професијата наставник. И покрај тоа што државата правеше вид промоција на претшколското образование, со ширење на опфатот на децата во градинка, сепак, нема реални поголеми вработување во оваа дејност. За вонредно студирање интересот е стандарден, тоа се најчесто негувателките кои сакаат да станат воспитувачки. Пад во интересот се забележува и на албански наставен јазик, иако не толку голем. Државата треба многу да ни помогне. Наставникот сè уште го нема вистинското место во општеството, под стрес е, постојано е под надзор од некакви инспекции, постои страв од казнување - вели проф. д-р Весна Макашевска, продеканка за настава на Педагошкиот факултет.
Фото: Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“
Проф. д-р Кирил Сотировски, декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, споделува дека и таму не се задоволни од интересот.
- Во првиот рок примивме 13 студенти, а лани имавме 20. Имаме три насоки. На пејзажно дизајнирање – 6, на шумарство – 5 и на екоинженеринг – 2. Малиот интерес се должи и на помалиот број матуранти, меѓутоа, факт е дека секторот шумарство е сè послаб во државава. Иако речиси нема невработени шумарски инженери во државата, што значи дека за некое време пак ќе се појави потребата од нови инженери. Мислам дека ни фали и поголема промоција, како младите да не знаат што сè може да се научи на нашиот факултет. Периодов правиме подобра интернет-страница, годинава добивме одобрување за осум асистентски места, од кои пет се пополнети и во однос на кадар сме подобрени.
Сè помал е интересот за студирање и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Деканот Живко Фирфов посочува дека од минатата година бележат опаднат број на студенти.
- За нас е разбирливо да има опаѓање, затоа што гледаме намалување и на бројот на ученици во средните музички училишта, од каде што ги добивме 99 отсто од кандидатите. Во првиот уписен рок запишавме 42 студенти. Во моментов некако сите професионални оркестри се обновени со кадар, мислам дека се гледа и тој момент каде ќе се работи откако ќе се заврши. Годинава решивме да ја ставиме во мирување насоката за џез-музика оти имаме нерешени кадрови проблеми - вели деканот Фирфов.
Во првиот уписен рок на Факултетот за ветеринарна медицина се запишани 14 студенти, а останаа 20 слободни места за следните уписни рокови, што е најмал број досега, вели деканот Лазо Пендовски.
- Можеби бројот е мал, но нѐ радува што кандидатите се со високи поени, односно повеќето се со одличен успех од средното училиште. Тоа нè охрабрува дека ќе имаме добри студенти кои треба да се здобијат со титулата доктор по ветеринарна медицина по завршување на студиите. Тоа можеби е и наша предност бидејќи студентите ќе имаат можност за т.н „hands on work“ практика и директно учење од професорите во лабораториите и клиниката, што претставува предност при изучувањето на биомедицинските науки - вели Пендовски.
Тој вели дека малку е чудно што додека во цел свет за оваа струка има големо побарување, кај нас не е така, иако сè повеќе луѓе имаат домашни миленичиња и речиси не постои невработен доктор по ветеринарна медицина.
- Можеби нашиот студиум е тежок за студентите бидејќи трае пет и пол години и се студира компаративна медицина кај животни. Меѓутоа, ветеринарната медицина е регулирана професија и е директно уредена и заштитена со директивите на Европската Унија, а звањето што се добива по завршувањето е еквивалент на магистер, што овозможува директен упис на трет циклус на докторски студии. Оваа година ние сме еден од ретките факултети на УКИМ што имаат акредитирана програма на англиски јазик, но не успеавме да запишеме кандидати, иако имаше заинтересираност на поголем број кандидати изразена преку официјалната е-пошта на факултетот.
Сметам дека процесот на уписи и нострификација на странските дипломи во Македонија почнува многу доцна, односно во август, и дотогаш студентите веќе имаат избрано каде ќе учат - вели Пендовски.